Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и раководителите на Центрите за развој на осумте плански региони денеска ги потпишаа Договорите за финансирање на активности за поттикнување на рамномерниот регионален развој.

Со десет милиони денари обезбедени во рамките на проектот Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, поддржан од швајцарската Влада, во наредната година, Центрите за развој во осумте плански региони ќе организираат по четири регионални форуми во кои што ќе бидат вклучени жителите од општините во планскиот регион.

Преку инклузивен пристап ќе бидат дефинирани регионалните приоритети, како резултат на што граѓаните кои што ќе учествуват на форумските сесии ќе одлучат кој проект во планскиот регион ќе биде финансиран во следната фаза, а за кој веќе се обезбедени средства со поддршка на швајцарската Влада.

Целта е да се подигне свеста за заеднички пристап во решавањето на регионалните прашања, преку вклученост не само на локалните власти туку и на граѓаните.

- Ќе ја истакнам поддршката за подготовка на проекти во неколку важни области, како што се поттикнување на развојот на туризмот, животната средина, бизнис инфраструктурата како и социјалната инклузија. Главно станува збор за инфраструктурни проекти кои што можат брзо да продуцираат ефекти, како и изработка на техничка документација за големи регионални проекти, со што ќе може да се аплицира во други фондови, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, кој го истакна учеството на граѓаните како нов пристап во планирањето на регионалните приоритети.

Во наредната година ќе бидат финансирани и активности на Бизнис центрите кои што функционираат во рамките на секој регионален центар, главно за обезбедување на советодавни услуги за потенцијалните и постојните мали и средни претпријатија.

На прес-конференција, вицепремиерот Бујар Османи го презентираше извештајот за реализација на Планот 3-6-9.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска одржа прес конференција на која информираше за реализацијата на програмските цели во периодот јуни 2017-април 2018 година:

- Досега 4535 стечајци добија позитивни решенија согласно законот усвоен од оваа Влада.

- Околу 90 илјади луѓе кои имале плата пониска од минималната, сега земаат повисока плата. Законот за минимална плата за прв пат опфати работници од текстилната и кожарската индустрија. Ова има ефект и врз зголемувањето на просечната плата.

- Воведени се следните мерки за унапредување на правата на лица со попреченост: престана потребата од конзилијарно мислење и наод од најмалку 3 лекари за остварување на правото за паричен надоместок за помош и нега од друго лице; правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за мобилност, слепило и глувост се остваруваат без оглед на висината на приходите на лицето кое има потреба од истото; надоместокот за скратено работно време на родители на деца и лица со попреченост се остварува без оглед на возраста на лицето; правото на посебен додаток до 26 година по автоматизам преминува во право на помош и нега од друго лице; со законски измени се обезбеди скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и после 26 години.
- За првпат усвоена програма за персонална асистенција на лица со попреченост, целосно финансирана од Буџетот. Во оваа фаза ќе се обучат 100 лични асистенти. За децата кои посетуваат училиште, со учебната 2017-2018 преку програмата за општинско корисна работа, обезбедени се средства за 140 асистенти за настава во 18 општини во РМ.
- Обезбедени се средства за нови 138 вработувања во центрите за социјална работа

- Формиран специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории при ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје

- Отворени се три нови регионални преноќувалишта за бездомни лица во Битола ,Струга и Струмица, а се проширија капацитетите на веќе постоечкиот центар "Момин Поток" во Скопје.

- Трошењето на парите од посебниот фонд за вработување на инвалидни лица во АВРМ е транспарентно и јавно објавено.

- Лицата кои заради примени пари по брз трансфер, го изгубиле правото на социјална помош може повторно да аплицираат.

- Во однос на капиталните инвестиции во социјална заштита, покрај започнатата изградба на современ Центар за аутизам во Скопје, само во текот на 2018 година ќе се отворат: два дневни центи во Куманово за лица со интелектуална попреченост, дневен центар за Даунов синдром во Скопје кој е во финална фаза на изградба, дневен центар за церебрална парализа во Прилеп кој ќе биде готов во јуни, ќе бидат обезбедени две станбени единици во Неготино и село Тимјаник, а ќе се прошири капацитетот на ошпштинскиот дом во Берово.

- Нацрт Стратегијата за деинституционализација вчера беше јавно презентирана. Клучните заложби за наредниот период се: да нема деца под тригодишна возраст сместени во институции до 2020 и да се трансформира Специјалниот завод Демир Капија и ЈУ за згрижување на деца со воспитно образовни проблеми ,,25 Мај''. Првите преселби на корисници од сегашните институции во служби за живеење со поддршка во заедницата ќе се случат на средина на 2018 година. Процесот на трансформација е започнат.

- Отворени градинки во Врапчиште и Старо Нагоричане, наскоро ќе профункционираат објектите во Зрновце, Прилеп, Чашка, Караслари -Велес, а привршуваат и процедурите за градинките во Маврово Ростуше, Прељубиште, Куманово и Кавадарци. Во текот на 2018 година ќе се изгради или адаптира соодветен простор за предучилишни установи и во Кривогаштани, Чешиново - Облешево, Чучер Сандево, Горобинци, Кравари-Битола, Марена-Кавадарци, Конче, Валандово, Пробиштип, но и во други места низ државата за кои што општините ќе подготват соодветни проекти.

- Обезбедени се 486 вработувања на неопределено време во детските градинки.

- Воведено двосменско работење на градинките.

- Самохраните родители со ниски примања ослободени од плаќање надоместок во градинки.
- Децата од семејства корисници на социјална помош ослободени од плаќање на здравствена партиципација.
- Ратификувана е Истанбулската конвенција. Течат активностите за имплеметација на обврските од Конвенцијата, подготовка на законски измени и воведување соодветни сервиси за заштита и превенција на родово базирано насилство (шелтер, кризни центри)

- Подготвен нов закон за заштита од дискриминација по европски терк.

- Решавање на проблемот на околу 3000 лица неевидентирани во Матичната книга на родени – објавен повик од Управата за водење на Матични книги за пријавување на лица кои не се евидентирани во Матичната книга на родени.
- Обезбедивме времено сместување на лицата под Кале, а се работи на трајно решение.
- Потпишан Меморандум со комора на извршители за да се спречи блокирање на сметки на приматели на СПП
- Оперативен план на мерки за вработување за кој се издвоија над 1 милијарда денари. За разлика од претходните оперативни планови за вработување, оваа година е поедноставена содржината на програмите и услугите. Јасно се дефинирани критериумите, како и корисниците на кои се однесуваат програмите за вработување. Годинава е дадена можност за комбинација на мерките, односно по завршувањето на една мерка, истото лице може да биде корисник на друга мерка.
- Воведување на Младинска гаранција за зголемен опфат и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот – започната е пилот фазата во Скопје, Гостивар и Струмица.

- Во тек е најзначајната активност која ќе значи системска промена на социјалната заштита, односно изработка на целосно нов Закон за социјална заштита кој ќе се даде на јавна расправа во мај 2018. Со ова решение ќе се воведе минимален адекватен приход - повеќе средства за најсиромашните. Издвојување на материјалните (паричните) права од стручната социјална работа (услугите). Воведување на ,,case management’’-работа на случај и поголемо присуство на терен на стручните тимови. Развивање услуги во заедницата во соработка со општинитеи воведување социјални договори за испорака на услугите од страна на граѓанските организации.

- Паралелно со сите овие активности се работи на мерките за стабилизација на пензискиот систем и на подготовка на нов Закон за работни односи.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со претставници од хрватската заедница во Република Македонија, со Ненад Живковиќ, член на Советот на Владата на Република Хрватска за Хрватите надвор од РХ и со Невенка Костовска, претседателка на Заедницата на Хрватите во Република Македонија.

На средбата се поздравени граѓанските политики на премиерот Заев и на новата Влада, насочени кон грижа за сите граѓани во државата, независно од етничката или каква било друга припадност. Нагласено е дека Владата и Република Македонија ја имаат поддршката и од граѓаните Хрвати во Македонија и од Република Хрватска, во реформските чекори, демократските процеси, добрососедските односи, евро-атлантските интеграции на нашата држава.

Посебно се разговараше за состанокот најавен за 10 мај во Скопје, што ќе се одржи меѓу мешовитите комитети на Македонија и на Хрватска за следење на Спогодбата меѓу Република Македонија и Република Хрватска, за заштита на македонското малцинство во Хрватска и на хрватското малцинство во Македонија. Состанокот е договорен оваа година во мај, после 8-годишен застој, поради што е констатирано дека е потребно да се посвети внимание на реализацијата на обврските што произлегуваат од Спогодбата меѓу двете држави.

Република Македонија и Република Хрватска се пријателски држави, немаат отворени билатерални прашања, Хрватска е голем поддржувач на Македонија во остварувањето на стратешките евро-атлантски цели, и пријателството и соработката сега има услови да бидат продлабочени на економски, на културен план, низ грижа за правата на малцинствата во државите, но и во интерес на сите граѓани, заклучено е на состанокот.

Претставникот на Советот на Владата на Хрватска за Хрватите надвор од РХ, Живковиќ, пренесе дека има заинтересирани фирми од Хрватска за инвестирања во Македонија.

-Определени сме да обезбедиме економски развој на државата, од што бенефит ќе имаат и граѓаните и фирмите и искрената поддршка, како од нашиот пријател, Република Хрватска, многу ни значи. Исто така градиме едно општество за сите, со отворени шанси за сите и веруваме дека овој концепт ќе обезбедени перспективи за Република Македонија, но и за сите граѓани кои живеат во неа, вклучувајќи ги и граѓаните Хрвати, рече премиерот Заев на средбата со претставниците од хрватската заедница во Македонија, претставникот на Советот на Владата на Република Хрватска за Хрватите надвор од РХ, Живковиќ и претседателка на Заедницата на Хрватите во Република Македонија, Костовска.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, оствари средба со претставници на компаниите Devoli Group од Косово и OAPI Ltd од Израел.

Претставниците на компаниите пред премиерот и министерот ги презентираа своите планови за инвестирање во Македонија, во областа на земјоделството, сточарството, месната и месо-преработувачката индустрија.

Премиерот Заев, ја поздрави заедничката иницијативата на двете компании и истакна дека ги поддржува нивните иницијативи за преземање понатамошни чекори во продлабочувањето на комуникацијата со економските тимови и тимовите на соодветните институции на Република Македонија, со цел, навремено, детално и професионално постапување во насока на изнајдување на најдобри можни решенија за реализација на нивните планови за инвестирање.

Тој, исто така потенцираше дека зголемениот интерес за инвестирање е резултат од новите економски мерки на Владата, кои привлекуваат инвеститори од целиот свет.

Пратениците во Собранието на Република Македонија на вчерашната седница посветена на прашањето за доверба на Владата на Република Македонија, со 62 гласа ѝ изгласаа доверба на владата за нејзината работа. Против изгласувањето доверба гласаа 40 пратеници, а двајца беа воздржани.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во своето обраќање пред пратениците по исцрпувањето на пратеничките настапи и реплики, истакна дека како и во неговото инаугуративно премиерско обраќање во македонскиот парламент пред 10 месеци, така и сега ја повикува опозицијата со активно учество да се вгради во обновата на Република Македонија и да го даде својот придонес и идеи за имплементација на реформите.

„Наследивме тотален колапс, блокирани институции, политика поткрепена со регресивни закони кои создадоа услови и амбиент претходната власт да се чувствува непроменлива. Од таквото владеење граѓаните и денеска, како и власта и опозицијата, се соочуваме со последици и закани во системот на институциите“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев како пример наведе дека за договори за Скопје 2014 е наследен долг од 280 милиони евра и дека 280 милиони евра се околу 70 отсто од вкупните пари во буџетот предвидени за капитални инвестиции за оваа година.

„Ако на ова се додадат уште 383 милиони денари за долгови за тениски игралишта и други промашени проекти на минатата влада, станува јасно кој предизвика цунами од задолжувања во нашата држава“, истакна премиерот Заев.

Тој нагласи дека за да се создадат услови за темелна промена и за отстранување на последиците од разрушениот систем е неопходна вклученост на сите одговорни политички фактори и време, дека системот мора да се регенерира од внатре во самите институции, и дека тоа мораме сами да го направиме.

„Затоа апелирав на одговорно на однесување и инклузивност, на конструктивен придонес за да ги спроведеме реформите, да направиме од Република Македонија современа, европска држава и општество достојно за живот на сите граѓани, без исклучок, и конечно да ги оствариме нашите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ. Да не запаметат како генерација која ги оствари стратешките интереси на државата и на граѓаните“, истакна Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.

На обвинувањата на опозицијата дека итните реформски приоритети, односно Планот 369 доживеал колапс, премиерот Заев укажа на фактот дека Планот 3-6-9, со гласањето на последните закони во Собранието, ќе биде целосно исполнет.

„Нема подобра потврда на успехот на Планот 369 од она што го најави Европската Комисија во својата Стратегија за проширување со земјите од Западен Балкан: Најавена е чиста препорака за Македонија за отпочнување преговори и согласно успехот во затворањето на политичките прашања, вклучително и прашањето за името со Грција, Македонија може да очекува одлука за започнување преговори“, нагласи премиерот Заев.

Оваа 2018 година ќе биде година на најважните правосудни реформи откако Македонија е држава кандидатка за членство во ЕУ, рече премиерот Заев, и додаде дека е од исклучителна важност што е обезбеден активен дијалог со опозицијата во Собранието за постигнување политички договор за законите од правосудството.

Премиерот Заев рече дека било јасно дека успехот на реформите нема да биде возможен ако не обезбедиме транспарентна и инклузивна дебата и соодветно спроведени консултации. Затоа во секоја област од Планот 369, за итните реформски мерки што требаше да се креираат, владата формираше работни групи, консултативни совети од претставници од релевантните институции, опозицијата и стручната јавност за да обезбедиме пристап на сите, непосредно засегнати страни, за да се овозможи секоја добра идеа да си го најде своето место.

„Создадовме концепт Отворена влада како еден од предусловите за успех на реформскиот процес што го отворивме во Република Македонија и вклучивме пакет активности кои недвосмислено се насочени кон транспарентност, отчетност и одговорност и ја одразуваат заложбата за целосно имплементирање на концептот отворена влада“, посочи премиерот.

Претседателот на Владата на РМ Заев потсети дека оваа влада го укина владиното рекламирање, организира редовни неделни владини прес конференции, редовно ги објавува дневните редови и записници од владините седници, ги објавува и ги ажурира документите од јавен интерес од страна на министерствата и другите институции

„Порано, граѓаните бараа, власта криеше. Сега власта самоиницијативно ги отвори, сами ги отворивме трошоците. Во првите неколку месеци на 2014 година, поранешниот премиер Груевски потрошил 5,2 милиони денари, а Зоран Заев за истиот период потрошил 2,9 милиони денари. Тоа е голема разлика. Министрите сите, во 2014 година потрошиле 45 милиони денари. Сите други министри, во 2017 година од оваа Влада потрошиле 21 900 000 денари. Голема разлика, речиси два и пол пати помалку“, истакна премиерот Заев.

Тој нагласи дека домаќинското и одговорно работење ќе обезбеди повеќе пари за граѓаните, проширување на позитивната листа на лекови, ќе ги награди со повисоки награди дежурствата во здравството, ќе обезбеди пари за да се зголемат субвенциите во земјоделството.

„Трезорот наскоро се отвора за јавноста - Граѓаните наскоро ќе можат да гледаат како се троши секој денар од своите компјутери. Ова е само врв на транспарентно и одговорно работење со парите на граѓаните! Од јуни 2017 година до денеска, Министерството за финансии направи 12 клучни промени за подобрување на транспарентноста со кои се објавени податоци што досега не беа достапни за јавноста“, укажа премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев информираше дека показателите за реализацијата на буџетот во 2017 година, особено оние во втората половина на годината после ребалансот, најавија дека 2018 година, ќе биде година на Македонија.

„Да издвоиме дека крајот на годината покажа најголема стапка на реализација на капиталните инвестиции. Вкупната реализација на овие инвестиции во 2017 година изнесува 83,6 проценти од проектираното. Ова претставува најголема реализација на капиталните инвестиции од 2013 година. 2018 година, како година на прогрес, година на економски инвестиции, година на севкупен економски раст и развој на Република Македонија. Очекуваме отворање на многу работни места, очекуваме зголемување на БДП-то. Тоа ќе го почувствуваат и граѓаните“, истакна премиерот и додаде дека најголемата ставка во расходната страна на Буџетот за 2018 година е за Социјалната заштита и за децата. Тоа е ставката која ги опфаќа и мерките за намалување на сиромаштијата, како наша стратешка цел.

„Треба да знаете дека Повратот на ДДВ во првите два месеца годинава е за дури 56% повисок од истиот период во 2017 година, односно за двата месеца во стопанството се вратени 1,4 милијарди денари повеќе“, истакна Претседателот на Владата на РМ Заев.

Премиерот Заев посочи дека со цел интензивирање на економскиот развој како еден од главните приоритети, и за креирање нови работни места, Буџетот за оваа година содржи сериозни ставки за поддршка на Планот за економски раст, а еднаков важен стратешки приоритет на Владата е и унапредувањето на животната средина, како и инвестициите во образованието во делот на подобрување на соодветните просторни услови во училиштата, ученичките и студентските домови за реализација на воспитно – образовниот процес.

„Со буџетска поддршка учествуваме во зајакнување на општините. Обезбедивме постабилно финансирање на децентрализираните дејности за непречено извршување на надлежностите на Единиците на Локалната Самоуправа, со околу 100 милиони евра наменети за рамномерен регионален развој“ нагласи премиерот.
На забелешките на опозицијата за новите задолжувања, премиерот Заев истакна дека еврообврзницата од почетокот на годината е со историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници од 2,75%.

„Тоа дојде како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975% и 9,875%. Паралелно со издавањето на евро-обврзницата, Македонија за прв пат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка евро-обврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875% е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%“ нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев потенцираше дека наместо некогашните политики на уништувачко економско цунами кое го плаќаа граѓаните на Македонија, оваа, 2018 година, е година на финансиска стабилизација на земјата и за развој на економијата, како важни предуслови за подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани.

„За таа цел, со Буџетот за 2018 година определивме 3.1 милијарда денари, односно околу 50 милиони евра, за програмата за економски развој на земјата. Тоа претставува 46% повеќе средствата за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување. Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста утврдени во Планот за економски раст планираме да ја раздвижиме економската инвестициона активност“ рече премиерот Заев на собраниската седница на која се гласаше за доверба на владата.

Премиерот Заев укажа дека со новите економски мерки се воспоставени еднакви услови за инвестирање за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат еднакво и во ТИР зоните и надвор од нив.

„Резултатите ве плашат вас! Еве зошто: За сите 11 години од владеењето на претходната власт, и потрошените пари од 225 до 250 милиони евра за реклами за медиуми, за промотори, за роуд шоуа, дојдоа 23 странски инвеститори. И тоа е добро. Но, ние, за 10 месеци, без ниту еден денар за реклами или за роуд шоуа, потпишавме договори со 10 големи компании странски инвеститори. Пред потпишување сме на уште нови 8, од кои што 3 се домашни компании бидејќи поддршката за инвестиции сега важи подеднакво и за домашните компании. До крајот ќе имаме повеќе странски директни инвестиции од сите години до сега“, рече премиерот Заев.

Тој соопшти дека владата преговара со близу 200 компании и дека за оваа клима придонесоа новите политики што ги градиме за пријателство со земјите во регионот, за релаксирање на односите и за создавање клима за соработка како добра основа за бизнис иницијативи.

„Со Законот за минимална плата за прв пат се изедначи минималната плата и за работниците во текстилната и кожарската индустрија со други гранки. Со тоа постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Тоа покажува дека законот си ја заврши својата работа затоа што, 90 илјади граѓани добија покачување и земаат над 12 илјади денари плата. Со тоа добивме и покачување на просечната плата во Република Македонија за 5,6%. Тоа се првите чекори кои добиваат забрзување за да го оствариме нашето ветување од 30 илјади денари како просечна плата со проценка дека со ваквиот раст тоа може да се направи и до крајот на 2019 година. Со враќањето на евтината тарифа на струјата за сите и со заштедата од 11,4 милиони евра за граѓаните, ние имаме показатели дека се движиме во вистинската насока. Дополнителна заштеда за граѓаните во висина од 12,4 милиони евра обезбедивме со укинувањето на радиодифузната такса“, поентираше премиерот Заев.

Во однос на капиталните инвестиции премиерот информираше дека се издвоени 1,43 милијарди денари повеќе од износот утврден со ребалансот во 2017 година.

„Работиме на унапредување на инфраструктурата: патна, железничка и енергетска. Нема да дозволиме катастрофални импровизации. Заради недомаќинско и штетно работење граѓаните на Република Македонија добија незавршени, катастрофално планирани и реализирани патни проекти што од буџетот на граѓаните ќе исцеди нови, дополнителни милиони евра. За фрапантното лошо планирање и изведба само на автопатот Кичево-Охрид, граѓаните ќе платат дополнителни 100 милиони евра. За ова е одговорна владата на ВМРО-ДПМНЕ, никој друг. Но, направените штети нема да не одвратат од нашата намера да ги завршиме започнатите, и да отпочнеме нов циклус инвестиции во патната инфраструктура“, рече премиерот Заев, и потсети дека на иницијатива на владата започна изградбата, реконструкцијата и рехабилитацијата на патната инфраструктура во должина од 800 километри и со вредност од 270 милиони евра.

„Ја интензивиравме изградбата на пругата кон Бугарија, на делницата Куманово- Бељаковце со обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ и со дополнителни 60 милиони евра од Оперативната програма 2014-2017 од ЕУ за изградба на пругата кон Бугарија, на делницата Крива Паланка-Деве Баир, и влегуваме во завршницата на проектот Енергетски независна Македонија“, нагласи премиерот Заев и информираше дека системот хидроцентрали Чебрен и Галиште ќе го градиме сами со домашно финансирање и со домашни компании и дека е заокружен проект во вредност од 50 милиони евра за фотоволтаици вклучително и изградбата на нови ветерници од 36 мегавати, и уште два такви комплекса од ветерници што ќе ги гради ЕЛЕМ“, истакна премиерот.

Претседателот на Владата на РМ информираше дека најголем дел од буџетот на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство е издвоен за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, односно 8,6 милијарди денари за директната финансиска поддршка во земјоделството и за рурален развој. Со тоа го унапредуваме и зголемуваме земјоделското производство и овозможуваме навремена и неселективна исплата на субвенциите, тогаш кога на земјоделците им се најпотребни.

„Преку Програмата за рурален развој, инвестираме над 1,8 милијарди денари во создавање производи со висока додадена вредност, модернизирање на агро-секторот и развој на руралните средини. И ова е потврда дека парите ги враќаме кај граѓаните. Постигната е највисока просечна откупна цена на тутунот од 217 денари по килограм, при што обезбедивме највисоки субвенции до сега од 80 денари за прва класа, 70 за втора и 60 денари за трета и за дополнителните класи. Лозарите се задоволни од било кога повеќе. Земјоделството го правиме атрактивно и за младите. 424 одобрени грантови од по 10.000 евра за мерката за поддршка на млади земјоделци“, рече премиерот.
Тој потенцираше дека со сите мерки што само во овие 10 месеци се спроведуваат, се ослободуваат финансиски средства од непродуктивни трошоци и со тоа се создаваат услови за зголемување на висината на социјалната помош.

„Анализите велат, доколку продолжиме со овие трендови на домаќинско работење, во комбинација со економскиот раст, на 1 јануари 2019 година ќе се создадат услови просечната социјална помош од 4200 денари, да ја достигне висината од 11 илјади и петстотини денари“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата рече дека оваа влада се договори дека ќе гради иднина и општество еднакво за сите. Затоа, како дел од реформите, е и јазичната политика во согласност со потребите и интересите на граѓаните, различните етнички заедници и целата држава. Во таа насока е предложен и усвоен Законот за употреба на јазиците, со кои ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, согласно Уставот и
Амандманот V.

„Законот ги зголеми можностите на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик и со тоа полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Воедно, законот целосно ќе ја гарантира и соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа“, рече премиерот Заев.

Тој потенцираше дека вредностите на оваа влада и на нашата Македонија се европски вредности, и како такви ги препознаа и нашите пријатели од нашите стратешки сојузи НАТО и ЕУ, но и нашите пријатели од соседството и регионот, и дека со новата Стратегија за проширување, Европската комисија ја потврди европската иднина на Република Македонија како дел од политичката структура на Европската Унија.

„Заедно со министрите за надворешни работи на двете земји, и со премиерот Ципрас работиме посветено на затворање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, долгогодишен и мачен проблем чие решавање ќе го отвори патот за интеграција на Македонија во Европската Унија и НАТО, а тоа за нашите граѓани ќе значи и обезбедување нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати и подобар живот за граѓаните.
Инсистираме на решение кое ќе овозможи трајно и одржливо
затворање на спорот со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави. За време на целиот процес редовно ги информираме граѓаните, лидерите на политичките партии, Претседателот“, истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев, во завршницата на своето обраќање пред пратениците на седницата на која се гласаше за доверба на владата, повика уште еднаш на одговорно однесување, и да се обезбеди инклузивност и конструктивен придонес за спроведување на реформите, и да ја направиме од Република Македонија современа, европска држава и општество достојно за живот на сите граѓани, без исклучок, и конечно да ги оствариме нашите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ.

„Да не запаметат како генерација која ги оствари стратешките интереси на граѓаните и на Република Македонија“, истакна премиерот Заев.

Неколкумесечната напорна работа, водена од тим од странски и домашни експерти, со финансиска поддршка од Европската Унија и со учество на претставници на МТСП, повеќе јавни институции и граѓански организации, резултира со нацрт-Националната стратегија за деинституционализација (2018-2027), која денеска беше за прв пат презентирана пред стручната и општата јавност.

Деинституционализацијата е процес што декларативно се спроведува веќе дваесетина години, но досегашните напори беа инцидентни и без континуитет, а постигнувањатата се скромни. Придобивките од деинституционализација за сите се појдовната основа за решеноста и посветеноста на Владата и МТСП да изградат современ, ефективен и ефикасен систем за социјална грижа што ги почитува човековите права на граѓаните.

Деинституционализацијата значи премин од социјална грижа што се обезбедува во големи резиденцијални институции кон грижа во заедницата. Ако, на пример, на некое лице со попреченост или дете без родители му е потребно згрижување од државата – тука се големите, „безлични“ институции кадешто лицето ќе добие згрижување на начин што го сегрегира од средината. Алтернативата се социјални услуги во заедницата: можност лицето да добие поддршка во неговата сопствена средина, во неговата заедница, во оној момент кога му треба, на начин што одговара на неговите потреби. Деинституционализација е промена од социјални услуги по мера на системот во социјални услуги по мера на граѓанинот, нудејќи можност за активно учество на згрижените лица во животот на заедницата и јакнејќи го нивното лично достоинство.

Клучните заложби за наредниот период се: да нема деца под тригодишна возраст сместени во институции до 2020 и да се трансформира Специјалниот завод Демир Капија. Првите преселби на корисници од сегашните институции во служби за живеење со поддршка во заедницата ќе се случат на средина на 2018 година.

Воведни обраќања на настанот имаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и раководителот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Никола Бертолини.

Во прилог ви доставуваме видео од обраќањата, фотографии од настанот, како и документ со факти и бројки за оваа реформа.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска во Белград, Р.Србија остварија средба со д-р Зорана Михајловиќ, потпретседател на Влада и министерка за градежништво, инфраструктура и сообраќајна која разговараа за клучните инфраструктурни проекти што ги поврзуваат двете земји.

На состанокот е постигнат договор за олеснување на сите постапки за пренос на роба и патници на граничните премини.

„Ценам дека постигнавме договор прв во регионот за олеснување на сите постапки за пренос на роба и патници на граничните премини. Главно важно е да кажам дека најдовме разбирање во рамките на нашата соработка да воспоставиме една царинска испостава во Табановце, на железничкиот премин помеѓу Македонија и Србија на железничкиот премин. Таквата станица да ја финансираме заеднички и притоа побараме средства од фондот за инвестиции од Западен Балкан, за што е веќе разговарано. Се договоривме таквиот проекти да ги започнеме што е можно побрзо во интересот на граѓаните на двете држави. Мислиме дека во 2019 година можеме да почнеме со градење“, изјави вицепремиерот Анѓушев.


Двете страни се сложија дека преку регионалниот соработка полесно ќе се реализираат проекти значајни за двете земји.
„Морам да ви кажам дека со Заменикот на премиер на Македонија навистина брзо се договоривме и се обидовме некои заеднички проекти да ги забрзаме. Конкретно зборувам за заедничкиот граничен премин Табановци кој е важен и за Македонија, а и за Србија. Ние сакаме да почнеме да го градиме што поскоро. Се завршува проектот и целосната техничка документација, еден дел е веќе готов и се договоривме со оглед на тоа дека овој проект ќе го реализираме со Европската Унија, без оглед што се плановите се почетокот на изградбата да биде во 2020 година, да се обидеме заеднички тој и јас да го координираме тоа и да почне да се гради веќе 2019 година“, посочи Михајловиќ.

Попладнево вицепремиерот за економски прашања Анѓушев и министерот за транспорти врски Сугарески учествуваа на состанок со бизнисмените од Стопанската комора на Србија каде им беше претставен Планот за економски раст и можностите што ги нуди Македонија за инвеститорите.

Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област ја одржа конститутивната седница.

Во својство на координатор се обрати министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која нагласи дека во работата на ова тело сечие мислење ќе биде ценето, а конструктивните критики кои ќе дадат придонес во унапредување на состојбите се добредојдени.

Потребата од формирање на посебно тело за координација и следење на состојбите со недискриминација е пред сe’ заради подигнување на транспаретноста во работењето на државните институции во оваа област, координација на активностите меѓу институциите и организациите (здруженија на граѓани и меѓународни организации), заедничко воспоставување на приоритети на годишно ниво во оваа област врз основа на меѓународни и други извештаи и анализи, како и континуирано следење на состојбите во оваа област и заедничко предлагање на мерки за подобрување на состојбите.

Во работата на НКТ за недискриминација учествуват 36 претставници на министерства и други државни институции, граѓански и меѓународни организации, синдикати и институти.

Формирањето на ова тело е во насока на спроведувањето на Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 и Стратегијата за еднаквост и недискриминација 2016-2020, со што ќе се постигне подобра координација и ефикасност на механизмите за спречување и заштита од дискриминација, а во насока на градење на еднакво општество за сите.

Американската невладина организација „Фридом Хаус“ во најновото редовно истражување „Земји во транзиција 2018“, ја наведува Република Македонија како светла точка за минатата година, и оценува дека македонската демократија и начин на владеење забележува подобрување, за прв пат од 2010 година.

Република Македонија, заедно со Узбекистан и Естонија е издвоена во Извештајот, како „светла точка“ за минатата година и е посочена како држава со најветувачка шанса за демократскит прогрес во Европа.

Истовремено, во 23-тото издание на годишниот Извештај, се нагласува дека смената на власта во Македонија во јуни минатата година, донесе шанса да се смени долгогодишното запленување на државата и да се решат долготрајните спорови со соседите кои го попречуваа развојот на земјата.

Во Извештајот, на скалата од еден до седум, Македонија е оценета со 4,36, што значи подобрување од минатогодишниот резултат од 4,43 и е прва позитивна промена, ако споредиме со 2010 година кога оценката беше 3,79.

Македонија, која и натаму се наоѓа во групата земји „Преодна влада или хибриден режим“ најдобро е оценета во областа „граѓанско општество“.

Според „Фридом Хаус“, првиот клуч за успехот на новата македонска влада е решавање на спорот околу името со Грција, што ќе го отвори патот кон ЕУ и НАТО членство и ќе обезбеди меѓународна поддршка.

„Доколку спорот околу името се реши, тогаш почнува тешката работа. Во овој момент, новата влада заслужува силна поддршка од САД и ЕУ, вклучително и притисок врз Грција, за решавање на спорот околу името и заложби за асистенција во болниот процес на ослободување од заробената држава“, се наведува во Извештајот на американската организација.