Зголемени субвенциите за привлекување туристи

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев    

Почитувани,
Како резултат на владините политики, мерки, проекти и активности, туризмот како стопанска гранка во изминатиов период има континуирани стапки на раст. Еден од најзначајните показатели за тој раст е растот на бројот на туристи, каде што имаме секоја година повисок број на туристи во однос на претходната.
Последните податоци говорат дека во периодот јануари - август 2014 година, споредено со периодот јануари - август 2013 година имаме раст на бројот на туристи за 5,9%. Притоа, бројот на домашни туристи е зголемен за 2,3%, а бројот на странски туристи за 9%.
    Заради продолжување на овие позитивни трендови, Владата на Република Македонија одлучи да се зголеми износот на субвенции за привлекување на странски туристи од Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија. Наместо досегашниот износ од 25 евра по донесен турист, новиот износ на субвенцијата е 35 евра по донесен турист. Условите за да се добијат овие субвенции од 35 евра по донесен турист, е туристот да има организиран туристички аранжман во нашата земја од минимум 7 ноќевања, и организирано да пристигне и замине од нашата земја со авионски превоз.
    Зголемувањето на субвенциите за привлекување на странски туристи од овие земји беше и барање на домашната бизнис заедница кое Владата го прифати. Со новиот износ на субвенции се претпоставува, а тоа е базирано на анализи, дека ќе се зголеми значително интересот на туристичките оператори од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија за организирање на туристи за престој во нашата земја. Направени се и консултации со туристичките оператори од овие земји, и истите велат дека со овој нов износ на субвенции значително се зголемува интересот и економската логика за престој на туристи во нашата земја.
    Поголемиот број на туристи од странски земји, ќе има позитивен ефект и на приливот на даноци, но и ќе се оствари позитивен ефект на мултипликација затоа што туристите освен за хотели и сместување, трошат средства и за превоз во земјата, за угостителство, за купување на производи и за задоволување на останати потреби. Ова е добар повод домашните туристички агенции уште отсега да почнат контакти со своите босански, бугарски и српски партнери за да организираат деловна соработка на ова поле.
    Исто така, сакаме да информираме дека од 2015 година, субвенции ќе почнат да важат и за привлекување на туристи од 6 нови земји и тоа: Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија. Субвенциите за привлекување на туристи од овие земји ќе изнесуваат по 65 евра по донесен турист, а услов за добивање владина поддршка е престојот на гостите од овие земји во Македонија да биде со најмалку три ноќевања.
И ова е добра можност уште отсега домашните туристички компании да почнат процедури за соработка со партнерите од овие земји, за реализација на аранжмани и привлекување на туристи. Тоа е сериозна опција за растот на бизнисот на домашните туристички агенции, за раст на нивната доходовност и профитабилност, но и за обезбедување на можности за понатамошен раст на дејноста туризам, за општиот економски раст на Република Македонија, и за отворање на нови работни места и вработување на граѓаните.