Средба Никола Груевски - Федерика Могерини

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска (петок, 25 јули 2014 година), оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Италија, г-ѓа Федерика Могерини.

На средбата соговорниците го изразија задоволството од развојот на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Италија и воедно посочија подготвеност за нивно натамошно унапредување и интензивирање во сите области од взаемен интерес.

Премиерот Груевски ја истакна заложбата за продлабочување на економската соработка, како и проширување на секторската соработка. Премиерот Груевски истакна дека Италија е мошне значаен трговски партнер, и досега земјата има позитивно искуство од реализацијата на неколку инвестиции што докажува дека има потенцијал кој може да биде искористен во насока на јакнење на трговските и економските односи меѓу двете пријателски држави. На средбата беа истакнати и полињата каде може да се соработува, потенцирајќи ја областа на трговијата, енергетика, земјоделието и образованието.

Соговорниците се осврнаа и на темата на евроатлански интеграции при што Премиерот посочи дека тие остануваат приоритет во работата на Владата, и изрази задоволство од досегашната поддршка која Република Италија ја дава на овие суштински процеси. Премиерот Груевски ја потенцираше важноста на Италијанското Претседателство со ЕУ за регионот – во актуелниот контекст по европските избори. Тој ја истакна и важноста за проактивна поддршка на Италија во напорите на Македонија за почеток на преговори со ЕУ.

Соговорниците изразија надеж и подготвеност за интензивирање на соработката, и продлабочување на взаемните билатерални и економски односи.