Модернизација на Системот за интероперабилност за поврзување на државните институции

Поврзувањето на државните институции по електронски пат за размена на документи и податоци во иднина ќе биде модернизирано и проширено со надградба на Системот за интероперабилност. Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска на прес-конференција посочи дека тоа ќе значи поедноставување на административните постапки и воведување на електронски административни услуги.

- Огласот за јавна набавка за модернизација, проширување и адаптирање на Системот за интероперабилност е објавен на 25 јули оваа година и ќе биде отворен до 9 септември, до кога заинтересираните фирми ќе можат да поднесуваат свои понуди. Првичната цена која е предвидена за реализација на проектот пред одржувањето на електронската аукција изнесува 70 милиони и 150 илјади денари,  рече Ивановски.

По евалуацијата на понудите ќе следи и електронска аукција со негативно наддавање и намалување на цените.

Со новите решенија системот ќе биде надграден во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за вработување, фондовите за здравствено осигурување и за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за транспорт и врски, Управата за водење на матични книги, Министерството за економија, Министерството за животна средина, Управата за имотно правни работи, Градот Скопје, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Основниот Суд 2 и Управниот Суд.

Ивановски посочи дека за оваа цел исто така треба да бидат надградени и постоечките веб портали на овие институции.

- На самиот портал треба да има можност за додавање дополнителни институции, како и кориснички улоги за администратори, службеници итн,  додавање параметри по основ на барање, додавање сервиси, привилегии за корисниците, можност за повикување на сервис преку графички интерфејс со приказ на резултати и можност за преземање на резултатите во PDF и XML формат, информираше Ивановски.

Порталот треба да обезбеди визуелен приказ на извештаи за трансакции, логови и слично. Институциите што немаат можност да ги интегрираат сервисите во својот систем, како што речер, можат да го користат веб порталот за со едноставно најавување да ги користат преку графички интерфејс. - Веб порталот мора да обезбеди унифициран начин на комуникација, што подразбира  криптирање на пораките, дигитален потпис, обезбедување ревизорска трага и временски печат на трансакција, на ист начин како и за комуникацискиот клиент.

МИОА преку ИПА 2010 доби средства за набавка на опрема и надградба на Системот за интероперабилност за што огласот за јавната набавка е објавен на 12 август и трае до 13 октомври оваа година. Со овој проект ќе бидат опфатени 15 институции. И тоа МИОА, Управата за водење на матични книги, МВР, МНР, основните судови Скопје 1 и 2, ФЗОМ, МОН, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, ДЗС, МАРнет, делови на Царинската управа, МТСП, ДИК.

- Со надградбата на Системот за интероперабилност се стремиме кон што помалку негативни страни, олеснување на начинот на работа на вработените и запазување на временските рокови за извршување на предметите, со една крајна цел – граѓаните да бидат целосно задоволни од услугите што ги нудат, рече министерот Ивановски.