„Од сон до сонце“ мото на годинешното одбележување на 2 Август

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев     

Почитувани,

“Од сон до сонце” е логото под кое ќе се одвива одбележувањето на големиот македонски државен празник 2 Август во кој се одбележува 70 годишнината од одржувањето на АСНОМ и 111 годишнината од Илинденското востание.

“Она што нашите предци го изградиле во минатото, е нашиот најцврст темел врз кој што ја градиме нашата иднина. Сонот за кој што тие се бореле, е слободата во која што живееме денес. Да продолжиме да се движиме напред, кон сигурна иднина, затоа што секоја наша победа денес, е нов Илинден за идните поколенија”, е пораката која Република Македонија ја испраќа за овој празник, на тој начин правејќи симболично поврзување на минатото, сегашноста и иднината, промоција на вредностите и придобивките.

Владата на Република Македонија на седница разгледуваше и усвои програма за одбележување на празникот 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, во чија што изработка беа вклучени поголем број на институции како и Сојузот на борците. Програмата предвидува повеќедневно одбележување на празникот, односно одбележување во текот на целата следна недела, а во неа се содржат поголем број на активности од културен, образовен, спортски и државнички карактер.

Програмата започнува од 28 јули, кога ќе се организира планинарскиот илинденски марш, кој ќе започне во Скопје, на 2 август ќе помине во Крушево и ќе заврши во Охрид. Во рамките на спортските активности е предвидена и велосипедска тура, односно велосипедски караван кој симболично ќе започне во Крушево на 31 јули, ќе помине низ неколку градови, а ќе заврши на Пелинце на 2 август. Предвидено е и симболично освојување, односно искачување на највисокиот врв во Република Македонија, Кораб, и симболично искачување на Славеј Планина каде што е формиран првиот партизански баталјон кој е зачетник на денешната Армија на Република Македонија.

               

Во рамките на програмата од културен карактер, во музеите низ Македонија ќе бидат организирани историски поставки кои асоцираат и кореспондираат со Илинденското востание и со АСНОМ, а централната поставка е во организација на Државниот архив и ќе биде поставена во објектот на Македонската академија на науките и уметностите, со тематика на документи од овие периоди кои се одбележуваат. Воениот оркестар ќе одржи концерт, главниот одбор на Сојузот на борците ќе има свечена седница во Домот на АРМ во Скопје, а членовите на Сојузот на борците ќе бидат примени на средба кај претседателот на Републиката Ѓорге Иванов.

Во соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе биде организирана научно-образовна трибина за вредностите и придобивките од Илинденското востание и од АСНОМ, и нивното значење за понатамошниот развој на државата.

Значајно учество во одбележувањето на празникот ќе земе и националниот сервис Македонската радио телевизија, со емитување на богата филмска и документарна програма со тематика од Илинденскиот период или пак Народноослободителната борба и АСНОМ, која ќе започне со реализација од 28 јули до 3 август. Во рамките на оваа програма ќе бидат емитувани филмовите Републиката во пламен, Мис Стон, Најдолгиот пат, Македонскиот дел од пеколот, Денови на искушението, Волчја ноќ и Пресуда, и ќе бидат реемитувани култните серии Волшебното самарче и Тврдокорните. Ќе бидат емитувани и серијалите Илинденска епопеја, АСНОМ, Македонски фронт и Јуначко колено.

Свечената академија ќе биде организирана од страна на Македонската академија на науките и уметностите, и на неа ќе присуствува државниот врв, а говорници ќе бидат претседателот на МАНУ, Владо Камбовски и претставник на Сојузот на борците.

Владата на Република Македонија им укажа и препорача на општините во Република Македонија, со активности по свој избор организирани на локално ниво во периодот од следната недела, да се вклучат во одбележувањето на празникот. 

Централната прослава на празникот ќе се одвива на Пелинце, во Крушево и во Скопје. На Пелинце каде што ќе се одбележи 70 годишнината на АСНОМ ќе говори премиерот Никола Груевски, претседателот на македонското собрание Трајко Велјановски ќе говори на централната манифестација во Крушево каде што ќе се одбележи 111 годишнината од Илинденското востание, а претседателот на Републиката Ѓорге Иванов ќе се обрати на централната прослава во Скопје. Како и секоја година, Владата на Република Македонија ќе организира бесплатен автобуски превоз од целата територија на државата за оние граѓани кои имаат желба да присуствуваат на централните прослави во Пелинце и Крушево, а распоредот на автобусите, времето и локациите за нивно тргнување и враќање ќе бидат објавени во текот на следните денови.

Република Македонија достојно и достоинствено го одбележува празникот и ги почитува, вреднува и слави вредностите и придобивките од Илинденското востание и АСНОМ.