Министерот Јанакиески изврши увид на изградбата на патот Велес-Кадрифаково

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, директорот на ЈП за Државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалниците на Свети Николе, Штип и Лозово, Зоран Тасев, Илчо Захариев и Орце Цветковски денеска направија увид на почетокот на градежните работи на патот Велес-Кадрфаково, делница од Лозово преку Сарамзалино до Кадрифаково.   

Третата фаза на овој пат во должина од 10,9 километри, во вредност од околу 7,5 милиони евра, треба да биде готова за 18 месеци односно  до април 2016 година. Според министерот Јанакиески, ако има поволни временски услови,  ќе биде готова нешто порано  од крајот на 2015 година.

Како што појасни министерот Јанакиески првата делница е веќе завршена, втората што е до Лозово 30 проценти е веќе завршена, а на третата делница со 90 проценти се завршени земјените работи.

- Почна да се става првиот слој на асфалт и доколку не послужат временските услови некаде околу 50 проценти од градежните работи ќе бидат завршени и очекуваме оваа делница некаде во септември-октомври наредната година да биде завршена, најави министерот Јанакиевски.

Тој истакна дека денеска се почнаа градежните работи од третата фаза односно последната делница  од  патот Велес-Кадрифаково,а таа го опфаќа патот од Лозово преку Сарамзалино до Кадрифаково.

- Оваа делница има неколку црни точки,а со нејзина изградба двојно ќе се зголеми широчината од сегашните 6,5 метри на 11 метри, со тоа што дел од црните точки како овде каде што се наоѓаме, каде што возилата се движеа максимум до 40 километри на час,целосно ќе бидат избегнати овие црни точки. Со ова ќе се направи сосема нова траса каде што возилата ќе се движат со брзина од 80 до 100 километри на час, појасни Јанакиески.

Јанакиески нагласувајќи оти оваа инвестиција е многу значајна за источниот регион на Македонија, потсети дека паралелно се гради и  автопатот од Скопје до Штип.

- Во текот на ноември  треба да обезбедиме средства за изградба на патот од Штип до Кочани кој веќе е во финална фаза на проектирање и наредната година и тој треба да започне со изградба.Има и дел од проекти за источна Македонија што ќе се реализираат преку „Македонија пат“ и програмата наскоро треба да биде усвоена, изјави министерот Миле Јанакиевски.

Како што појасни Љупчо Георгиевски директор на ЈП за Државни патишта целата инвестиција односно патот Велес-Кадрифаково чини околу 15 милиони евра, средства обезбедени од Владата со заем од Европската банка за обнова и развој.

- Во овој момент во земјава преку ЈП за државни патишта и ресорното Министерство за транспорт и врски активни се градби од некаде 55 километри кои треба да бидат завршени во 2015 година или вкупна инвестиција од над 30 милиони евра. Воедно досега од 2010 година до денеска се завршени повеќе од 680 километри патишта во земјава или инвестиција од над 55 милиони евра, појасни Георгиевски.