Пешевски и Јанкулоска се сретнаа со Оуен Џенкинс

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска имаа средба со директорот на Директоратот за Западен Балкан и проширување во министерството за надворешни работи на Велика Британија,  Оуен Џенкинс. На средбата Џенкинс беше придружуван од амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Чарлс Едмунд Гарет.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот Пешевски, соговорниците на средбата ги истакнале добрите билатерални односи помеѓу двете држави, нагласувајќи ја важноста на Велика Британија како дводецениски доследен, принципиелен и веродостоен стратешки партнер на Република Македонија, давајќи постојана политичка и техничка поддршка за градење на нашата држава.

Пешевски, изразил благодарнот за поддршката која Велика Британија и ја дава на Македонија во процесот на евро - атлантската интеграција, потенцирајќи дека секоја поддршка на тој пат претставува исказ на пријателство и партнерство.

На средбата станало збор и за теми од областа на економијата.

Велика Британија е значаен трговски партнер на Република Македонија и е една од државите со која нашата земја со кои нашата држава остварува значителен обем на трговска размена. Во текот на 2013 година, вкупната трговска размена на Република Македонија со Велика Британија изнесуваше 806  милиони долари.

Во таа насока за време на средбата соговорниците разговарале за реформите и проектите наменети за зголемување на конкурентноста на домашното стопанство и поттикнување на економскиот раст, како и за понатамошен поттик на промоцијата на Република Македонија како атрактивна дестинација за инвестиции од страна на британските компании.

Џенкинс ја истакнал поддршката на Велика Британија кон процесот на проширување на Европската унија, охрабрувајќи ја македонската Влада со ентузијазам и посветеност да продолжи со реформите кои се неопходни за приближување кон европските стандард, но и подеднакво важни за унапредување на статусот и благосостојбата на граѓаните. Тој нагласил дека вистинскиот пат за Република Македонија е континуирана ориентација кон европските вредности.