На иницијатива на Претседателот на Владата на Република Македонија, синоќа во Струмица се одржа консултативна средба за Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица - Штука.

Во четиричасовната дискусија со која претседаваше премиерот Заев, учествуваа владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи, претставници на локалните заедници, граѓански организации и здруженија, технички експерти, претставници на ЕБОР и на компанијата - носител на проектот, „Еуромакс“, како и други засегнати страни.

Во текот на дебатата беа презентирани аргументи и студии од сите страни и се соочуваа ставови со цел меѓусебно разбирање и наоѓање решенија.

Премиерот Заев и претставниците на Владата на РМ со целосна почит и внимание ги ислушаа аргументите на граѓаните и нивните јасно артикулирани ставови, и со исто внимание ги ислушаа презентираните факти на експертите, како и на претставниците на компанијата кои зборуваа за посветеноста и за преземените мерки за заштита на животната среднина и за здравјето на граѓаните.

Беше поздравена одлуката на граѓанските организации да се вклучат во дијалог и да ги вкрстат ставовите односно да ја искажат загриженоста за здравјето и животната средина во која живеат, но и спремноста да сослушаат ставови различни од нивните. Заеднички беше констатирано дека само преку искрен и отворен дијалог може да се стигне до решенија кои се конструктивни и ќе го унапредат регионот.

Во рамки на дискусијата беше поздравена и одлуката на „Еуромакс“ да ги отстрани цијанидот и сулфурната киселина од процесите, во интерес на заштита на животната средина и со цел отстранување на грижите  на локалното население во регионот.

Со внимание беа разгледани и економските параметри кои покажуваат дека оваа инвестиција и работата на рудникот ќе учествува со 3% од БДП во Македонија, и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион.

На консултативната средба, премиерот Заев изнесе неколку заклучоци кои беа поздравени од присутните, меѓу кои тоа дека сите засегнати страни имаат заедничка цел, да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните.

Следните чекори ќе бидат заеднички, преку континуирана дискусија и дијалог, при што компанијата ќе биде посветена да испорача гаранција за заштита на здравјето на локалното население, а Владата ќе биде тука да врши контрола низ процесите што се во нејзина надлежност.

Меѓу заедничките заклучоци од состанокот е и најавата дека ќе се формира независно мониторинг тело што ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази.

Консултативната средба на претставниците на Владата на Република Македонија, градоначалниците и претставниците на локалните самоуправи, претставници на граѓански организации и здруженија, технички експерти, како и претставници на компанијата носител на Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица - Штука,  „Еуромакс“, имаше за цел да ги вкрсти ставовите, да се зголеми довербата меѓу засегнатите страни, до изнаоѓање на најдобро решение прифатливо за сите засегнати страни.

Растот на платите е, и останува, приоритет на Владата на Република Македонија. Просечната нето плата во месец мај порасна за 7,1% во однос на истиот месец претходната година.
 
Таа сега изнесува 24.509 денари и е повисока за 1.600 денари на годишно ниво.

 


 

Растот на платите е повторно силен во индустријата за производство на текстил, облека и кожа. Во производството на текстил зголемувањето на платите е 2.670 денари на годишно ниво, во производство на облека 1.764 денари, а кај производство на кожа на годишно ниво платата пораснала за 1.802 денари.

 


 
Важно е да се нагласи дека во месец мај 2018 година има значаен раст и на платите во другите дејности како што се финансиите и осигурувањето, и информатичката и комуникациската дејност.
 
Владата на Република Македонија останува посветена на растот на платите. Продолжуваме со реализацијата на пакетот мерки за тоа оваа намена. Освен зголемувањето на минималната плата, во Собранието на Република Македонија веќе се поднесени законски измени кои ќе обезбедат поддршка за раст на платите кои се повисоки од минималната плата. Посебно посветуваме внимание и преку активните мерки за вработување, и особено со поддршка на  инвестициите кои обезбедуваат фер плата за вработените.

До Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, пристигна писмо со честитки по повод договорот за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји од Претседателот на Владата на Унгарија Виктор Орбан.
 
Во писмото, кое премиерот на Унгарија Орбан го потпишува и во име на Вишеградската Четворка, го поздравува решението што двете земји, Република Македонија и Република Грција, го најдоа во врска со прашањето за името.
 
Премиерот Орбан исто така истакнува дека „Унгарската Влада постојано, преку сите форуми се залага за забрзување на евроатлантската интеграција на целиот регион на Западен Балкан, така и за Република Македонија“, и додава дека Унгарија го поддржа усвојувањето на резолуцијата на Европската Унија со која се овозможува започнување на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.
 
Во писмото испратено до Претседателот на Владата Зоран Заев, премиерот Орбан нагласува дека Унгарија ја поддржува поканата за членство што нашата земја ја доби од НАТО на 11 јули.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во општина Берово оствари средба со градоначалникот Звонко Пекевски, а учествуваше и на седницата на Советот за развој на Источниот плански регион.

Во присуство на претседателот на Советот, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и членовите, градоначалниците на општините од Источниот плански регион, министерот Фазлиу истакна дека соработката меѓу локалните и централната власт е од интерес и на двете страни, а пред се од интерес за граѓаните во решавањето на нивните приоритетни прашања. Исто така министерот ја истакна и донаторската поддршка која што во моментов во областа на локалната самоуправа и регионалниот развој се реализира преку два големи проекти на Министерството за локална самоуправа.

Годинава средствата за рамномерен регионален развој Владата ги зголеми за над 50 насто. Во Источниот плански регион со 34 милиони денари се финансираат 11 нови проекти кои што како приоритетни се предложени од локалните власти во консултација со граѓаните. Во рамките на проектот Подобрување на општинското управување, финансиран од ЕУ во вкупна вредност од 2,4 милиони евра, ќе се имплементираат  осум проекти во осумте плански региони, a во втората фаза ќе бидат финансирани проекти и во 30 општини,   во вкупна вредност од над 1 милион евра, рече министерот Фазлиу, кој што изрази благодарност до УНДП за поддршката во процесот на имплементација. Нашата цел е да го поттикнеме развојот и да ги подобриме услугите во помалку развиените, а особено во руралните подрачја, рече Фазлиу.

Министерот Фазлиу побара од градоначалниците да ги дадат своите предлози и сугестии за подобрување на процесот на финансирање и на имплементација на проектите за наредната година.

Сега е вистинскиот момент затоа што во рамките на проектот  Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, ќе се интервенира и во нормативната рамка со цел таа да се подобри. Сигурно дека тоа ќе биде направено во еден широк консултативен процес, но би требало да ја користиме секоја прилика за взаемна комуникација и координација за подобро управување со средствата кои што ни стојат на располагање и обезбедување на поголеми ефекти, рече Фазлиу кој нагласи дека е многу важно да се работи на зајакнување на институционалните капацитети затоа што напорите за интегрирање во Европската Унија се отсликуваат и преку капацитети за искористување на ЕУ фондовите и подготвеноста да бидеме рамноправен сегмент од регионалната политика на Европската Унија, рече Фазлиу.

“Денешната средба и постата на делегацијата на министерството за внатрешни работи на Црна Гора, на чело со мојот колега г-динот Мевљудин Нухоџиќ, е уште една потврда за нашата извонредна соработка меѓу две пријателски држави коишто во целиот изминат период се поддржуваат една со друга, минуваат заедно по еден заеднички пат. Денес, разговаравме за многу важни теми кои се однесуваат на нашата безбедност, на регионалната безбедност, за глобалните предизвици коишто стојат пред нас, но и за можните решенија што треба да ги превземе преку иницијативи за взаемна соработка“.

Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешното заедничко парафирање со министерот Нухоџиќ на Спогодбата меѓу Владите на Р. Македонија и Р. Црна Гора за соработка во областа на борбата против трговијата со луѓе во Охрид.

Како што потенцираше министерот Спасовски за нас е од особена важност искористувањето на позитивните искуства на Црна Гора во  периодот на пристапни преговори со НАТО и отворањето на пристапните преговори со ЕУ, при што посебен фокус бил ставен на Поглавјето 24 - правда, слобода и безбедност кое што прво се отвора на агендата на пристапните преговори со ЕУ.

“Разговаравме и за европските но истовремено и наши национални и регионални приоритети - борбата против организираниот криминал и тероризмот и справувањето со сите миграциски предизвици. Притоа презентиравме дел од позначајните реформски активности што МВР ги реализираше изминатиот период во насока на воспоставување на оперативно но и нормативно квалитетен институционален систем за борба против организираниот криминал и корупцијата“, изјави Спасовски.

Во тој контекст Спасовски посочи дека заедно со минитерот Нухоџиќ веќе дефинирале одредени активности во тој правец, и ја нагласи важностана денес потпишаната Спогодба заедничка борба против трговијата со луѓе.

Од своја страна, пак министерот за внатрешни работи Нухоџиќ констатирајќи ги досега извонредно добрите пријателски и партнерски односи не само меѓу двете институции туку и меѓу двете држави, истакна дека постои и тоа како простор за натамошно продлабочување и унапредување на таа соработка. Нухоџиќ ја изрази подготвеноста на црногорското МВР но и на Владата на Црна Гора да и помогнат со своите искуства на Р.Македонија на патот кон целосното евро-атлантско интегрирање на нашата земја.

Министерот Нухоџиќ потенцирајќи ги придобивките од членството во НАТО, потенцира дека членството во НАТО на Црна Гора и донело многу привилегии, многу поголеми инвестиции и зголемен број на туристи.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, попладнево оствари средба со градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, на која беше изразена поддршка на Македонија во нејзините аспирации за евроатлантска интеграција, како најдобра гаранција за мирот и економскиот просперитет на земјата и регионот.

На пријателската средба, градоначалникот на словенечката метропола на премиерот Заев му честиташе за договорот со Грција за решавање на долгогодишниот спор и стратешко партнерство, посакувајќи му успешен Референдум во интерес на граѓаните на Македонија и нивниот просперитет, истакнувајќи ги како придобивки од членството во Европската Унија и НАТО. 

Градоначалникот Јанковиќ, на кого ова му е трет мандат како градоначалник ја изрази својата подготвеност и поддршка за споделување на позитивните искуства во иницијативите и проектите за развој на инфраструктурата, како и унапредување на соработката во областа на трговската размена, туризмот и претставување на културните вредности. 

Премиерот Заев, го истакна задоволството од долгогодишното пријателство кое Македонија и Словенија ги поврзува, повторувајќи дека концептот на едно општество за сите и регионална соработка со сите соседни земји е единствена алтернатива за нашата татковина и претставува гаранција за успешни економски реформи и развој во интерес на сите граѓани. 

Официјално почнува со работа новиот мал групен дом во Тимјаник, неготинско. Од денеска тука ќе бидат сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија.

На отворањето на домот присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска,  постојаната претставничка на ОН во земјава Луиза Винтон, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и градоначалникот на Неготино, Тони Делков.

„Недоразбирањата во Тимјаник се надминати, а децата преселени во малиот групен дом. Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани. Жителите ни дадоа поддршка на она што го правиме. Верувам Тимјаник ќе биде и ќе остане симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, изјави министерката Царовска.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ, Сојзу на Дефектолози и СЗ Демир Капија и изминатиот период интензивно работеше на подготовка на децата за преместување во алтернативни форми на згрижување. Во новиот мал групен дом децата ќе имаат 24 часовна поддршка од лични асистенти, специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на училиштето и локалната заедница ќе им овозможи на овие деца полесно и побрзо да се вклопат во општеството.

„Со отворањето на малиот групен дом денес правиме нов чекор кон трансформација на големите институции и обезбедување семејна грижа за секое дете. Заедно со Владата и другите наши партнери секој ден сме се поблиску до остварувањето на заложбата на Владата за ставање крај на институционалната грижа за деца помали од три години до 2020 година.“ изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Деинституционализацијата преставува премин од социјална грижа во големи „безлични“ институции кон грижа во заедницата. Ова е првиот чекор кон градење похумано општество. Досега од Специјалниот завод Демир Капија се извадени вкупно седум деца.

„Деинституционализацијата е тежок збор но има убаво значење – а тоа е дека секој заслужува место кое ќе го вика дома. Да се обезбеди за сите деца и возрасни со попреченост да ги уживаат своите права, вклучувајќи го и правото да живеат во нормални домови во заедницата - ова е приоритет за УНДП и за целото семејство на Обединетите нации. Ние сме горди што ја поддржуваме Владата во спроведувањето на заложбата за деинституционализација”- изјави постојана координаторка на ООН и УНДП, Луиза Винтон.

Со цел да се обезбеди институционална поддршка на успешните деловни субјекти во земјава, и на истите да им се помогне дополнително да се развиваат, министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ во изминатиот период реализира посети на повеќе македонски компании, со цел од лице место, директно да се информира за нивното работење, за нивните перспективи, евентуални потешктии во работењето, со цел Владата на Р. Македонија биде силна поддршка во нивниот иден развој.

Денес заедно со тимот од својот кабинет министерот го посети еден од нашите најуспешни комбинати Прилепската пивара, од каде доаѓаат силни македонски брендови.

Генералниот директор на Прилепската пивара ја најави идната еко инвестиција, односно изградбата на прочистителна станица, која ќе придонесе во подобрување на еколошкиот баланс во локалната средина, и која ја потврдува општетствено одговорната улога на компанијата. Г. Самарџиоски иницираше потреба за допрецизирање на одредби во Законот на финансиска поддршка на инвестициите со цел подетално и појасно опишување на одредени услови кои предизвикале неодговорени прашања кај апликантите.

Министерот Шапуриќ на средбата истакна дека од развојот на македонските компании зависи идниот економски развој на земјата, и дека Владата на Р. Македонија има силна желба истите да ги подржи, да биде нивен ветар во грб, и поддржувач во рамките на своите можности.

Само со развој на македонските компании, може да има раст на вработеноста, намалување на трговскиот дефицит и поголема ЕУ перспектива за земјава. Министерот покажа отвореност, максимална посветеност и желба за тесна соработка со домашните претпријатија.

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев оствари средба со претставниците на синдикатот на компанијата ФЗЦ 11 Октомври Куманово, кои денес протестираа барајќи остварување на работничките права загарантирани со позитивните законски прописи.

Вицепремиерот ги ислуша проблемите со кои се соочуваат работниците во оваа фабрика, притоа истакна дека Владата има потполно разбирање за нивното незадоволство поради непочитувањето на работничките права од страна на менаџментот на компанијата. Тој посочи дека компанијата е во приватна сопственост и Владата може да креира политики и да предлага закони, додека за непримена на законите одлучуваат судските инстанци.

„Владата ги поддржува вработените во Фабриката за цевки 11 Октомври од Куманово, во остварувањето на нивните работнички права, во согласност со позитивните законски прописи кои важат во Република Македонија. За време на средбата посочивме кои се законските надлежности на Владата, бидејќи сите проблеми не може да бидат решени само со протест пред Владата. Побаравме трпение од работниците, и ќе ги охрабриме надлежните институции да го завршат својот дел од работата. Инспекторатот за труд веќе постапи во согласност со своите надлежности, а и сите останати институции ќе ја завршат својата обврска согласно законските прописи“, посочи Анѓушев, кој додаде дека Владата ќе се заложи за забрзување на постапката за формирање на државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка од страна на Собранието на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев ги повика сопствениците на ФЗЦ 11 Октомври да покажат разбирање кон потребите на работниците и да ги почитуваат законите во делот на работничките права.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев веднаш после лидерската средба која што се одржа денеска, имаше изјава за медиумите што ви ја пренесуваме во целост:

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани претставници на медиумите,

Траеја долго разговорите. Разговаравме за повеќе суштински прашања, сето тоа поврзано со процесот пред кој што е исправена нашата земја, согласно претстојниот референдум, а согласно и претстојниот избор на Државната изборна комисија (ДИК).

Како што разбравте од претходните учесници на разговорите, продолжуваат разговорите со опозицијата. Најверојатно во недела навечер или во понеделник наутро. Штом тоа ќе го договориме, преку вас медиумите ќе ги информираме и граѓаните.

Тоа што сакам да го кажам, а истовремено уште една да потсетам, е дека стратешки цели на нашата Република Македонија, и на сите парламентарни партии во Собранието на Република Македонија, се полноправното членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

Компромиси нема за стратешките цели на Република Македонија.

Амнестија, директна или индиректна нема.  Ќе му дадеме шанса на дијалогот и на разговорот сè додека тоа е возможно.

Секако, при тоа Парламентот продолжува да работи, и разгледувањето на измените и дополнувањата на изборниот законик, продолжува во комисиите на Парламентот.

Напоменувам, очекувам на лидерска средба да се договори и имплементацијата на ДИК.

Тоа е моето очекување. Тоа е очекување и на парламентарното мнозинство.