Канческа-Милевска: Над 1.700 проекти ја унапредија културата во 2014

 Во 2014 година се завршени повеќе од 1.700 проекти што е 98 отсто реализираност од планираните. Најмаркантни за годината што завршува се отворањето на Археолошкиот музеј на Македонија, кој за два месеца има 10.000 посетители, и новата зграда на Велешкиот театар по 66 години театарска дејност во градот. 

- 2014 беше година на културата и на проекти за кои се чекаше со години. Тие ја унапредија културната клима во нашата држава, ја збогатија културната понуда за граѓаните и беа соодветен одговор на нивните потреби и барања, рече министерката Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција на која присуствуваа и директори на национални институции од културата. 

Соопшти дека 2014 беше и година на стимулативни мерки кои, рече таа, наишле на огромен интерес и поддршка од уметниците - откупени се 64 ликовни дела, нарачани се 42 дела од класичната музика, субвенционирани се 106  забавни и фолк-композиции и поддржан е превод на дела од 21 македонски автор на 15 странски јазици. Потсети дека стимулативните мерки се во согласност со Националната стратегија 2013-2017 од чии резултати е задоволна зашто се исчекор во развојот на културата. Активностите предвидени во стратегијата во 2014 биле исполнети 70 проценти. 

Задоволна е и од напредокоот на филмската дејност кој се должи на зголемувањето на средствата за продукција, даночните олеснувања односно правото на поврат на средства, овозможени со новиот Закон за филмска дејност. Секоја година излегуваат по два нови македонски филма, а идната година ќе има седум што е најголем број домашни филмски премиери во една година. 

Канческа-Милевска информираше и за доделените национални пензии и вработувањето на вкупно 129 уметници - кадар во театрите, МОБ Филхармонија и во ансамблот „Танец“. Рече дека за идната година се планираат 120 вработувања - стручен кадар во областа на заштита на културното наследство и конзервација, во музејска и во библиотечна дејност. 

Интензивно се работело и на истражување на археолошките локалитети. Во Скупи тие се завршени и идната година се планира почеток на реконструкција на гледалиштето и театарската зграда. Голем е бројот на проекти за заштита на културно наследство, меѓу кои се и тие за обнова на фасадите на стара архитектура и за реставрација на сакрални објекти, а со закон беше заштитено старото градско јадро на Кратово.

Во издавачката дејност се реализираа капиталните литературни проекти, во театарската дејност покрај премиерите и отворањето на Велешкиот театар, 2014 е значајна и за востановувањето на новиот „МНТ фест“ на кој годинава гостуваше и Шекспировиот театар Глоуб.

Канческа-Милевска ги наброи и реализираните проекти во музичко-сценската и ликовната дејност, како и во музејската област - нова поставка во Музејот на современата умертност, нов Музеј на прогонетите од егејскиот дел на Македонија, Музеј на ВМРО за Штип и Штипско 1893-1934 во Ново Село, новоотворената Златна одаја во Куќата на Робевци во Охрид, реконструктивни зафати во домови и центри за култура во повеќе општини, покривна конструкција на Античкиот тееатар, реконструкција и санација на Бигорскиот манастир.... 

Се осврна и на манифестациите и соработката со меѓународни организација, како УНЕСКО (кое годинава го прифати орото Копачката на листата на нематеријално културно наследство) и Европската унија и нејзината  нова програма за култура „Креативна Европа“ 2014-2020 во која е вклучена и  РМ. 

Годинава македонската култура имаше и меѓународна презентација  во неколку земји по повод 20 години дипломатски односи, меѓу кои Канческа-Милевска ги спомна Австрија, Чешка и Ватикан, како и учеството во Рига -  европската престолнина на културата во 2014.  

Буџетот во културата за 2015 е 3,6 милијарди денари, што е за 0,79 проценти повеќе од буџетот за оваа година. За програмските дејности за 2015 година се наменети 837 милиони 278 илјади денари. 

Министерството за култура денеска на својата веб-страница и во дневниот печат ги објави проектите кои се содржани во годишните програми на националните установи во културата за 2015 година и проектите поддржани на годишните конкурси по одделни области и активности од културата за 2015 година. 

Канческа-Милевска соопшти дека наредната година ќе се инвестира во тековните капитални проекти -  изградба на салата за Македонската филхармонија, изградба на театар и библиотека во Тетово, изградба на Струмичкиот и Турскиот  театар и реконструкција на Албанскиот театар, за Плаошник и за домот на културата во Кисела Вода. Ќе биде  поддржана и внатрешна реконструкција на Македонската опера и балет, Театарот за деца и младинци и Центарот за култура во Прилеп.