Надворешни работи, европски и евро-атлански интеграции

Зачленувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО се стратешки приоритети на Република Македонија. Надворешната политика ќе има за цел да обезбеди поволна позиција на Република Македонија во меѓународните односи, како и да ги промовира националните, политичките, економските, културните и безбедносните интереси.
Надворешната политика ќе биде заснована врз принципите на мирољубивост, рамноправност, добрососедски односи, зајакната регионална соработка, активен мултилатерализам и целосно почитување на меѓународното право.
Надворешната политика на Македонија во периодот 2011-2015 година ќе биде посветена на следните приоритети:
- Членството во НАТО;
- Отпочнување на преговорите за членство во Европската унија и зачленување во ЕУ;
- Унапредување на постојните стратешки партнерства, како и засновање на нови;
- Надминување на наметнатиот спор кој Грција го има со уставното име на Република Македонија;
- Продлабочување на меѓусоседските односи и регионалната соработка во Југо-источна Европа;
- Промоција на македонските економски интереси во странство и привлекување на странски инвестиции во земјата, како и зголемување на извозот;
- Понатамошна визна либерализација – македонски пасош без визи;
- Засилување на економската и јавната дипломатија;
- Засилување на врските на Македонија со иселеништвото и заедничка соработка за националните интереси.
Членството во НАТО гарантира сигурност и стабилност, ја зајакнува демократијата, гарантира поголеми странски инвестиции и ги засилува европските безбедносни капацитети.
Зачленувањето на Република Македонија во Европската Унија е еден од приоритетите на нашето политичко ангажирање. Европа на единство на различностите, Европа збогатена со културни, јазични, историски и национални разлики, кои ги почитува и развива, е Европа кон која се стремиме и ние. Во правец на примена на европските стандарди и вредности во Македонија ќе продолжиме со реформите во насока на исполнување на критериумите за полноправно членство во Европската Унија и целосно исполнување на обврските на Република Македонија како дел од Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација.
Република Македонија ги исполни сите услови за почеток на преговори за членство во ЕУ, евидентирано преку двата позитивни извештаи и потврдената препорака за почеток на преговорите од страна на ЕУ, во 2009 и 2010 година. Натамошната надградба на капацитетите, размена на искуства со државите кои ги завршиле преговорите, како и континуираното исполнување на критериумите од Копенхаген, остануваат цврста определба на Владата и Република Македонија на патот кон ЕУ.Во однос на политичкиот спор кој Грција го наметна за уставното име на нашата земја, Владата е подготвена да го продолжи грчко-македонскиот политички дијалог, врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи. Владата нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи било кое решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можното решение.
Владата цврсто стои на заложбите за владеење на правото, независноста на судството, пазарната економија и меѓуетничка толеранција, кои се заеднички македонски и европски вредности и продолжува да биде фокусирана на усвојување на законодавството на ЕУ и негово имплементирање кое е потребно не само како критериум за членство на РМ во ЕУ, туку и за приближување на европските стандарди и вредности во насока на подобрување на животот на македонските граѓани.
Освен главната заложба за одлука на Европскиот совет за почеток на пристапните преговори, Владата конкретно ќе се посвети на следните задачи:
- Продолжување на темелните реформи во судството и администрацијата;
- Одржување и унапредување на исполнетоста на европските политички критериуми;
- Понатамошни економски реформи согласно европските стандарди со цел да се обезбеди оценката на ЕК за функционална пазарна економија;
- Понатамошни реформи за конкурентноста на македонското стопанство во однос на внатрешниот пазар на ЕУ;
- Одржување на степенот на целосната примена на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА);
- Заедничка соработка со ЕК за влегувањето на ССА во втората фаза;
- Заедничка соработка со ЕК за акредитација на националните институции на Република Македонија за целосно пренесување на надлежноста за управување со средствата од ИПА и во последната од петте компоненти од овој инструмент;
- Јакнење на човечките капацитети на Мисијата при ЕУ во Брисел.
Билатерална и мултилатерална соработка
промовирањето на регионалната соработка и придонесот во создавањето на добрососедски односи, сигурност и стабилност со сите земји на Југоизточна Европа, претставува постојаната определба на Владата на Република Македонија.Зголемувањето на регионалната соработка со взаемно почитување на вредностите, како дел од глобалните интегративни процеси, станува conditio sine qua non, без што интегративните процеси се незамисливи. Со тоа започнуваат процесите за создавање на поголема сигурност на меѓународен план и унапредување на регионот на економски план. Денеска во современиот свет ниту една држава не може сама да ги реализира националните приоритети, без да оствари соработка со другите и без чуството за реципрочна поврзаност и зависност.
Во овој контекст, интеграцијата во НАТО и ЕУ, во соработка со другите земји од регионот на Југоисточна Европа ја сметаме како дополнителна придобивка за стабилноста, демократизирањето и понатамошниот просперитет на Република Македонија. Со самата интеграција се зголемуваат можностите за засилување и продлабочување на соработката помеѓу државите во рамки на разните иницијативи.
Владата на Република Македонија ги поддржува формите на регионална организација и нивните активности кои водат кон подобрување на општествената благосостојба во Македонија и регионот, како што се: Процесот за соработка на Југоисточна Европа, Советот за регионална соработка, Централната европска иницијатива, Националниот центар за миграција и азил и враќање на бегалците и др.
Ќе продолжиме да го поддржуваме учеството на Република Македонија во регионалните иницијативи, особено на оние со соседите, кои водат кон подигнување и подобрување на соработката, толеранцијата, меѓусебното разбирање и општествената благосостојба.
Политика на добрососедство. Добрососедството е еден од клучните фактори за постигнување на мир, сигурност и благосостојба на една индивидуа, семејство, село, град или држава. Овој универзален принцип, со глобална важност и вредност, се потенцира и во критериумите за членство во НАТО и ЕУ. Гледано од овие аспекти, за Република Македонија од особена важност е да има што подобри односи со сите свои соседи.Владата ќе води особена сметка за негувањето и унапредувањето на политичките и економските односи со сите свои соседни земји засновани на принципите на рамноправност, почитување на територијалниот интегритет и суверенитет, взаемно уважување и почитување на културно-националните посебности.
Во меѓународните односи владата на Владата ќе продолжи да го негува и продлабочува стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, ќе се залага за продлабочување на пријателските односи со Руската Федерација, Народна Република Кина, Израел, Турција и Словенија, како и унапредување на билатералната соработка со Полска. Владата во периодот 2011-2015 година, согласно финансиските можности, ќе ги разгледа опциите дополнително да ја прошири дипломатската мрежа со амбасади во Токио (Јапонија), Бразилија (Бразил), Астана (Казахстан), како и конзулат во Перт (Австралија), а ќе се заложи за добивање на набљудувачки статус на Република Македонија во Организацијата на американските држави.
Владата ќе продолжи со концептот на активен мултилатерализам во надворешната политика и ќе продолжи да учествува во дебатата за потребната реформа на Советот за безбедност на ОН, согласно досегашните позиции. Владата ќе се заложи за успешен исход на кандидатурите на Република Македонија за членство во Извршниот одбор на УНЕСКО (2011-2015) и во Советот за човекови права на ОН (2013-2016).
Владата ќе продолжи да става посебен нагласок и на економските активности на македонските дипломатско-конзуларни претставништва, особено во делот на привлекување на инвеститори во Република Македонија. Во тој правец, Владата ќе ја продолжи политиката на наградување на дипломатите кои се истакнале во оваа активност, но и санкционирање кога потфрлиле.
Владата ќе продолжи со политиката на отворени врати кон успешните Македонци од дијаспората и нивното вклучување во општествено-политичкиот живот во земјава. Во наредниот период ќе продолжат активностите за склучување на договори за социјално осигурување и со другите држави каде што живеат и работат нашите иселеници.
Во наредните четири години Владата посветено ќе работи на зачувувањето на посебноста на Македонците во рамките на државите во кои живеат, како и на зачувување и афирмирање на македонскиот културен, јазичен и национален идентитет, преку редовните контакти со македонската дијаспора, како и на стимулирање и помагање на процесите на поврзувањето на нашите иселеници со татковината, продолжување на редовните средби со иселениците во Македонија, како и средби во нивните заедници. Исто така, Владата ќе се залага за афирмирање на културните права на културните и спортски друштва на македонската иселеничка заедница во рамки на нивните домицилни држави. Во согласност со уставните одредби, Владата ќе се залага за почитување на малцинските и националните права на македонците што живеат во соседните земји, како и во Европа, САД, Австралија и Канада, преку поддршка за проектите за изучување на македонскиот јазик. Владата ќе го зголеми и вниманието и поддршката во однос на програмата за владини стипендисии за македонците од соседството, кои студираат на државните универзитети. Ќе продолжат дипломатските активности за потпишување на меѓународни договори за заштита на правата на македонското малцинство и континуирано следење на остварувањето на правата на Македонците во странство.
Владата активно ќе продолжи да води грижа за бегалците од Граѓанската војна во Грција и Втората светска војна со тоа што ќе ги поддржува нивните иницијативи и ќе продолжи да дава силна и безрезервна поддршка на нивните барања за остварување на нивните права во согласност со Уставот на Република Македонија и европските и меѓународните конвенции за човековите права.
Искористување на претпристапната помош од Европската унија - ИПА Владата ќе продолжи со реализација на проектите финансирани од европските фондови во различни области. Според индикативната финансиска рамка, од страна на ЕУ на Република Македонија и се ставени на располагање над 600 милиони евра, кои согласно европските правила, мора да се искористат до 2017 година. Помошта ќе се користи во областите: јакнење на капацитетите на институциите, прекугранична соработка, регионален развој, развој на човечките ресурси, активности поврзани со политиките за вработување и образование, и поддршка на руралниот развој.
Искористувањето на европската помош е од особено значење за македонското земјоделство, заради што ќе продолжат подготовките за акредитација на останати мерки од ИПАРД Програмата за подобрување и развој на руралната инфраструктура, локален рурален развој со кои ќе се овозможи и општините да аплицираат за проекти во насока на подобрување на руралната инфраструктура како предуслов за развој на руралниот сектор.
Во насока на приближување на Македонија до ЕУ и зајакнување на нејзината надвореша позиција Владата на Република Македонија во периодот 2011-2015 година ќе ги преземе и следните проекти:
- Проект: „Е-дијаспора‘‘, со кој ќе се воведе систем за електронска комуникација на дијаспората со државните органи (2014);
- Проект: „Учиме за ИПАРД‘‘, промоција на бесплатен телефон на кој секој ќе може да ги добие потребните информации за ИПАРД средствата, заради зголемување на искористеноста на овие фондови (2012-2015);
- Проект: „Ало ЕУ“, со кој ќе се креира бесплатна телефонска служба, достапна на граѓаните за сите основни информации во врска со Европската унија и процесот на евроинтеграции (2012);
- Проект: „Дипломатска академија‘‘, со кој преку обуки, форуми и дипломатски тренинг за државната администрација, ќе се зголеми дипломатскиот капацитет со кој располага нашата држава (2014);
- Проект: „Регионални форуми‘‘, кои ќе ги опфатат земјите членки на Европската унија од соседството и државите од југоисточна Европа, а ќе поттикнуваат соработка во неколку подрачја, како одржлив развој, туризам, култура и соработка на локално и регионално ниво (2011-2015);
- Проект: „Далеку, а блиску‘‘, со кој ќе се организира дополнителна настава за изучување на македонскиот јазик, историјата и културата за деца и возрасни во дијаспората (2012-2015);
- Проект: „Форум на македонски експерти во странство‘‘, со кој ќе се остварува постојан контакт со македонски иселеници - стручњаци и истите ќе бидат ангажирани и консултирани за значајни прашања од нивната област (2012-2015);
- Проект: „Учиме за Европа без граници‘‘, кој предвидува отворање на канцеларии и дистрибуирање на материјали за позициите кои Европската унија ги има во однос на нејзината надворешна и внатрешна политика (2011-2015);
- Проект: „Македонско лоби во ЕУ‘‘, кој предвидува отварање канцеларии во главните градови и центри за одлучување на Европската унија, кои преку постојано лобирање меѓу парламентарците и други значајни и влијателни групи и преку постојани средби со европската администрација ќе придонесат кон забрзување на процесот на интеграција (2014).

Заменик на Претседателот на Владата и министер за финансии
Заменик на Претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор
Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања
Заменик на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања
Вицепремиерот Пешевски ги презентира македонските искуства за ЈПП на светската конференција во Женева
Средба на министерот Беџети со шефoт на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет
Управниот инспекторат ќе ја контролира мобилноста во администрацијата
НАТО не е спринт, туку маратон, министерот за одбрана, Фатмир Бесими за Вечер
Премиерот Груевски во официјална посета на Германија
Турскиот премиер Ердоган, домаќин на премиерот Груевски
Економска промоција на Македонија во Турција
Иднината на здрав темел
Изградба на Коридорот 10: Демир Капија - Смоквица
Реконструкција и реновирање на јавните здравствени установи
Изградба на 145 училишни спортски сали
Купи куќа, купи стан
Субвенции во земјоделството
Визна либерализација
Модернизација на аеродромите и обновување на возниот парк на ЈСП Скопје
Набавка на најсовремена медицинска опрема за јавното здравство
Намалени даноци, зголемени плати и надомест за социјална помош
Компјутер за секое дете
Ден на дрвото