Денеска во Службен весник се објави огласот за давање под закуп на државно земјоделско земјиште од над три хектари во регионот на Свети Николе, односно дел од земјиштето кое беше во сопственост на поранешниот агрокомбинат Џумајлија. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во с.Сарамзалино, општина Лозово, деталите за огласот им ги соопшти на земјоделците од овој регион.

Јавниот оглас е за над три хектари, а се распишуваат 907 хектари државно земјоделско земјиште, поделено 10 блока. Овие 10 блока, се дел од третата од 4-те географски целини.

„Во наредните 60 дена ќе се спроведува постапката. Затоа ги мотивираме сите заинтересирани за земјоделското производство да се обратат во МЗШВ да ги добијат потребните информации и да конкурираат за овој оглас. За разлика од претходните огласи, кога за географските целини се бараше конкретен износ и рок за инвестицијата, сега за овие 10 блока согласно Законот за земјоделско земјиште, не постои услов да се поднесуваат инвестиции со соодветен рок, овие 907 хектари да бидат дадени за над три хектари со јавно надавање, согласно законот“, изјави министерот Николовски.

Во следниот период за четвртата целина ќе се објави оглас за до 3 хектари, вкупно околу 600 хектари, со цел и помалите земјоделци од овој регион да дојдат до парче земја.

Градоначалникот на општина Лозово, Ацо Велковски, посочи дека со овој оглас за создаваат можности за регионален развој, бидејќи ќе има инвестиции со што ќе се отворат нови работни места.

Намената за која што се дава земјоделското земјиште е подигање на долгодишни насади со лозје, овоштарници и хмељ, оранжерии, долгодишни насади со лешник, маслинарници, ливади, рибници, спортско-рекреативни активности и рурален туризам и одгледување на други земјоделски култури.

Министерот Николовски посочи дека МЗШВ и Владата спроведуваат системски политики со цел во насока на максимална искористеност на обработливото земјоделско земјиште и објавување на огласи, што ќе придонесе до зголемено земјоделско производство, а земјата да дојде во рацете на вистинските земјоделци.

„Лоциравме 11.000 хектари слободна земјоделска површина , поделена во блокови исчистена од секакви процедури, и кои што во следните месеци ќе бидат објавени, исто во огласи за до и над 3 хектари. Мотивиравме во овој период домашни и странски компании кои што се заинтересирани за изградба на нови производствени капацитети, за зголемување на вкупното земјоделско производство и за инвестиции во агросекторот. МЗШВ мапираше соодветни локации за откупно дистрибутивни центри кои што ќе бидат понуди на заинтересираните компании за изградба на нови производствени капаците, но и во овие 11.000 “, изјави министерот Николовски.

На собраниската седница на 2-ри мај се измените на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, кои што се важни за спроведување на окрупнувањето на земјоделското земјиште, најави министерот Николовски. Годинава започнува постапката за окрупнување на 17.400 парцели на околу 4.500 хектари во Македонија во 12 веќе избрани локации. Дел од мерките во делот на земјишната политика се донесената методологија и Закон за продажба на земјиштето во државна сопственост под оранжерии и објекти во функција на земјоделско производство, за што овој месец ќе биде објавен и јавен повик, со што ќе им се овозможи полесно аплицирање за ИПАРД Програмите.

Владата на Република Македонија во буџетот за 2018 година издвои рекорден износ на средства за поддршка на македонското стопанство, односно 46% повеќе средства од буџетот во 2017 година.

Од денес започнува првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој, на кој малите и средни претпријатија ќе може да аплицираат со предлог проекти, а за кој од буџетот се издвоени 185 милиони денари или околу 3 милиони евра. Вкупниот буџет за мерките од третиот столб изнесува 645 милиони денари или 10,5 милиони евра, а наредните два повици се планира да се објават во јули и во последниот квартал од 2018 година.

 

 

На прес конференцијата на која беше извршена промоцијата на јавниот повик, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека денес практично започнува реализацијата на мерките од третиот столб од Планот за економски раст, со кои се овозможува поддршка за малите и средните претпријатија.

„Со реализација на овој повик, преку директна финансиска поддршка од државата ќе се поттикне развојот на македонската економија и раст на бруто домашниот производ. Преку реализација на четирите инструменти од овој повик,за првпат се обезбедени средства, кои освен што ќе поддржат техничка помош и помош на развивање на организациските способности на компаниите, со кои се овозможува поддршка во набавка на опрема, градење на хали и создавање на нови производи. Преку овие мерки се овозможува поддршка до 30% на инвестициите на брзорастечките мали и средни компании и на микро компаниите, додека се овозможува до 70% поврат на инвестиции на компаниите за развој на нови иновативни производи. Развојот на иновативноста е иднината на економијата на Република Македонија“, посочи вицепремиерот.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депостовски во детали ги презентираше информациите во врска со повикот, при што истакна дека во повикот се опфатени четири инструменти: поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст - „газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години. Станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија, кадешто државата станува партнер, преку директна финансиска поддршка во инвестициските проекти на компаниите.

„Со вложувањата во иновациите и технолошкиот ќе се обидеме и очекувам да успееме значително да го намалиме заостанувањето коешто економијата на Република Македонија го има во однос на Европската Унија. За таа цел Владата за првпат вложува буџетски средства во иновациите и технолошкиот развој. Оценувањето на доставените апликации ќе се врши преку оценка на пет главни критериуми: технолошки напредок/степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на тимот кој го спроведува проектот, потенцијал кој го има претпријатито на пазарот и влијанието на компанијата. Најголема тежина во оценувањето има потенцијалот на пазарот, бидејќи крајната цел на инвестициските вложувања е преку повисока конкурентност, компаниите да остваруваат поголем приход и профит. Во насока на транспарентноста, апликациите ќе бидат евалуирани од комисија од надворешни стручни лица, а не од администрацијата, од лица кои ќе бидат избрани на јавен повик кој ќе биде објавен наскоро. За дополнителна транспарентност ги вклучивме и трите најголеми стопански комори, кои ќе номинираат лица за работна група која ќе го следи целиот процес од моментот на објавување на повикот, се до потпишување на договорите“, посочи Деспотовски.

Првиот јавен повик за поддршка на мали и средни претпријатија е отворен до 11 јуни 2018 година.

Министерката Радмила Шекеринска на вториот ден од официјалната посета на САД се сретна со заменик – помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер и со високи официјални лица во Стејт Департментот.

На средбата со првиот заменик – помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард, министерката Шекеринска ги образложи аргументите поради кои Македонија го заслужува членството во НАТО - зголемувањето на буџетот и платите за Армијата, одбранбените реформи, зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, но и на поширок план - враќањето на критичките и слободни медиуми, владеењето на правото, активната транспарентност на која се обврза владата како една од алатките против корупцијата.

Високата претставничка на Стејт Департментот Милард оддаде признание за напредокот кој го постигна земјата само една година по кризните настани во Собранието, и потенцираше дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата.

Во Стејт Департментот министерката Шекеринска се сретна и со заменик - помошник секретарот Метју Палмер, кој истакна дека работите во Македонија се одвиваат многу бргу, а земјата е подготвена не само да биде членка на НАТО, туку членка која активно придонесува во Алијансата.

На средбата со заменик – помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер, министерката Шекеринска рече дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија забрзано работат на имплементација на потребните реформи, фокусирајќи се на Стратегискиот одбранбен преглед кој е клучен документ за развојот на АРМ.

Реформските зафати во МО и во АРМ и нашите резултати во развојот на одбраната покажуваат дека Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО-Алијансата - рече Шекеринска на средбата.

Купер рече дека САД високо го ценат прогресот на реформите во Македонија и посветеноста на стратешката цел - членството во НАТО, како и дека внимателно ќе ги следат состојбите во следните неколку месеци, во пресрет на Самитот на Алијансата.

Министерката во Вашингтон разговараше и со директорот на Меѓународниот републикански институт, Даниел Твининг, и регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Суротчак.

Целта на средбите на Шекеринска во САД е да се обезбеди цврста американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО.

Посетата на министерката Шекеринска продолжува во Вермонт каде ќе се сретне со гувернерот на сојузната држава и со командантот на Националната гарда на Вермонт со која АРМ има блиска соработка.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, денеска имаа свое обраќање по повод настаните од 27 април минатата година во македонскиот парламент.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

 

 

Еве нè, на овој ден, точно една година после бруталните и насилнички настани овде во Собранието на Република Македонија, стоиме гордо исправени во домот на граѓаните и во служба на граѓаните на нашата земја - Македонија.

Не е тешко да се сетиме на тој ден, кога во попладневните и вечерните часови граѓаните беа шокирани од насилството кое се случи во оваа сала.

Таа вечер, Домот на граѓаните во кој се соочуваат аргументите, беше узупиран од насилството. Наместо да ги отворат вратите за правната држава, за владеењето на правото, за новото време кое носи реформи и за легалните институции, тие ги отворија вратите на насилството, ги отворија вратите на пеколот.

Тоа што се случи тој ден, на 27 април, се очајнички постапки на насилство.

Денес сè уште не можам да прифатам дека некои од тие насилници, за да го реализираат нивниот монструозен план и намера, биле подготвени и за ликвидации нa некои од членовите на Собранието.

Да, почитувани граѓани, во нивните очи се гледаше зло, чисто зло и намера за одземање човечки животи. Тоа што се случи тој ден, на 27 април, се постапки на ароганција, очај и алчност на оние кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без чувство за последиците на нивните мрачни амбиции. Тоа не беше само напад против мене, туку напад против секој еден граѓанин на Република Македонија и на темелите на демократијата. Нивните постапки не беа само криминал туку беа повеќе од предавство.

За да не се случи голема трагедија и најлошото, помогнаа разумот и присебноста на мнозинството од пратениците, храброста на поединците и силниот порив кај секој од нив за безумието да заврши без трагични последици.

Ги гледав и очите на соборците, на пратениците, на членовите на обезбедувањето, на новинарите и камерманите, на сите кои се спротиставија на насилството. Во очите на соборците видов силна силна желба за живот. Но, видов и гордост, човечка бистра гордост, верба и одлучност да се оттурне злото, да се спасат живи глави и да се оди напред за демократска, граѓанска, за Македонија на сите нејзини граѓани.

Овој силен мотив ни даде сила, да се храбриме меѓусебно, човечката чест да ја држиме на највиско ниво, да си помагаме во санација на раните, да го запираме крварењето, но и да ги повикуваме нашите пријатели и поддржувачи да одат во партискиот штаб, а не во Собранието, за да не настрада уште некој.

За да не ескалира насилството помогна и присебноста на поголемиот дел од граѓаните на Република Македонија кои останаа разумни и смирени, зашто во такви моменти малку треба за да се поттикне реакција и на другата страна и да се судрат сограѓани. Брат со брат. За среќа тоа не се случи. Во овој момент сакам да ви се заблагодарам за присебноста и мудроста што ја покажавте! Повеќе од било што друго, таа присебност му покажа на светот дека Македонија е спремна за новата иднина.

И да знаете, ја познавам болката што и вие ја доживеавте таа вечер и ја делам вашата тага за тоа што и се случи на Македонија. Сите сме луѓе, ниту јас, ниту овие пратеници и министри сме исклучок. Како ваш брат, пријател, татко и другар ја почувствував вашата голем грижа. Сите бевме ужаснати. Но се боревме и го надминавме стравот. Не можевме да си дозволиме да бидеме кукавици пред лицето на тиранијата. Тоа е одговорноста што лично ја чувствував, но тоа е и одговорноста на сите нас бидејќи здружени ги надминавме тие тешки моменти и само заедно ќе се избориме Македонија да биде дел од напредниот современ и демократски свет.

Денес сите вложуваме напор оваа траума да ја оставиме зад нас, во минатото, да биде завршена работа. Но, катарзата на тој настан низ кој минаа сите граѓани на Република Македонија, мора да помине низ правосудниот систем. Тоа е, воедно, и единствениот начин за да ја дознаеме целосната вистина и позадина на тој настан.

Инспираторите, организаторите и насилниците ќе треба да се соочат со политичките, но и со правните последици. Низ судска институционална постапка, во држава во која владее правото, без политички притисок и влијание.

Така ќе направиме единствената асоцијација и слика за овие настани да биде сликата за слободата. Нека биде 27 април сликата за Македонија која се бори за својата слобода.

А тие, насилниците, иронично, без да помислат дека ќе се случи такво нешто, тие што ги организираа и што ги извршуваа неразумните, насилнички настани во Собранието, не се ни свесни дека всушност го забрзаа доаѓањето на слободата во земјата.

Политичкото насилство во Собранието постави јасна граница. Од една страна застапниците на мракот, на политичкото насилие, оние кои сакаат моќ за своја лична корист, a од другата страна демократските, прогресивните политички актери од сите политички бои во Собранието, заедно со мнозинството граѓани.

Каде сме денеска, на 27 април 2018, година дена после обидот да се урниса демократијата?

Во периодот од изборите во 2016 година до 27 април минатата година, постојано повторувавме дека граѓаните на Република Македонија запреа и срушија режим со пенкало. На слободни избори, низ слободно изразена волја на граѓаните.

Пенкалото го заменија институциите. Институциите на системот, со полн капацитет и со довербата што ја имаат од граѓаните, треба да бидат столбовите на правната држава и на сигурноста на граѓаните.

Мнозинската волја на граѓаните, застанати зад идејата за едно современо општество, ја донесе одлуката за поинаква, граѓанска, демократска Република Македонија, земја на можности за сите свои граѓани.

Излеговме од длабоката политичка криза и од „заробената држава“. Се вративме на патот по кој чекорат сите европски демократски држави.

Ја убедивме Европската Комисија дека заслужуваме препорака, сега сакаме да ги убедиме и државите членки на ЕУ и Европскиот Совет дека заслужуваме почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Република Македонија и нејзините граѓани ги заслужија сите признанија за спроведените реформи кои го зачудија светот. Денес светот го гледа нашиот напредок како резултат на една мирољубива демократија која е спремна да биде дел од западот и од новата иднина. Каква разлика може само една година да направи. Ова достигнување е ваше. Наше, заедничко е! И мора да го надградуваме понатаму!

Почитувани сограѓани, во зрела демократија насилството никогаш не може да биде одговор.
Да се вложиме сите во слободата и во животот, за омразата и насилството никогаш да не се повторат! Никогаш повеќе омраза и насилство!

Омразата може само да ја изеде душата, од внатре. Немаме време во животот и за омраза и за сакање. Времето е доволно само за едното. Затоа сакајте безрезервно и со отворени срца и умови борете се за слободата, за правдата и за подобар живот. Наша заедничка вредност што не дефинира како држава е да се почитуваме едни со други и тоа нè прави горди и одговорни граѓани на Република Македонија.

Како ваш премиер ве повикувам да се ослободиме од болката од минатите години и наместо тоа да се задолжиме со убава мисла, со верба и посветеност, заедно да ја изградиме нашата заедничка иднина, иднината на нашите деца и на нашата Македонија.

Само со заедничка работа имаме перспективи и светла иднина. Имаме можности да изградиме живот за сите. Оваа промена бара време и труд, но покажавме дека кога работиме заедно, резултатите брзо доаѓаат.

Ова е мој повик за акција – приклучете се со сета ваша сила и креативност, вложете ги сите идеи и целиот туд да ја изградиме нашата заедничка Македонија како земја за сите граѓани, едно општество, економија во развој, членка на НАТО и ЕУ, држава со услужни институции, земја на вредни и среќни граѓани. Македонија, земја на можности за сите свои граѓани.

 

Обраќање на претседателот на Собранието, Талат Џафери

 

 

Новинарски прашања и одговори

 

 

На маргините на денешниот Самит на Брдо Бриони Процесот на кој оваа година домаќин е Република Македонија, Министерот за надворешни работи, Никола Димитров приреди работен ручек за присутните министри за надворешни работи од земјите учеснички во Процесот и претставници на специјалниот гостин, претседателот на Европски Совет, Доналд Туск. На ручекот учествуваа и претставници од британското МНР, како домаќини на претстојниот Самит на Берлинскиот Процес кој оваа година се одржува во Лондон.

Министерот Никола Димитров се осврна на Брдо Бриони Процесот, и во тој правец истакна: „Колку повеќе зборуваме со еден глас и си помагаме едни со други во регионот, толку побрзо ќе одиме сите напред. Натпреварот во реформи, во тоа што има значење за нашите граѓани денес и утре, е единствениот политички натпревар што му треба на Балканот.”

Продолжувајќи понатаму, тој ги претстави очекувањата на Република Македонија за постигнување на напредок во пристапниот процес и задоволство што Европската комисија ги препознава досега постигнатите реформски резултати и добиената препорака за почеток на пристапните преговори. Конечно, Министерот се осврна и на идните активности на Владата, во поглед на реформската агенда, но и во поглед на унапредување на добрососедските односи.

Дискусиите за време на работниот ручек беа фокусирани на новиот моментум создаден во нашиот регион, очекувањата од претстојниот период и предизвиците во светло на Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, објавените извештаи за земјите од страна на Европска Комисија, како и претстојните значајни Самити – Самитот во Софија на 17 мај и Самитот во Лондон на 9 и 10 јули. Беа разменети и ставови за иднината на регионалната соработка, за регионалната и европската стабилност и безбедност како и за економскиот раст и напредок.

Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи денеска ја одржа својата седма седница во Центарот за управување со кризи.

На седницата беше разгледана информацијата за подготвеноста на надлежните институции во Република Македонија при евентуална појава на пожар, како и за итните мерки за справување со овие појави.

Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи го задолжи Центарот за управување со кризи, во најкраток можен рок, да формира оперативно координативно тело за заштита на шумите од пожари во претстојниот период, со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Управата за хидрометеоролошки работи, ЈП Македонски шуми, Шумската полиција и ЗЕЛС, како и да определи лице кое ќе биде одговорно за координирање на ова оперативно тело, со цел навремено координирање на активностите во насока на преземање на соодветни активности за спречување на појава на пожари на територијата на Република Македонија.

Како една од препораките од оваа седница беше и предлогот Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доколку оцени за потребно, да воведе ограничување на движењето на сите лица во шумите, како и да ја информира соодветно јавноста за постоење на забраната за палење на стрништата како превентивна мерка за заштита од појава на шумски пожари и за опасноста од настанување на шумски пожари, за штетните последици од шумските пожари, за нивна превенција, како и за висината на казните за предизвикување на пожари согласно одредбите од Законот за шуми.

На оваа седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција и Шумската полиција се задолжени да го интензивираат патролирањето и легитимирањето во шумските предели во претстојниот период.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа и сите единици на локалната самоуправа во Република Македонија, во наредниот период треба да ја зголемат соработката и координацијата со регионалните центри за управување со кризи, како и да го промовираат користењето на контактите преку бесплатниот телефонски број за итни повици 195, кој е достапен 24 часа на целата територија на Република Mакедонија, и други мерки согласно нивните надлежности.

На денешната седница е препорачано Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, при итни и неодложни потреби да го информираат Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, со цел потоа да се достави усогласен предлог до Владата на Република Македонија за активности што треба да се преземат.

Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи донесе одлука да се достави предлогот за продолжување на стратегијата за состојбата на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија, и по негово разгледување и утврдување од страна на Владата на Република Македонија, да се достави на разгледување и одлучување до Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, попладнево се сретна со градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис.

Премиерот Заев и градоначалникот Каминис се согласија дека ваквите чекори на градење доверба, како што е денеска потпишаниот договор за соработка меѓу Скопје и Атина, се историски чекори на поставување мостови за соработка, што е од помош и за политичкиот процес што се води на меѓу владино ниво.

- Одговорни сме за иднината на сегашните, но и на идните генерации и треба да ги развиваме нашите пријателски односи. Скопје е најголем град во нашата држава, ќе биде од значење размената на искуства меѓу нашиот главен град и Атина во делот на позитивни практики на менаџирањето, рече премиерот Заев.

Градоначалникот на Атина, Каминис изрази разбирање за евро-атлантските аспирации на државава. Тој додаде дека е отворен прозорец на можности за владите на двете земји да најдат решение за отвореното билатерално прашање.

- Грција е една од најстарите земји членки на НАТО и на ЕУ и мора да биде лидер во обезбедувањето евро-атлантска иднина за целиот регион. Работиме и на клучните реформски процеси, градиме едно општество за сите граѓани и ќе направиме се што е до нас, да биде најдено заеднички прифатливо решение. Во меѓувреме, добро е што постои политичка волја, ќе ја зајакнуваме довербата, меѓусебната соработка и добрососедските односи, додаде премиерот Заев.

На средбата, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис се согласија и дека Балканот мора да остане стабилен и дека тоа е можно со чиста визија на лидерите и на владите, но и на другите политички субјекти во државите и општествени чинители, кон каде се оди.

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа посветен на здравјето и безбедноста на млaдите работници и укинување на детскиот труд министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се обрати на настанот насловен како ​„Безбедна и здрава генерација“, во организација на Националниот совет за безбедност и здравје при работа, а под покровителство на Министерството за труд и социјална политика.

Царовска истакна дека едно од основните човекови права и предуслов за успешна работа и поголема продуктивност на работникот е чување и унапредување на здравјето на работниците, прашање на коешто оваа Влада е целосно посветена. ,,Сите ние заеднички ја созадаваме таа безбедна и здрава средина за да имаме попродуктивни работници. Без продуктивни работници не може да имаме економски раст и развој на оваа држава”, подвлече Царовска при тоа честитајќи го Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Надополни дека Министерството интензивно работи на спроведување на Законите и Правилниците поврзани со ова прашање, но и ги повика сите работници и работодавачи да се придржуваат до нив затоа што, како што рече, ако младата генерација не ни биде здрава тогаш ние нема да имаме здрава млада работна сила која што е во интерес и на работодавачите и на државата.

Во таа насока МТСП пред еден месец организираше акција во која на невработените лица им беше овозможен бесплатен преглед во Институот на медицина на трудот, за да добијат потврда за нивната здравствена состојба и истата може да ја искористат аплицирајќи на работни места.

Бројот на извршените инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за труд во 2017 година во делот на безбедност и здравје при работа е 7.406 редовни инспекциски надзори и 3.552 вонредни инспекциски надзори. Бројот на смртни случаи на работници на своите работни места во 2017 година е 14, во 2016 година 15, во 2015 - 24, или просечно во периодот од 2010 до 2017 година 15 смртни случаи годишно. Инспекциските надзори во оваа област се со цел работодавачите да преземаат соодветни мерки за безбедност на вработените на своите работни места.

Со самото доаѓање на оваа Влада се зацртаа насоките на делување кои се утврдени во Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020, во која е дефинирана визијата, стратешкиот пристап, принципите, основните цели, очекуваните цели и резултати, приоритетите и клучните предизвици. Се разви и Акциски план во кој се предвидени голем број на активности насочени кон системот на управување со безбедноста и здравјето при работа преку широк партиципативен и консултативен процес, вклучувајќи ги сите засегнати страни.

За подобра имплементација на Стратегијата и Акцискиот план Советот за безбедност и здравје при работа, како експертско и советодавнио тело редовно одржува седници, дава стручни и експертски насоки за натамошно подобрување на состојбите во оваа област. И оваа година Советот со поддршка на Министерството за труд и социјална политика додели скромни признанија на компаниите со најдобри пракси за безбедност и здравје при работа за 2017 година. Во категорија на мали компании награда доби ЕВН електрани, за средни компанијата Империјал Тобако и за големи компанијата Макстил.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со високи претставници на Еуростат, директорот на Директоратот А во Еуростат, Питер Еверарс, тим лидерот за земјите кандидатки за членство задолжен за Македонија и Албанија, Торбјорн Карлкуис, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Семуел Жбогар и директорот на Државниот завод за статистика на Република Македонија, Апостол Симовски.

На средбата со високите претставници од Еуростат се разговараше за предизвиците во областа на статистичките истражувања и за важноста на квалитетот на статистичките податоци како предуслов за спроведување на долгорочни одржливи политики како и за препораките на Европската Комисија во последниот извештај во кој Македонија доби чиста препорака за почеток на претпристапни преговори со Европската Унија.

Претставниците на Еуростат ги пренесоа европските искуства и пракси и разменија мислења за моделите на спроведување попис на населението во Република Македонија кој би ги исполнил меѓународните пропишани стандарди и би одговорил на очекувањата за обезбедување на квалитетни статистички податоци.

Премиерот Заев ја потенцираше заложбата на Владата на Република Македонија да ја гарантира професионалноста и независноста на институциите како што е Државниот Завод за статистика и да ги насочува институциите да го унапредат своето работење согласно европските стандарди.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска во Собранието на Република Македонија се обрати на седница на Националниот совет за европски интеграции, на која присуствуваа пратеници, амбасадори, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни и граѓански организации.

На почетокот на своето обраќање, премиерот Заев поздравувајќи ги сите присутни и членовите на Националниот совет за европски интеграции, со кој претседава пратеникот Никола Поповски истакна дека поводот за средбата е „настан на кој се горди сите граѓани на Република Македонија, а тоа е чистата препорака за почеток на преговорите со Европската унија во Извештајот за напредокот на Република Македонија на Европската комисија“.

„За сите нас, за граѓаните на нашата земја, за Владата на РМ, за Собранието на нашата држава, за сите останати највисоки државни функции и поединци, оваа препорака ни стигна како потврда за постигнатото и како силен мотив за следната тешка, но достижна цел: Одлука за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, на Советот на министри во јуни и подготвени сме за тој нов чекор напред“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев констатираше дека Македонија сега, за разлика од периодот каде се наоѓаше пред точно една година, заедно со мнозинската волја на граѓаните е застаната зад определбата за едно современо општество за сите, носејќи ја одлуката за демократска и европска држава која е решена да ја промени стагнацијата со проактивни политики кон реформи и пријателства што придвижуваат напред.

„Нашата намера е во јуни, Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија“, порача премиерот Заев, најавувајќи во следните два месеци, поенергично продолжување на реформските и политичките процеси. Тој посочи дека врз основа на Извештајот на Европската комисија, се утврдени следните итни реформски процеси во нов План за реформската динамика до крајот на 2018 година, за што како што рече се информирани и Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, Високата претставничка за безбедносна и надворешна и политика на Европската Унија и Потпретседателка на Европската Комисија Федерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан, како и Претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер.

Премиерот Заев пред присутните потсети дека претходно, во изминатите два извештаи на Европската комисија заради длабоката политичка криза, назадувањето со реформите и констатацијата за „заробена држава“, препораката за почеток на преговорите беше суспендирана и условена, со обезбедување демократски амбиент и демократски реформи, согласно очекувањата на граѓаните, согласно договореното во Пржино и согласно препораките на групата на Прибе.

„Оваа година, препораката е чиста и безусловна. Сега ни претстојат чекорите кои треба да ги изодиме до портата на ЕУ. Никогаш не сме биле поблиску, и нема да отстапиме ни педа во овој прогрес. Сите знаеме и зошто – затоа што членството во ЕУ и во НАТО значи и подобра бизнис клима и повеќе инвестиции и повисоки плати и подобар живот“, порача премиерот Заев.

Премиерот Заев истакна дека во изминатите 10 месеци не пропуштил прилика да ја повика опозицијата да биде дел од конструктивните политики на Владата, потсетувајќи дека активното учество во институциите и во политичките процеси се создава амбиент за судир на политички аргументи и за усовршување на политиките што треба да се преземат во полза на сите граѓани на Македонија.

„Да продолжиме заедно со опозицијата, со поддршка на критичното мислење на граѓанскиот сектор да работиме и заедно да ги носиме одлуките и за сите други стратешки граѓански, државни и национални интереси. Тука мислам и на обезбедувањето широк граѓански и државен консензус во решавањето на спорот со Грција. Заеднички да се фокусираме кон достоинствени решенија за билатералните прашања“, рече премиерот Заев оценувајќи дека само така може државите-членки на ЕУ да ги убедиме дека заслужуваме почеток на преговорите за членство во Европската унија.

Учеството на опозицијата, посебно и во рамки на Националниот совет за европски интеграции, со кој раководи пратеник од опозицијата, позитивно го оцени и Бујар Османи, заменик-претседател на Владата на РМ задолжен за европски прашања.

Тој нагласи дека евроинтеграциите на Република Македонија се проект кој ја изразува апсолутната волја на граѓаните на РМ, со над 80 проценти поддршка според анкетите, но се должи и на сите политички партии, кои се посветени на процесот.

Чистата и безусловна препорака на Европската комисија до Европскиот совет позитивно ја оцени и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Иван Великов Петков, кој во името на бугарското претседавање со Советот на Европската унија ја поздрави како што рече чистата и безусловна препорака на ЕК до Советот за присоединување на Македонија во европското семејство.

Бугарскиот амбасадор, го истакна посебното место кое во Извештајот го има настојувањето на Владата да ги обнови и одржува добрососедските односи, посебно односите со Бугарија кои резултираа и со заеднички Договор за соработка.

Амбасадорот Иван Великов Петков додаде дека Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе биде одржан на 18 мај во Софија е одлична шанса да се разгледаат можностите за забрзување на реформските процеси на Македонија со посебна иницијатива за поддршка на прашањата за безбедноста, миграцијата, транспортната и дигиталната поврзаност и изрази убеденост дека со земјите од Западен Балкан ќе биде потврдена заедничката политичка волја за интеграција во ЕУ.

Шефот за политички односи на Канцеларијата на Европската унија во Македонија Лукас Холуб, во својот говор изрази задоволство заради промените кои како што рече ги забележува во Македонија од минатата година, а кои забележа дека се заслуга на одлучноста и волјата не само на Владата и опозицијата, туку и на граѓаните на РМ, и наброи неколку области каде треба да продолжат реформите.

Претседателот на Советот за европски интеграции Никола Попоски, кој е од редовите на опозицијата, ја нагласи потребата од применување на европските стандарди и истакна дека е потребен отворен и инклузивен дијалог, со вклучување на јавноста.