Нови 860 места за згрижување на дечиња во 20 градинки

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев     

Почитувани,

Согласно програмата за работа на Владата на Република Македонија која беше донесена на средината на годината е предвидено во следниот 4 годишен период да бидат отворени нови 40 капацитети на детски градинки.

Врз основа на таа програма, Министерството за труд и социјална политика има разработено прецизен план со кој се утврдени сите детали на самиот процес.

Согласно планот е предвидено овие капацитети да се воспостават преку три групи на објекти. Првата група се објекти кои ќе бидат новоизградени и во нив ќе се одвива дејност згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, втората група на објекти значи проширување на капацитетите на веќе постоечките објекти на детски градинки со цел овозможување на услови за опфат на поголем број на дечиња, и третата група на објекти за детски градинки, претставува отворање на детска градинка во веќе постоечки објекти од дејноста образование или култура при што се врши градежна интервенција, реновирање и адаптација на просторот и негово опремување со цел да бидат задоволени законските услови за овозможување на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и зголемен опфат на деца за таа намена.

Во поглед на финансирањето, најголемиот дел го инвестира Владата на Република Македонија преку буџетот, но битно е да се акцентира дека во овој процес имаме навистина конструктивна соработка и со општините, кои и инвестиционо со свои средства придонесуваат во изградбата, но и со свои процесни дејства од областа на урбанизмот.

Согласно оваа програма и план со кои се предвидува изградба на најмалку 40 нови капацитети на градинки во претстојниот 4 годишен период, сакаме да информираме дека во изминатите 6 месеци од почетокот на проектот, се започнати, започнати, завршени и отворени, или пак започнати, завршени и се очекува отворање на 20 детски градинки, со кои се овозможува зголемување на вкупниот капацитет на градинки за 860 нови места. Тоа е добро исполнување на планот кое е резултат на интензивна работа на поголем број на институции.

Од овие 20 градинки би направил дистинкција на 4 категории.

Отворени се 6 детски градинки/ објекти и групи во други просторни услови со кои се обезбедува нов капацитет за 260 нови места во следните општини:               

1. Општина Битола, с. Долно Оризари, во реновиран простор на ПОУ ,, Даме Груев“, отворена е група во други просторни услови во со капацитет од 20 места;

2. Општина Кривогаштани, во реновирани простории во ОУ Манчу Матак со капацитет од 50 места;

3. Општина Дебар, во село Могорче, во реновиран простор на ОУ ,,Ристе Ристевски“ кој предвидува капацитет од 28 места;

4. Општина Дојран, во населено место Нов Дојран во реновиран простор со капацитет од 50 места;

5. Општина Ѓорче Петров, во ОУ ,,Димитар Поп Георгиев Беровски“, во објект со капацитет од 50 места;

6. Општина Демир Капија, во ЈОУДГ ,,Борис Трајковски“, со доградба и адаптација на простор и капацитет од 60 места.

Завршени се и ќе бидат отворени до првата половина од декември 2014 година 5 детски градинки / објекти и групи во други просторни услови со кои се обезбедува капацитет од 210 нови места во следните општини:

1. Општина Кисела Вода во н.м. Припор, со адаптација на простор од ОУ „Круме Кепески“ со капацитет од 50 места;

2. Општина Кисела Вода во н.м. Црниче, со адаптација на простор во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ со капацитет од 50 места;

3. Општина Виница, во с. Исти Бања, со адаптација на простор во Домот на културата, со капацитет од 40 места;

4. Општина Василево, во ново изграден објект на ЈОУДГ ,,Прва радост”- Василево, со капацитет од 50 места;

5. Општина Охрид, во населба Радојца Новачиќ, во просториите на ОУ ,, Кочо Рацин” со капацитет од 20 места.

Во завршна интензивна фаза се 6 детски градинки/ објекти кои се предвидува да бидат отворени најдоцна до првиот квартал на следната година и со кои се предвидува капацитет од 290 нови места, во следните општини:

1. Општина Карбинци, во објектот на новата ЈОУДГ со капацитет од 50 места;

2. Општина Кочани, с. Оризари, во поранешен Дом на култура со капацитет од 50 места;

3. Општина Босилово, с. Моноспитово, во адаптиран простор од ОУ ,,Борис Трајковски“, во адаптиран простор и капацитет од 60 места

4. Општина Сарај, во ново изграден објект со капацитет за 50 деца;

5. Општина Липково, во ново изградена детска градинка со капацитет за 60 деца;

6. Општина Охрид, во с. Пештани, во адаптиран простор на ПОУ ,,Св. Наум Охридски” со капацитет од 20 места.

 

Во почетна фаза се следите 3 детски градинки/ објекти / група во други просторни услови со кои се предвидува капацитет од нови 100 места, и за кои се очекува да бидат отворени во следните 120-150 дена, во следните општини:

1. Општина Чешиново-Облешево, с. Облешево, со изградба на објект со капацитет од 50 места;

2. Општина Јегуновце, со изградба на нова детска градинка со капацитет од 40 места;

3. Општина Валандово, во с. Дедели, во адаптиран простор со капацитет од 10 места.

Дел од овие објекти се градат, адаптираат, реновираат и отвораат со финансирање од страна на централната власт, а дел во соработка на централната власт и општините, при што во определени случаи централната власт го финансира најчесто опремувањето или пак дел од градежните работи, што претставува добар пример за соработка на Владата и општините во интерес на задоволување на потребите на граѓаните. Сите овие објекти во кои ќе се отворат детски градинки ќе ги исполнуваат високите стандарди и законски услови за реализација на дејноста.

За реализација на предвидените активности обезбедени се средства во износ над 40 милиони денари од Буџетот на Република Македонија, а доколку се земат предвид и инвестициите на општините се доаѓа до вкупна вредност од над 55 милиони денари.

Она што е битно да се акцентира е дека дел од овие детски градинки кои ќе бидат отворени претставуваат градинки кои ќе се отворат во населени места во кои досега воопшто немало градинка. Во минатото заради таквите услови, родителите биле приморани да ги носат своите дечиња во градинки во населени места кои се на оддалеченост и до 5 километри од местото во кое живеат. Сега со отворањето на овие градинки во овие места родителите ќе добијат на заштеда на време и средства, а децата ќе може да се социјализираат во местото во кое што живеат што од социолошки и едукативен аспект дава позитивни ефекти.