Во Нов Дојран пуштено во употреба двојно тениско игралиште

Во Нов Дојран денеска е пуштено во употреба двојно тениско игралиште, дел од проектот на Владата и Агенцијата за млади и спорт „Изградба на 100 тениски терени“.
Тениските терени ги имаат сите карактеристики потребни за одигрување меѓународни натпревари, осветлување, пристапни патеки, жичана ограда, целосна инфраструктурна приклученост и најсовремена подлога по сите стандарди на Светската тениска асоцијација.

- Овие терени најсовремено опремени ќе внесат нов, позитивен момент во секојдневието на децата и младите од општина Дојран. Воедно ќе придонесат тие да се насочат во спортот и изградбата на здрав систем на вредности, натпреварувачки дух и желба за достигнување нови успеси во животот, рече премиерот Никола Груевски пред пуштањето во употреба на игралиштата.

Тениските терени, додаде, дополнително ќе придонесат за афирмација на Дојран како туристичко-спортска дестинација.
- Дојран е значаен за македонскиот туризам. Владата ќе продолжи континуирано да го поддржува со инвестиции кои ќе го облагодарат просторот околу езерото, ќе овозможат услови за пријатен престој и рекреација и ќе го вратат стариот сјај што Дојран го заслужува, нагласи Груевски, најавувајќи многу скоро и изградба на пешачка патека со хортикултурно уредување, како и осветлување долж дојранското крајбрежје.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски најави дека во Дојран ќе биде пуштено во употреба и повеќенаменско спортско игралиште.
Премиерот Никола Груевски претходно во Валандово го пушти во употреба новото фудбалско игралиште, а во Струмица присуствуваше на пуштањето во употреба на „Агрофруктус“, откупно-дистрибутивниот центар за овошје и зеленчук на „Агрокор“.

Категорија: