Реконструкција на патни правци со 52 милиони евра од Светка банка

Македонија ги доби првите срдства во износ од 52 милиони евра наменети за израдба и реконструкција на патишта во земјава од Стратегијата за партнерство со Светска банка вредна 400 милиони долари.

Договорот за користење на средствата од Светска банка наменети за изградба и реконструкција на патишта во Македонија го потпишаа денеска директорката на канцеларијата на Светска банка во Македонија Татјана Проскурајкова, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Со овие средства, како што појаснија, ќе се финансира изградба на патните правци Бошков Мост – Дебар, Ресен-Буково и Битола-Макази.

Дополнително од Светската банка во рамки на оваа Стратегија следната година треба да се одобрат 100 милиони евра за изградба и реконструкција на повеќе патни правци во земјава. Меѓу нив, како што рече министерот за финансии, се Пробиштип-Ски Центар Пониква, Тораница-Саса, Старо Коњарево-Ново Коњарево, Гарски мост-Извор и Ранковци –Крива Паланка.

- Проектот од над 150 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта во земјава се вклопува во еден посериозен инвестициски циклус за реализација на автопати, магистрални и регионални патишта во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра каде спаѓаат автопатите, регионални и локални патишта кои се инвестираат од различни извори, истакна министерот.

Ставрески потенцира дека со реализација на предвидените патни правци значително ќе се подобри конкурентноста на македонската економија, протокот на стоки и патници и ќе се овозможи полесно да се пренесуваат стоките низ различни делови на земјата, односно и за фирмите и за граѓаните ќе се овозможат подобри патишта и безбедност на патиштата, бидејќи со проектот се опфатени и сите свлечишта што се детектирани, како и сите црни точки на патиштата.

Според Проскурјакова ова е втор проект за патен  транспорт што Светска банка го финансира во Република Македонија и претставува заем за долгорочно инвестирање.

-  Заемот дава можност да се подобри патната мрежа која е неопходна за поголем раст. Подобрената патна мрежа ќе значи и подобра поврзаност, побезбедно патување што пак може да придонесе кон подобар пристап до работни места, социјални услуги до населението и помага во намалувањето на сиромаштијата и зголемување на заедничкиот просперитет, потенцира Проскурјакова.

Директорот на ЈП за државни патишта потенцира дека со денешниот договор се заокружува финансиската конструкција за реконструкција и рехабилитација на повеќе патни правци во земјава, за кои се комплетира документацијата, а градбата се очекува да почне во 2015 година.

Заемот од Светска банка е со поволни услови, со шест години грејс период и 23 години рок на отплата.