Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски,  денеска ја отвори десеттата по ред ,„ЛЕНДНЕТ“ интернационална работилница, која оваа година се фокусира на најдобрите легислативни практики за консолидацијата на земјоделското земјиште.

„Со експертиза на ФАО, Министерството во континуитет ја подобрува законската рамка за консолидација на земјиште во Македонија. Измените на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, кои се усвоија од страна на Собранието минатиот месец, се важен чекор кон ефикасно и транспарентно спроведување на активностите. Во моментот на терен се спроведува консолидација на земјоделското земјиште на 12-те избрани подрачја во земјата. Наша крајна цел е да ја зголемиме конкурентноста на земјоделското производство, да ги подобриме условите за живот во руралните средини и да обезбедиме одржливо користење на природните ресурси“, изјави Николовски.

На работилницата присуствуваа повеќе од 140 експерти за управување со земјиште од над 30 земји и организации од Европа и Централна Азија, кои дискутираа за препораките од регионалната студија на ФАО за легилатива за консолидација на земјиште. Целта на студијата е да им се помогне на земјите кои се дел од програмата на ФАО во развивање националните правни рамки за консолидација на земјиште, засновани на најдобри меѓународни практики.

„ФАО работи со државите да ги подготви при воведување на консолидацијата на земјиште и при развивање на целосно функционални национални програми за консолидација на земјиште.Во Македонија, преку тековниот проект финансиран од Европската Унија – МАИНЛАНД - ФАО работи да им помогне на земјоделците, сопственици на земјиште и руралните заедници да го решат проблемот со прекумерната расцепканост на земјиштето, малата површина на земјоделските стопанства и недоволно развиената земјоделска инфраструктура", изјави експертот на ФАО за управување со земјиште, Мортен Хартвигсен.

Со цел создавање на поволни услови за земјоделско производство во полза на семејните земјоделски стопанства - и подобрување на конкурентноста и продуктивноста на земјоделското производство и условите за живот во руралните средини во тој процес - ФАО и Министерството за земјоделство континуирано соработуваат за подобрување на законската рамка за консолидација на земјиште во Македонија.

Работилницата е во организација на ФАО и Работната група за земјишна администрација при Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ) и е дел од поширока соработка  во областа на консолидацијата на земјиште со други партнери, вклучително холандскиот катастар и Техничкиот универзитет во Минхен, а поддржана и од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и ГИЗ.

ЛЕНДНЕТ е растечка мрежа на експерти за управување со земјиште од  Европа и Централна Азија. На иницијатива на ФАО, тие редовно се состануваат од 2002 година со цел размена на искуства и идеи за консолидација на земјиште, банки на земјиште и развој на пазарот на земјиште.

На денешната интернационална работилница, имаше учесници од Албанија, Белгија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Германија, Данска, Естонија, Косово, Киргистан, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија,  Украина, Узбекистан, Унгарија, Русија, Србија, Словенија, Турција, Финска, Франција, Холандија, Црна Гора, Чешка, Шпанија.

Претседателот на Владата на Република Македонија денеска се сретна со делегација на Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (УНОПС) предводена од заменичката на Генералниот секретар на ОН и извршна директорка на УНОПС Грете Фаремо.

На средбата, обете страни изразија огромно задоволство од потпишувањето на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, оценувајќи го како корисен не само за двете земји, туку и за регионот.

Директорката на УНОПС, г-ѓата Фаремо истакнувајќи оти е горда што се среќава со македонскиот премиер во историски денови, ја пренесе силната поддршка од Организацијата на обединетите нации (ООН) и Канцеларијата за проектни услуги на Обединетите нации (УНОПС) на патот на Македонија за евроатлантските аспирации.

Фаремо подвлече дека особено е задоволна што со Министерството за надворешни работи на Република Македонија, размениле писма за отворање на проектна Канцеларија на УНОПС во Скопје, што ќе значи зголемување на соработката во обезбедувањето услуги во одржливата инфраструктура, одржливите набавки и одржливото управување со проекти, кои опфаќаат изградба на училишта, патишта, мостови и болници,  како и набавка на стоки и услуги и обука на локален персонал.

На средбата, премиерот Заев ја истакна улогата на УНОПС како важен партнер за развојот на Македонија, кој во остварувањето на својата мисија поддржува проекти во инфраструктурата, набавките, финансискиот менаџмент и човечките ресурси.

Тој ја подвлече исклучителната важност на УНОПС во размената на најдобрите практики за реформите кои Македонија веќе ги презеде за обезбедување на почеток на преговорите со Европската унија.

Премиерот Заев и претставничката на УНОПС се согласија дека од исклучителна важност е реализацијата на Владиниот проект на воведување на Гаранција за млади, како мерка за зголемување на вработеноста на младите луѓе, посебно во руралните средини, каде веќе се остваруваат инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат стандардот на младите, но и ќе ги направат конкурентни на пазарот на трудот.

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Приштина, оствари средба со Претседателот на Косовo - Хашим Тачи.

На средбата беа отворени темите за напредокот во соработката меѓу двете земји, особено прекуграничната соработка, за европските перспективи на Западниот Балкан, во евроинтегративните процеси, како и очекувањата од претстојните самити на Европската Унија.

„Датум за преговори за Република Македонија, претставува пресвртна точка за нашите европски интеграции, но и важна одредница за европските перспективи на целиот Западен Балкан“, изјави Османи, изразувајќи притоа задоволство што целиот регион забележително се движи во европски правец и постои кредибилна перспектива за напредок за секоја од земјите.

„Затворивме исклучително комплексен и тежок спор меѓу Македонија и Грција, што претставува меѓудржавен дипломатски успех кој верувам ќе се наметне како начин на затворање на отворените прашања меѓу соседите во целиот регион“, истакна Османи, додавајќи дека заедно со успешното имплементирање на Договорот за добрососедство со Бугарија, на дело ја демонстрира сериозноста и зрелоста на Македонија и нејзините соседи.

Во текот на работната посета, Вицепремиерот Османи ќе оствари средба и со Потпретседателот на Владата на Косово, Енвер Хоџај, каде фокус на разговорите ќе биде соработката меѓу двете влади.

На дневен ред на денешната 75-та владина седница, меѓу другото, е предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, со конечен извештај на овластен државен ревизор.

Министрите на седницата ќе го разгледуваат ценовникот за висината на цената на сирова вода наменета за водоснабдување на населението од регионалниот водоснабдителен систем Студенчица кон корисниците на ЈП „Студенчица“ Кичево за регулираниот период 2018-2020 година, со предлог-одлука.

На предлог на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на 75-тата седница Владата ќе ја разгледа предлог-програмата за капитални трансфери за центри за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој, како и информацијата за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на проект за инфраструктура за изградба на МХЕЦ на река Стровија и пропратни објекти КО Стровија, во општина Долнени, со предлог-одлука.

Пред министрите на денешната седница ќе се најде нацрт-одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 и за висината на закупнината, нацрт – договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги АИМ ПРОПЕРТУ ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште и нацрт-одлуката за давање на согласност на договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги АИМ ПРОПЕРТУ ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште.

Исто така, министрите ќе ја разгледаат и информацијата за предлог-договор за доделување на државна помош на друштво за производство и трговија ТЕЛАМОН ЕВРОПА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, предложена од кабинетот на министерката без ресор, задолжена за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска.

Денеска Владата ќе одлучува и за предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, предложен од Министерството за труд и социјална политика, а ќе го разгледа и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Јавна установа за деца - Детска градинка на Општина Центар - 13 Ноември Скопје, предложен од Државниот завод за ревизија.

75-тата седница на Владата на Република Македонија е предвидено да започне во 12:00 часот.

На покана на Кристиан Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес, во Софија, учествуваше на Конференцијата на Комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите - кандидати, која се одржува во рамките на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров беше поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан - нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“.

Во своето излагање, МНР Димитров се заблагодари на бугарското претседателство за широкоградата поддршка и насочувањето на светлото кон Регионот. Воедно, тој ги претстави историските исчекори кои Република Македонија ги презема во контекст на затворање на отворените прашања со своите соседи, како и последните преземања на планот на домашни реформи, што се сериозна потврда за еден процес на созревање на земјата.

Притоа, министерот Димитров истакна: „Ова е Регион кој географски не е на маргините на ЕУ, туку остров опкружен со земји членки на ЕУ. Самото тоа е доволен аргумент дека политичкиот фокус на ЕУ кон Регионот, исто така не треба да биде маргинален... И ваквото внимание ние немаме луксуз да не го сфатиме сериозно”.

Во рамки на учеството на Конференцијата, министерот Димитров оствари и неколку билатерални средби и куси разговори со парламентарци од повеќе земји членки на ЕУ, како и со својот домаќин Кристиан Вигенин и МНР Екатерина Захариева, која се обрати на истата сесија заедно со Министерот. Поконкретно, Министерот засебни средби оствари со француската парламентарка и претседателка на Комисијата за европски прашања на Националната асамблеја на Франција, г-ѓа Сабин Тилеј, со холандската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за европски прашања во холандскиот претставнички дом, г-дин Малик Азмани, а имаше и работен ручек со членови од германската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, г-дин Гунтер Крихбаум, како и разговори со г-ѓа Лилијана Танги.

За време на средбите, МНР Димитров информираше за постигнатиот историски исчекор во контекст на односите со Грција и за претстојните чекори и предизвици на тој план и замоли за поддршка од европските партнери за отворање на европскиот пат за Република Македонија, кој е од суштинско значење во претстојниот период во однос на натамошна имплементација на договорот со Грција. Позитивната одлука на ЕУ ќе биде истовремено и целосно заслужена валоризација на реформските резултати на домашен план. Од соговорниците беа упатени честитки за покажаното водство, искрена политичка волја и храброст во постигнувањето на заемно прифатливо решение меѓу Република Македонија и Грција. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, денеска оствари средба со делегација од Република Хрватска, предводена од амбасадорката Данијела Баришиќ, државниот секретар за Хрватите надвор од Хрватска, Звонко Милас, и советникот Милан Бошњак.

Тие, како претставници на Владата на Република Хрватска, денеска ќе учествуваат на третиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за спроведување на Спогодбата за заштита на македонското малцинство во Република Хрватска и хрватското малцинство во Република Македонија.

Изразувајќи поддршка за вчера потпишаниот договор со Република Грција, делегацијата истакна дека Владата на Република Македонија и граѓаните имаат пријателски подадена рака од Република Хрватска за поскоро и успешно интегрирање на државата во Европската Унија.

Премиерот Заев и делегацијата, во текот на средбата разговараа за подобрување на состојбите и регулирањето на статусот на македонската задница во Хрватска и на хрватската заедница во Македонија, истакнувајќи дека грижата за малцинските заедници во двете држави е одраз на исклучителното пријателство меѓу овие две земји.

„Поврзувањето на нашите заедници кои живеат надвор од државата со својата татковина е од исклучителна важност за нас. Да знаат дека вратите на татковината им се секогаш отворени, за образование, за инвестиции, за живот“, рече премиерот Заев на средбата.

Тој, исто така ја потенцираше политичката волја на Владата, за исполнување на обврските кон хрватската заедница во Македонија дополнувајќи дека: „интегрираните заедници се придобивка за секое општество“, и изрази благодарност за грижата на Република Хрватска за македонската заедница во таа земја.

Министерот Едмонд Адеми, на средбата истакна дека после 8 години конечно се реализира оваа трета средба од мешовитата Меѓувладина комисија, на која донесените заклучоци од состанокот, со помош на останатите надлежни институции, ќе ги имплементира во насока на унапредување на правата и условите за живот на хрватската заедница во Република Македонија.

Денес (18.06.2018), се одржа Третиот по ред состанок на Меѓувладината мешовита комисија (ММК) за спроведување на Спогодбата меѓу Република Македонија и Република Хрватска во сферата на националните малцинства. 

Македонската страна во ММК беше предводена од министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, а од хрватската страна од државниот секретар на Главниот уред за Хрватите надвор од Република Хрватска, Звонко Милас. 

На состанокот, согласно Спогодбата потпишана меѓу двете земји, за македонското национално малцинство (МНМ) во Република Хрватска и хрватското национално малцинство (ХНМ) во Република Македонија се дискутираше според усвоениот дневен ред, на којшто беа разгледани повеќе прашања од интересот на националните малцинства на двете земји, пред се во областа на образованието, вработувањето, финансирањето, културата, медиумите и други прашања преземени од Вториот состанок на ММК, одржан во 2010 година во Загреб. 

Согласно преземените обврски од Спогодбата меѓу двете земји и националните закони се усвои заеднички Записник потпишан од двете коопретседатели на делегациите на ММК со повеќе обврзувачки препораки.

Особено нагласена е важноста на активното учество на претставниците на двете малцинства во работата на ММО.
По расправата по точките на дневниот ред, двете страни на ММК се согласија, Записникот од Третиот состанок, заедно со препораките произлезени од дискусиите на претставниците на ММК, да се достават до двете влади на разгледување и усвојување. 

ММК предлага претставниците на државните институции – членови на ММК согласно препораките, а во духот на Спогодбата, да преземат соодветни мерки и активности за реализација на горенаведените препораки.

Двете страни се согласија наредниот Состанок на ММК, да се одржи во Загреб во период од една година, согласно Спогодбата.  
 

Денес (18.6.2018) во рамките на своите задолженија Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020, оствари средба со претставниците на ромскиот граѓански сектор.  

Во однос на сработеното, Министерот Ахмедовски информираше дека  по големи напори собрани се околу 20тина проекти кои се однесуваат на подобрување на условите во комуналната и патната инфраструктура во населбите каде е застапено ромското население. Распределени се 20 милиони денари во 9 општини со кои значително ќе се подобри комуналната инфраструктура како и безбедноста на живеалиштата на ромското население во овие општини.

Исто така потенцираше дека е започнат процесот на ревидирање на Националните акциски планови, кој произлезе како заклучок од првата средба со граѓанскиот сектор одржана во февруари 2018г.

Министерот Ахмедовски информираше дека во претстојниот период еден од главните фокуси ќе биде обезбедување на трајно сместување на лицата кои се привремено згрижени во јавни објекти во општините Кочани и Штип. Во оваа насока Кабинетот ќе учествува во подготовка  на проекти во кои ќе бидат предвидени елементи за целосна интеграција на овие лица и како и интеграција на локалното население. 

„Ова е почеток од нашиот нов и реорганизиран проактивен пристап кој секако дека треба уште да се доизгради но се надевам дека ќе бидеме поразлични од другите и  на наредната средба ќе можеме да излеземе со уште вакви конкретни податоци за успешна реализација“ истакна министерот Ахмедовски. 

Во рамки на средбата следеше дискусија околу зајакнувањето на комуникацијата и соработката со граѓанскиот сектор со цел да се обезбедат конкретни резултати во спроведувањето на јавните политики кои се  однесуваат на Ромите во Македонија. 

На крајот Министерот Ахмедовски ги повика граѓанските организации да земат активно учество во подготовката и спроведувањето на политиките кои имаат за цел да ја подобрат состојбата на оваа маргинализирана заедница. порака до нив да бидат отворени за меѓусебна координација со цел да се максимизира ефектот од нивните проекти и активности и да се зголеми бенефитот за крајните корисници-самата ромска заедница.

Целта на денешната средба беше информирање на граѓанскиот сектор за спроведените активности  како и меѓусебна координација во насока на преземање на понатамошни активности. 
 

Владата на Република Македонија најостро го осудува насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани, кои имаат за цел да манипулираат и да ги вознемируваат граѓаните на земјата.

Владата категорично, согласно овластувањата и законите, ќе ја штити безбедноста на граѓаните и институциите и нема да дозволи изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност.

Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, сè со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржување на референдумот којшто следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина. Без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите кои се шират преку социјалните мрежи.

Сега е моментот сите политички субјекти кои постојано велат дека Македонија нема друга алтернатива за членството во НАТО и во ЕУ, да покажат елементарна политичка одговорност. Сега е време да се биде чесен кон граѓаните и да се покаже на дело поддршката за европската иднина на Македонија.

Секој кој ги повикува граѓаните на насилство има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична, во согласност со кривичниот законик.

Предизвикувањето немири и несигурност е единствената цел на структурите што стојат зад овие немири, а тоа е во целосна спротивност на интересите на нашите граѓани. Омразата и насилството се штетен концепт и не се избор на граѓаните на Република Македонија. Граѓаните на нашата земја избраа иднина за сопствената безбедност, за економски развиена земја, eднаквa со другите во регионот и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Случувањата како оној на 27 април минатата година беа одлучно отфрлени од мнозинството граѓани.

Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји, за Владата на РМ е почетокот на реалната и целосна интеграција на Македонија, најпрво во НАТО, а потоа и во Европската Унија. Тоа е победничкиот концепт за сопствената иднина што го избраа граѓаните на нашата земја.

Тоа е интересот на огромното мнозинство од народот во нашата земја.