Редовна прес-конференција на портпаролите, Миле Бошњаковски и Муамет Хоџа по 95-та Седница на Владата на Република Македонија.

 

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), како надлежна за стопанисувањето на објектите во сопственост на владата, известува дека Владата на Република Македонија не беше запознаена за намерата, ниту информирана за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи.

Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите „Тинекс“ и хотелот „Квинс“, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред.

СОЗР денеска ќе ги покани претставниците на менаџментот на концесионерот утре на состанок да информираат за причините за нивната одлука.

Од таа средба со менаџментот на концесионерот на „Македонско село“, и од разговорот за новонастанатата ситуација, СОЗР ќе постапи согласно одредбите регулирани со договорот за концесија.

„Почитувани граѓани,

Денеска е Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата. Мораме да го прекинеме кругот на сиромаштијата, кој се пренесува од генерација во генерација меѓу најранливите семејства.

Поради тоа, дополнителни 11 илјади домаќинства ќе добиваат гарантирана социјална помош, покрај постојните 26 илјади домаќинства, кои веќе имаат право на овој надоместок.

Семејствата со деца и со ниски приходи ќе добиваат полесен пристап до Детскиот додаток. Очекуваме бројот на деца кои ќе го користат ова право да биде над 70 илјади, за разлика од само 3.200 деца кои сега имаат право на Детски додаток.

Раниот детски развој е клучен и во него мораме да инвестираме на време и со поголем опфат на семејства, затоа што тоа не може да се надомести подоцна во текот на животот.

Најранливите категории на деца ќе добијат можност да се вклучат во установите за згрижување и воспитание - овие капацитети ги зголемуваме со инвестиција од 16 милиони евра и поддршка од Светската банка.

Образовниот додаток од 2019 година ќе можат да го добиваат и основците и очекуваме да го користат над 60.000 деца.

Ова се некои од нашите одговори за излез од кругот на сиромаштијата. Ова се инвестиции во човечкиот развој бидејќи секое дете ни е важно, бидејќи секој човек ни е важен.

Тука не запираме и одиме понатаму, отворени за соработка со иницијативите на заедниците.

Заедно можеме да ја направиме Македонија да биде солидарна и чувствителна земја.“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати повторно во дебатата во Парламентот, по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија и порача дека за амандманите за промена на Уставот, Владата е отворена да ги направи заедно со опозицијата, во духот на постигнатиот Договор од Преспа. 

Премиерот Заев се вклучи со реплика во дебатата, по барањето на пратеници од опозицијата да ја видат содржината на амандманите.

„Владата ќе треба да ги подготви нацрт амандманите во рок од 15 дена. Јас како прв во Владата повикувам заедно да седнеме да ги работиме амандманите. Едниот е пред Македонија да додадеме Северна. Другиот е за да ги истакнеме одлуките на АСНОМ. Да нема иредентистички повикувања. За европски начела на неповредливост на границите и територијални претензии“, објасни премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев рече дека власта и опозицијата треба заедно да учествуваат во изработката на амандманите. Тој за Договорот додаде дека станува збор за спогодба којашто носи кон пријателство, изрази подготвеност за нов амандман ако се смета за потребно и ја повтори можноста за дополнително потврдување на идентитетот.

„Апелирам, ова е дебата само за потребата за уставни промени. Пресериозна е работата. Спремен сум да седнам со сите, вклучувајки го и лидерот на опозицијата, за да изградиме национален консензус“, рече премиерот Зоран Заев, посочувајќи на подготовката на амандманите за промена на Уставот, во духот на Договорот од Преспа, на парламентарната седница на којашто втор ден власта и опозицијата дебатираат за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија.
 

На 95-та редовна седница, Владата на Република Македонија ја прифати информацијата за пренамена на средства од програмата енергетска ефикасност и обновливи енергии за финансирање проекти од областа на наводнувањето. Министерство за финансии треба да ја започне постапката за пренамена на средствата во вид на заем во износ од 20 милиони евра од програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии, III фаза, за проекти од областа на наводнувањето, а за останатите средства потребни за затворање на финансиската конструкција  на овие проекти да побара развоен заем од Владата на СР Германија и банката КфВ.

Министрите денеска ја прифатија информацијата за обезбедување деловен простор за отворање Инфо - центар за евроатлантски интеграции. Целта е да се обезбеди простор за активен дијалог и дебата за евроатлантските интеграции.

Проектот предвидува организирање на промотивни настани, дебати и други активности преку кои на граѓаните ќе им се доближи процесот на евроатлантските интеграции и ќе го зголеми нивното знаење за истиот.

На предлог на Министерството за економија, Владата ја прифати информацијата во врска со формирање работна група за изработка на интегриран Национален акциски план за енергија и клима. Најдоцна до 25 овој месец, Кабинетот на ЗПВРМ задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, министерствата за животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за финансии, Секретаријат за европски прашања, како и Агенција за енергетика, ЕЛЕМ и МАНУ треба да номинираат лица кои ќе бидат вклучени во работната група за подготовката на Националниот план, а Министерството за економија по потреба дополнително во работната група да вклучи и претставници од други надлежни институции, граѓанскиот сектор и експерти. Национален акциски план за енергија и клима е обврска која произлегува од Енергетската заедница во која Република Македонија е една од Договорените страни.

На денешната седница, Владата на Република Македонија усвои и информација за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци. Изјавата за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци ќе ја потпише министерот за  информатичко општество и администрација и истата во рок од 15 дена треба да ја достави до членовите на Советодавниот одбор на Повелбата за отворени податоци.

Владата ја усвои информацијата за потреба од итна санација на армирано-бетонски мост на пругата Велес - Гевгелија. Министерствата за финансии и за транспорт и врски се задолжени да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства потребни за санацијата на мостот. Додека ЈП МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕ3НИЦИ - ИНФРАСТРУКТУРА е задолжено да започне итна постапката за реализација на набавката - санација на армирано - бетонскиот мост на пругата Велес - Гевгелија.

На 95-та седница, Владата донесе одлука да му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата поднесена од Еленко Миланов од Скопје, доставена до Уставниот суд на Република Македонија под У.бр.106/2018, за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 196 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2004) и член 100 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009).

Владата му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата, со цел да се оневозможи избегнување одговорност за сторени кривични дела од страна на високи функционери за кои се води постапка од страна на Специјалното јавно обвинителство.

Дел од одлуките на Владата на Република Македонија денеска е информацијата за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“. Генералниот секретаријат на Владата е задолжен во рамки на предвидените средства потребни за Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија да обезбеди парични средства во износ од 1.200.000,00 денари во рамките на средствата обезбедени од државниот буџет за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“.

По повод 100 години од првите истражувања на некрополата Требениште, кај Охрид, Археолошки музеј на Македонија, Национален археолошки институт со музеј - Софија и Народен музеј Белград во името на пријателските односи и соработката во областа на културно - историското наследство и научното истражување, ќе организираат три заеднички изложби, кои ќе се одржуваат последователно во Скопје, Софија и Белград. Изложбата ќе се одржи во периодот од 15 Ноември 2018 гoдина до 15 Мај 2019 година.

Изложбите се посветени на промоција на заедничките европски вредности и европската интеграција на Западен Балкан, прогласена за главен приоритет на надворешната политика на трите држави - Република Македонија, Република Бугарија и Република Србија. Со изложбата ќе се претстави еден дел од богатото културно наследство на Република Македонија, кое се наоѓа во три држави пред пошироката јавност со што истата одблизу ќе биде запознаена со еден од најзначајните локалитети од Република Македонија. Изложбата „100 години Требениште“ ќе биде несомнено најголемиот промотор на македонското културно археолошко наследство.

Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, одржаа прес конференција во Владата на Република Македонија, како членови на Комитетот за интеграција во НАТО, и членови на Работниот комитет за интеграција во НАТО, информираа за официјалниот старт на пристапните разговори на нашата земја со НАТО, во седиштето на Алијансата, кои ќе се одржат од 18 до 19 октомври.

„Пред нас е шансата нашата држава да стане членка на најмоќниот систем на колективна безбедност што обединува 900 милиони граѓани. Најсилните земји во светот ќе бидат наши сојузници. Македонија отсекогаш беше обединета по прашањето за членство во НАТО. Оваа ориентација е присутна во сите програми на важните партии во земјата од осамостојувањето до денес. Тоа е точката која не поврзуваше и во моментите кога бевме најразлични и најподелени. Сега е моментот, сите ние, а најмногу пратениците, од зборови да преминат на дела. Пратениците од сите политички партии се исправени пред историска шанса и одговорност. Никој нема право да ѝ ја одземе иднината на оваа земја и на нејзините граѓани кои предолго ја чекаат оваа вест, особено по поканата од НАТО“, порача Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

„Со оваа сесија на разговори во Брисел, Република Македонија ја отвора последната фаза, пред членство во своите односи со НАТО, што претставува суштински исчекор во процесот што ќе нѐ донесе до реализација на нашата  најголема стратешка цел,  преку целосна имплементација на „Преспанскиот договор“.

Впрочем, како што диктира доминантната политичка волја на мнозинството македонски граѓани што гласаа на референдумот“, истакна во своето обраќање министерот за надворешни работи Никола Димитров.

„Не смееме да бегаме од нашата одговорност. Нема поголем патриотизам од преземање на одговорноста и визија за иднината. Ние тоа го направивме како Влада, ги инициравме уставните измени коишто се во контекст на успех на овој процес, сега сѐ е во рацете на пратениците.

Ништо не е важно - ни партии се важни, ни идни избори. Политички кариери се неспоредливо помалку важни од историскиот, судбинскиот влог пред нас. 27 години поминаа, ајде сите заедно да го затвориме ова поглавје на предизвици и да отвориме ново, да се бавиме поконкретно, посуштински со прашањата што нѐ засегаат за да си ги задржиме младите дома и да си ја направиме Македонија европска тука, да не ја бараме Европа вон границите на  Македонија“, рече министерот Димитров.

Според сите анализи од релевантни институции и поединци, нашето членство во НАТО значајно ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, но, ќе биде и позитивен пример и придонес за регионалната безбедност, стабилност и просперитет во регионот на Западниот Балкан.

„Во оваа фаза на преговорите ќе биде утврдена и временската рамка за нивно комплетирање, која во нашиот случај е веќе прилично јасна. Имено, процесот треба да заврши до крајот на декември оваа година. Потоа, во јануари 2019 година, Република Македонија ќе го потпише Протоколот за пристапување со право на учество во сите тела на НАТО, но, без можност да гласа, а приемот на нашата земја во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе го ратификуваат Протоколот за пристапување и тоа, секоја одделно во своите национални парламенти.

Во нашиот случај е предвидено Грција да биде првата земја-членка која што ќе го ратификува овој документ, откако ние ќе го завршиме нашиот дел од обврските од Преспанскиот договор“, потсети Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, на прес конференцијата посветена на официјалниот старт на пристапните разговори на нашата земја со НАТО, во седиштето на Алијансата, кои ќе се одржат од 18 до 19 октомври.

На прашање на новинарите упатено до Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска  за делот од излагањето на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во кое тој повика на помирување во Собранието на РМ во име на поддршка на уставните измени, вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска истакна дека правдата и помирувањето не се исклучиви, туку се надополнуваат и дека пораката на премиерот Заев беше токму во таа насока, дека на оваа држава ѝ е неопходна правда, и додаде дека поделена држава, не е држава што оди напред.

„Покажавме и во однос на нашите односи со соседите, и во поглед на нашата ситуација дома, дека сакаме да водиме грижа за државните, а не за нашите партиски интереси. Сега е момент да покажеме дека кога е најтешко и кога е најважно, Македонија ги носи вистинските одлуки. Тука партиски, лични интереси, не смеат да доминираат. И мислам дека премиерот вчера беше многу јасен. Влеговме во оваа операција не да успееме како личности и како партии, туку за да успее нашата држава“, одговори Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Усогласувањето на законите со кои треба да се спречи насилството врз жените и семејното насилство, како и сите други мерки што државата треба да ги направи за да ја имлементира Истанбулската конвенција беа тема на денешниот координативен состанок во Владата на Република Македонија.

На состанокот на кој воведно обраќање имаше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, присуствуваа преставници од поголемиот дел од министерствата, од државните институции,  меѓународните организации и граѓанскиот сектор.

“Eден од стратешките определби и приоритети на Владата на Република Македонија е да ги исполни предвидените активности во владината Програма, односно да го реализира Акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција. На овој начин сите заеднички ќе направиме напори за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така ќе делуваме превентивно во подигнување на јавната свест како и воспоставување на институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство”, истакна министерката Царовска.

Владата на Република Македонија на 9 октомври го усвои Акцискиот план за спроведување на конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство во Републка Македонија за периодот 2018-2020 година.

Овој Акциски план претставува сеопфатна мулти институционална политика за борба против насилството врз жените и овие политики треба да се гледаат како елемент на демократското и транспарентното владеење засновано на владеење на правото.

Во насока на унапредување и унифицирање  на системот за постапување со случаи на семејно насилство,  изготвени се и усвоени  стандарди и процедури за семејно насилство  во соработка со граѓанскиот сектор. МТСП досега отвори 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а ја прошири и дејноста  на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе  и со жртви на сексуално насилство каде што згрижувањето трае до 6 месеци.

МТСП во соработка со граѓанскиот сектор, финансира Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48часа и Национална мобилна СОС линија,  кои се менаџирани од страна на граѓански здруженија. Министерството за труд и социјална политика изборот го прави по пат на јавен повик на годишно ниво. Министертвото инвестира и во  објект во кој ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје, отворени се и 3 Центари за жртви на сексуално насилство.

По повод Светскиот ден на храната, денеска министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присусутвуваше на одбележување на овој светски ден во ООУ “Аврам Писевски”. Настанот под мотото "Нашите дејствија се наша иднина, свет Без Глад до 2020 година е возможен”, беше во организација на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со ООУ “Аврам Писевски” и граѓанските организации “Слоу Фуд Водно” и “Ајде Македонија”.

Секоја година, на 16 октомври, се слави како  Светски ден на храната, а годинава порака е "Нашите дејствија се нашата иднина", однсоно да се засили посветеноста и уште поважно, политичката поддршка кон одржлив свет ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост. Темата за оваа година е посветена на Целта за одржлив развој 2 - Свет без Глад (Zero Hunger) коja не само што се фокусира на искоренување на гладот во светот, туку и на постигнување на подобрена исхрана и одржливо земјоделство.

Министерот Николовски потенцираше дека денешниот ден повикува на посветеност на секој поединец како и политичка поддршка, за да се остварат стремежите за создавање одржлив свет, ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост.

„Преку вакви локални настани можеме да ја потенцираме вредноста на храната во општеството. Над 815 милиони луѓе во светот се на граница на неисхранетост, а светот произведува доволно храна и производството на храна е една од главните теми на кои посветуваме  големо внимание. Производството на храна е особено  предмет на работата на МЗШВ и затоа силно ќе ги поддржуваме сите настани преку кои ја зголемуваме јавната свест за вакви важни теми. А, децата од најмали треба да ги научиме на овие навики и практики преку кои што навистина можеме да го промени светот. Децата може да бидат амбасадори на сите овие политики на кои што генерално како Влада даваме силна поддршка.Заедно со Министерството за образование и наука на ниво на Влада ќе иницираме вакви училишта со  вакви градини како во ОУ Аврам Писевски, во општина Карпош, да има во целата држава, тоа е импулс плус во делот на едукацијата,информираноста и на здравите навики кои се потребни за децата да ги градат од мали нозе“, изјави министерот Николовски.

Светскиот ден на храната се одбележува секоја година во светот на 16-ти октомври, во чест на датумот на основањето на ФАО во 1945 година. Оваа 2018 година на Светскиот ден на храната се одбележува 73-годишнината од основањето на ФАО. Настаните организирани од страна на ФАО, владите, локалните власти и други партнери во повеќе од 130 земји ширум светот повикуваат на зголемени активности за постигнување Свет Без Глад до 2030 година.

Со денешниот настан во Скопје ФАО и партнерите повикаа на акцијата – да се вратиме на вистинскиот пат. Денес младите, се возрасните луѓе на утрешнината и тие ќе ја наследат Земјата. Оттука фокусот е ставен на младата генерација.  Заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ООУ “Аврам Писевски”, с. Бардовци, Скопје, “Слоу фуд Водно” и „Ајде Македонија”, ФАО го промовираше глобалниот повик за заеднички, здружен напор кон здрава исхрана преку воведување практична едукација за храна и здрава исхрана во наставните програми, усвојување методи за  намалување на загубите и отпадот од храна и олеснување на пристапот до локално произведената, свежа и хранлива храна од семејните земјоделци.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Собранието на Република Македонија, денеска одговори на говори и реплики од пратениците, што се однесуваат на Предлогот за пристапување кон Уставот на Република Македонија, како и за неговиот повик за помирување. 

„Сите сме за ЕУ и НАТО и сите сме свесни дека без договор со Грција не е можно. Ќе ја пушиме ли Македонија да го направи чекорот? Нашето државно име го дополнуваме и прецизираме, не го менуваме. Идентитетот го потврдуваме. Граѓаните даваат мандат на пратениците на избори, да одлучуваат во нивно име“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека прашањето околу членството на Македонија во НАТО и ЕУ преку прифаќање на договорот со јужниот сосед беше пуштено назад кај граѓаните кои во големо мнозинство се изјаснија, „а оние кои не сакаа да одлучуваат, оставија на нас“, додаде премиерот Заев. Претседателот на Владата, Заев исто така рече дека позитивно го разбира повикот на пратеници од опозицијата за разговор со нивниот лидер Христијан Мицковски.

„Да седнеме, со лидерот Мицковски да разговараме - позитивно го сфаќам, низ разговор се решенијата“ рече премиерот Заев. Претседателот на Владата дополни: „Премногу е делби. А не ми паѓа на памет да влијаам на судови и институции“.

Претседателот на Владата, Заев повтори дека останува на ставот „низ дебата да го најдеме решението“. Македонија мора да ја биде, повика премиерот Зоран Заев, во продолжението на собраниската седница на којашто пратениците дебатираат по Предлогот за пристапување кон Уставот на Република Македонија. 

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ  („Службен весник  на  РМ„ бр.21/98 и 18/07),   23 октомври 2018 година (вторник), Денот на Македонската револуционерна борба, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните на Република Македонија им го честита Денот на Македонската револуционерна борба.