Честитка од Груевски по повод Денот на албанската азбука

Почитувани сограѓани, припадници на албанската етничка заедница во Република Македонија,

Дозволете ми, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам празникот 22 Ноември – Денот на албанската азбука. Унифицирањето и создавањето на модерна азбука преставува значаен чекор кон писмениот и културен развој. Тоа е и клучот за развој и растеж во сите процеси, културни, економски, политички и општествени.

Денешниот празник е значаен ден за сите припадници на албанската етничка заедница во Република Македонија, но и неговото одбележување е значајно за развој на мултиетничноста и негувањето на таквите вредности. Преку нивното празнување ја негуваме толеранцијата, го валоризираме меѓусебното почитување кое како држава ни е значајно, а споделувајќи ги особеностите на заедниците ние создаваме модел кој треба да биде пример како по својата уникатност така и по неговите карактеристики на заеднички соживот, почитта, и традицијата на меѓусебно разбирање. Таквите вредности треба да се длабоко вкоренети меѓу граѓаните и нераскинлив дел од постоењето на Република Македонија. И затоа како ќе се однесуваме кон овие прашања зависи и каква иднина ќе градиме. Тоа се заеднички вредности кои треба да се предност на нашето општество и стимул со заеднички сили да продолжиме да работиме за доброто на нашата држава, да продолжиме со напорите за обезбедување на услови за раст и развој и унапредување на стандардот на граѓаните. Обединувањето кон овие важни теми дава додатна енергија и сум убеден дека само така можеме да постигнеме многу повеќе за нашата заедничка држава Република Македонија.

Уште еднаш, на сите припадници на албанската заедница во Република Македонија, Ви го честитам 22 ноември -  Денот на албанската азбука и Ви посакувам убави празнични денови !

 

 

Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ