Премиерот Никола Груевски во интервју за ТВ Сител

Државниот испит значи да за знаење, стоп за купени дипломи

Државениот испит има за цел да го унапреди квалитетот на виското образование и да се стави крај на појавата на купени дипломи, изјави вечерва премиерот Никола Груевски.

- Ние сме цврсто решени да најдеме мерка со која што ќе се стави крај на давањето дипломи без елементарно знаење затоа што тоа е на штета на сите оние кои што учат и со знаење и учење доаѓаат до диплома и потоа истите овие им се конкуренција кога некаде конкурираат за работа. И не е фер за секој оној кој учи и со напори дошол до диплома некој да дојде и да му каже имаш просек 6,5, а јас имам 10, а тој со 10 не отворил книга. Не е добро и за општеството да се произведуваат генерации со дипломи, а кои што имаат 0 знаење и ние како Влада несмееме да ги затвориме очите и да ги гледаме последиците после х-години. Затоа што тие млади луѓе, сега можеби не се сите од нив доволно зрели и да знаат што ги чека после, а тоа се сриозни потешкотии да најдат работа, и ако ја најдат да ја задржат а камоли да напредуваат. Ние сме должни и кон оние кои се борат да дојдат до такви дипломи, да им помогнеме со вакви мерки да дојдат до знаење, а не само до диплома. Знаењето движи напред, а не дипломата, дециден е премиерот Груевски во интервју за Дневникот на ТВ Сител.  

Тој појасни дека екстерно тестирање во виското образование не се планира и нема да има, а она што се разгледува е воведување државен испит.

- Разликата, според она што го знаеме од основните и средните училишта, е оценување на наставниците дали дале реална оценка на учениците. Ако наставникот му дал 5, а ученицот знаел за 3, или ако наставникот м,у дал 2 а ученикот знаел за 4, тогаш наставникот губи бодови и на ранг листата ќе дојде во онаа помала груба која на крајот од годината може да биде парично казнета. Тука фокусот е на наставникот да дава реална оценка на ученикот. Кај државниот испит фокусот е друг и тука професорот нема никаква врска и не се предвидени ниту казни ниту некакви реперкусии, а фокусот е на тоа да се осигури дека студентот научил најмалу за 6, односно дошол до минимум знаење по сите предмети кои што ги положил, вели премиерот Груевски

Тоа е еден испит,додава, кој за да им се олесни на студентите се дели во два дела -првиот се полага после втора година, кога ќе ги положи испитите од втора година и тоа се по неколку прашања од сите испити кои што ги положил. Проверка дека навистина ги положил  без ралика дали и сите со 10, ако на државниот добие поени колку за 6 положил државен испит.

- Значи нема да му се менува ниту оценка, нема да има ниту реперкусија за студентот ниту за професорот.Државата сака да се осигура дека студентите што завршуваат факултети навистина имаат барем минимално знаење за 6. Дали добиле 10, 9 тоа нека го мери пазарот на труд. Ова не го правиме случајно, туку затоа што во изминатите 10-15-20 години се соочуваме со проблеми, затоа што на некои факултети на некои универзитети се даваат оценки без знаење. Зошто и како, на јавноста и е познато и тоа е веќе јавна тајна и ние не можеме да останеме рамнодушни на тоа, вели Груевски.

Следно што е значајно, според него, е дека овој испит ќе започне од следната учебна година и ќе ги зафати студентите што тогаш ќе се запишат.

- Овие студенти што сега протестираат и да сакаат не може да ги опфати државниот испит затоа што тие започнале со студии во друго време кога ваков закон не постоел. Ова ќе важи за оние што ќе се запишат откако законот ќе стапи во сила. Зошто протестираат не знам, а и секој има право да протестира, вели тој.

Првиот државен испит, посочува, ќе се случи во средина на 2017 година, кога оние што ќе се запишат во септември догодина ќе дојдат некаде до крајот на втората година. Ќе се полага квартално, а тие што ќе полагаат ако не положат од првпат ќе можат да полагаат неограничено додека не положат. 

Самиот испит ќе го спроведува Одборот за акредитација, додава, а не државата ниту МОН. Тој е составен главно од универзитетски професори и ќе биде спроведуваат во државни испитни центри, односно специјални простории опремени со компјутери и се што е потребно испитот да се полага. Писмените резултати ќе ги имаат веднаш штом го одговорат последното прашање.

За екстерно тесторање, нагласи премиерот Груевски, го има во Англија, Ирска, Данска, Австралија и во други земји. Државниот испит, кој што е поразлична и полесна форма, пак, го има во Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и во други земји и таму, вели, никој не се буни.

Според него, политиката е таа што ги вади студентите на улица.

- Опозиционата партија СДСМ, според наши информации, беше силно фокусирана да излезат студенти, особено на факултетите во Скопје, како Правниот, Економскиот, а особено на Архитектура каде некои професори по списоци ги поттикнувале студентите да излезат на протест. И тоа е дел од плурализмот, иако не е етички како за професор некој тоа да го прави, вели премиерот Груевски. 

Странските инвестиции донесоа 11.000 вработувања, нови 13.000 се во најава

Задоволен сум од странските инвестиции бидејќи досега донесоа 11.000 вработивања. Одлука во последниве месеци дека својот капитал ќе го вложат во земјава донесоа повеќе инвеститори при што планираат нови 13.000 директни вработувања, изјави премиерот Никола Груевски. 

- Јас сум презадоволен од интересот и од одлуките што веќе ги донесоа о објавија голем број странски инвеститори. Некаде меѓу јануари и април до изборите, 17 компании донесоа одлука и самите објавија изградба на фабрики во Македонија. Ние сите ги следиме и тие веќе длабоко работат на подготовка на проекти и се што е потребно за да почнат да градат. Се надевам дека меѓу декември и март следната година, најдоцна јуни, најголем дел од нив ќе ги почнат градбите на фабрики. Осум други фабрики донесоа и објавија одлуки после изборите до сега, а уште шест не известија дека донесоа одлука, но дека не се во можност да објават во овој момент и ние тоа го почитуваме. Од оние инвестиции што досега се случија како Џонсон Мети, Кромберг и Шуберт и др. досега имаме 11.000 директни вработувања и уште многу индиректни. Овие сега што се објавени планот е дека ќе донесат нови 13.000 директни вработувања плус индиректни. Индиректните се најмалку 50 отсто повеќе од тоа, а некогаш и дуплирано, зависно од дејноста што ќе ја работат, вели премиерот Груевски во интеврвју за Дневникот на ТВ Сител.

Особено изрази задоволство што групата Веибо, која пред изборите објави дека ќе инвестира во Македонија и во декември треба да почне со градба на фабрики, а најави дека ќе вработи 4.000 лица, ја ревидирала таа бројка и сега планира вработувања на 5.600 луѓе.    

Груевски информира дека меѓу компаниите кои донеле одлука за инвестирање во Македонија е и една израелска компанија која сака да отвори кол-центар, заинетерсирани се и за купување на една од постоечките банки, за изградба на рехабилитационен центар  во Охрид, и за изградба на спа-центар и дата-центар.

- Во минативе две недели, челниците на една израелска компанија два пати дојдоа во Македонија на финални договори. Донесе одлука за отворање кол-центар и веќе почна соравотка во Македонија, а бара и луѓе за вработување. Кога ќе почнат со работа, за две недели ќе вработат 40 лица, а за три години планираат да вработат до 2000 лица, рече Груевски.

Од последното роуд шоу во САД, посочи дека една компанија изразила заинтересираност за отворање кол-центар во Македонија. Раководството на компанијата за таа цел во јануари најавил посета на Македонија за прецизирање на деталите.

- Кога станува збор за инвестициите крајната цел е отворање нови работни места и намалување на невработеноста. Тоа нам ни се случува. Ние имавме 38 отсто невработеност сега имаме 28 отсто и планираме до крајот на овој мандат таа да дојде до 22 проценти, рече премиерот Никола Груевски. 

Поглаварот на ИВЗ се постави како партиски и политички, а не верски лидер

Поглавартот на ИВЗ со ставовите во неговата колумна ги навреди чувствата на Македонци со муслиманска вероисповед. Се постави како партиски, политички, етнички лидер, а не како верски лидер, изјави вечерва премиерот Никола Груевски, нарекувајќи ја колумната голема грешка.

- Македонците со  муслиманска вероисповед постоеле многу одамна и многу пред ВМРО-ДПМНЕ. Јас го почитувам поглавартот на ИВЗ, сме комуницирале и сме решавале многу прашања. Имам кон него почит како кон лидер на верска заедница. Но, тоа што тој го направи со неговата колумна е најмалку значајно што е навреда и клевета за ВМРО-ДПМНЕ, туку е навреда на чувствата на Македонци со муслиманска вероисповед. Тој се постави како партиски, политички, етнички лидер, а треба да биде верски лидер за сите етнички заедници во Македонија. За него сите граѓани и Албанците и Турците, и Ромите и Македонците што се муслимани треба да имаат исто значење, иста почит и исти приод кон нив. На сите да им даде можност да си го остварат своето верско право, вели Груевски во интервју за Дневникот на ТВ Сител.

Според него, кај Реисот има висока доза на етнички национализам кој е очигледан и тоа не води кон добро, а испраќа и лоши пораки кон верниците. Премиерот сепак посочи дека се надева дека поглавартот на ИВЗ ќе ја поправи грешката и ќе им се извини на граѓаните. 

Работиме на решање на проблемите на граѓаните, не се занимаваме со бомби како Заев

Премиерот Никола Груевски изјави дека наспроти негативната кампања и некаква „бомба“ со која СДСМ се заканува, Владата е фокусирана на решавање на проблемите на граѓаните и на реформите.

- Заев отсекогаш се заканувал, нека се заканува и понатаму. Ние работиме друг тип на бомби. Еве спремаме една бомбичка, но позитивна со која ќе решиме долгогодишен проблем на илјадници луѓе во Македонија. Тоа планираме наскоро да го објавиме. Ние имаме позитивен приод кон решавање на проблемите, кон реформи, кон помагање на луѓето. Тие се заглавени во друга сфера во негативним кампањи, манипулации, Ние ќе тераме по наше, тие по нивни, па народот нека пресуди, рече вечерва премиерот Груевски во интервју за Дневникот на ТВ Сител. 

Работиме на гасификацијата која ќе ги намали трошоците на домаќинствата и бизнисот

Работиме на процесот на гасификацијата, кој треба да ги намали трошоците за фабриките и домаќинствата, а ќе донесе добробит и од еколошки аспект, изјави вечерва премиерот Никола Грувески. 

- Во декември, односно во јануари следната година треба да се одржи електронска аукција за гасификација на Скопје, на која ќе се наддаваат две компании, кои се влезени во финална фаза. Таа што ќе понуди подобра понуда ќе ја добие концесијата за 20 години, рече Грувески во интервју за Дневникот на ТВ Сител.

Тој подвлече, дека по електронското наддавање ќе следува потпишување на договорот. Избраната компанија потоа ќе треба да инвестира 100 милиони евра за поврзување за дотур на гас до домакинствата и фабриките. 

Следно е, посочи, гасифицирање на Источна и Западна Македонија.

- Ние имавме обид за привлекување на концесионери, но заврши неуспешно. Но има заинтересирани, кои доцна не известија дека не успеале да ја подготват целата документација. Ние оставивме законскиот рок да истече, по што ќе објавиме нов јавен повик. Ќе го избереме оној кој ќе понуди најдобра цена, вели премиерот Груевски посочувајќи дека тоа се однесува за секундарната гасификација.

За примарната гасификација, која значи поврзување со гас од град до град со цевковод, рече, во завршни разговори се со ЕБОР, но се разговора и со други можни инвеститори, а се разгледува и можноста за објавување јавен повик за наоѓање јавно приватно партнерство.

За постојниот договор на Македонија за снабдување со гас, рече дека не е искористен ниту половина од можностите, но се работи на обезбедување други извори на природен гас.

- Тоа се 800 милиони кубни метри капацитет. Но, се цени дека и таа количина во услови кога брзо ќе се зголеми бројот на фабрики ќе биде малку. Така што веќе планираме договор со Грција за спојување со нивниот гасовод, којшто доаѓа од атинското пристаниште. И за тоа бараме начини да се заврши. Ја разгледуваме и можноста за поврзување со интерконективниот гасовод во Бугарија. Ќе одиме и на двете варијанти. Добро е Македонија да има повеќе од два извора на снабдување, рече премиерот Груевски.

 

 

Категорија: