Ставрески: Реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува

Фирмите во Македонија, кои што сакаат да реинвестираат, и понатаму ќе имаат можност  да не плаќаат данок на добивка. Тоа го имаме само ние и Естонија во Европа, што значи Репубика Македонија  и натаму е земја со најповолен даночен систем во тој дел.

Тоа го изјави денеска вицепремиерот и министер за финанси Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања за повторната обврска за фирмите од јануари за плаќање данок на добивка којашто нема да се реинвестира. 

Според Ставрески, разговарано е со бизнис заедницата и постои согласност дека се исцрпени можностите за  пролонгирање на плаќањето на данокот по тој основ од кој поради кризата беа ослободени во изминатите пет години.  

- За данокот  на добивка, тоа е регулатива којашто беше во сила во време на криза и Македонија беше единствена земја, која што во тие пет години, од 2009 до  2014 година, имаше таква поволна мерка за стопанството. Ние разговаравме со бизнис заедницата и неодамна и порано и од нивна страна постои согласност  дека се исцрпени можностите за пролонгирање на таа мерка и оти во Република Македонија треба да почне да се оданочува добивката што нема да се реинвестира, изјави Ставрески, по потпишувањето договор за инвестиција на американски „Капкон“ во Македонија.