Ѓорѓиев: Владата нема никаков проблем студентите да присуствуваат на дебатата

Владата нема никаков проблем студентите да присуствуваат на дебатата. Доколку Интеруниверзитетската конференција цени дека е потребно во рамките на нивната делегација која ќе учествува на денешната дебата да има студенти, тогаш ние немаме никаков проблем, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од професорскиот пленум дека на дебатата не било дозволено да присуствуваат и студенти, Ѓорѓиев рече дека никаде во понудата за форматот кој треба да биде присутен од страна на Интеруниверзитетската конференција не било ограничено дека не може да присуствуваат студенти.

- Напротив, ги охрабруваме луѓето од Интеруниверзитеската конференција и нејзиниот претседател да вклучат во рамките на делегацијата и претставници на студентите. Може да вклучат и студенти кои изразија поддршка на реформите, но и претставници на студентите кои изразија несогласување, нагласи Ѓорѓиев.

Оцени дека е добро што ќе се дебатира и ќе се разменуваат мислења меѓу засегнатите страни. Дебатата што се случува во јавноста, како што нагласи, не е од вчера.

- Оваа јавна дискусија трае веќе три месеци преку различни форми, организирање разни трибини, состаноци и изјави во медиуми. Ова е уште еден составен квалитативно надополнет дел на самата дебата каде на исто место ќе може да се дебатира за високото образoвание. Сите се повеќе од добрoдојдени да присуствуваат и заедно да ги согледаме сите аспекти на понудените реформи за кои ние сметаме дека се исправни и носат додадена вредност и за студентите и за професорите и за целокупното општество, потенцира Ѓорѓиев.