Ердоган: Македонија има природно право да го користи своето име, грчкиот став е неразбирлив и неправеден

Македонија има природно право да го користи своето уставно име под кое стана независна држава. Грчкиот став за нас е неразбирвлив и неправеден. Ние немаме разбирање за никаква додавка како горна, долна северна. Живееме во голбален свет во кој треба да преовладува мирот и разбирањето, изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес-конференција со претседателот на македонската Влада Никола Груевски.

Ердоган побара Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и ЕУ и најави оти Турција засилено ќе продолжи да ја поддржува во процесот на нејзинaта евро и евроатлантска интеграција.

Во однос на напорите за зачленување во Европската унија, турскиот премиер прогнозираше дека Македонија е земја која брзо напредува, стабилна и просперитетна, која ги спроведува своите обврски на сериозен начин, и затоа ќе стане дел од ЕУ побрзо и од Турција.

Двајцата премиери истакнаа дека Македонија и Турција немаат отворени политички прашања, ќе ја засилат веќе тесната билатерална соработка и ќе ја интензивираат трговско-економската соработка и размена.

Македонскиот премиер Груевски, подвлече дека уште еднаш ги констатирале одличните односи, а најдобар доказ за пријателството, посочи, е Договорот за стратешко партнерство потпишан со Турција.

Тој изрази благодарност кон Турција за принципиелната поддршка што ја дава за приклучувањето на Македонија кон НАТО и за почитувањето и поддршката на нашите права и интереси за заштита на идентитетот и уставното име на Република Македонија. 

Премиерот Ердоган подвлекувајќи оти оваа посета ќе даде нов импулс на пријателските односи, нагласи дека двете земји имаат заедничка историја и култура, која се препознава и меѓучовечки врски на пријателство. Истакна и дека лично ќе се залага за зголемување на турските инвестиции во Македонија.

Груевски и Ердоган укажале на можноста за интензивирање на економската соработка и на трговската размена, која се очекува оваа година да биде околу 400 милиони американски долари.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердиган кој престојува во дводенвна официјална посета на Република Македонија, денеска ќе биде примен од претседателот Ѓорге Иванов, а ќе се сретне и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети.

Во рамките на официјалната посета, сопругите на премиерите Боркица Груевска и Емине Ердоган се очекува денеска да ја посетат Детската амбасада „Меѓаши“ во Скопје.

Категорија: