Груевски: Јас за разлика од СДСМ имам план

- Инаетењето на СДСМ со невлегување во Парламентот не носи во губење на препораката од Европската Комисија и тоа ќе биде лошо за сите, но изгледа Заев се уште верува дека на тој начин ќе го сврти јавното мислење кон него, и во него ќе видат спасител кој ќе не врати на вистинскиот пат. Со тоа уште еднаш покажува колку многу го потценува капацитетот на граѓаните.

Ова, меѓу другото, го истакнува претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски во интервјуто говори и за функционирањето на Собранието по одлуката на опозицијата да не учествува во неговата работа, за обвинувањата околу продажбата на Македонска банка и за наводните уплати на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, за слободата на медиумите, за преговорите со ДУИ за формирање на новата Влада и нејзините идни приоритети...

Господине Груевски, со исклучок на крајот на минатата недела, претходно речиси еден месец многу ретко се појавувате во јавноста. На што се должи тоа?

- Се должи на неколку работи. Прво, имав многу интензивни подготовки за старт на реализација на делови од програмата која ќе се комплетира во наредните неколку дена.

Работев на затворени состаноци со часови со раководствата на одделни министерства и други институции во тој правец.

Второ, кога веднаш почнавме со реализација на измени на закони од програмата, СДСМ

изреагира дека тоа било неправилно и незаконски и дека тоа сме требало да го правиме по формирањето влада. Иако мислам дека нема пречка Парламентот да усвојува закони и во овој период решив да го задоволам нивното барање за да не им давам уште едно алиби на нивните несмасни и непресметани постапки.

Трето, иако изборите завршија и јасно е кој ќе формира влада, СДСМ негодува на секое мое појавување поврзано со почеток или реализција на некој проект или реформа. Решив и тука да им излезам во пресрет па моето појавување го сведов на две промоции на книги и слично.

Со економскиот тим за привлекување инвестиции и со економскиот совет посветено работиме на привлекување инвеститори, и како и обично тоа е надвор од очите на јавноста се додека инвеститорот не одлучи да се објави.

И конечно, паралелно со работата и забрзувањето на темпото на работа низ институциите активно ги водам разговорите за формирање нова влада. Кратко кажано работам од сабајле до касно навечер во целиот овој период. На крајот би рекол дека и не беше лошо малку да ја одморам јавноста од моите изјави после интензивната кампања во која секој ден бев присутен низ медиумите.

Во јавноста вашето име беше поврзувано со продажбата на Македонска банка, а СДСМ обвини за криминал при продажбата која се случи пред повеќе од 10 години. Ваш коментар за овој случај?

- За волја на вистината во првиот круг од претседателските избори Зоран Заев и ова раководство на СДСМ вложија максимум што можат на ВМРО ДПМНЕ да му се спротистават на полето на натпревар со идеи, проекти, политики, со позитивна кампања.

Значи не е проблемот дали сакаат со позитивна кампања. Тие направија сериозен обид. Проблемот е дека нивните идеи и проекти се слаби, а многу од нив недоквакани, набрзина подготвени. Значи излезе на површина безидејноста и слабиот капацитет и визија на ова  партиско водство.

Втор значаен проблем за нив беше довербата во она кое го говорат, која доверба односно недоверба се базира на нивното минато и како партија и како индивидуалци. И за тоа се самите виновни. Многу ветуваа и неисполнуваа. Вие погледнете, Заев изгуби и во неговата општина каде е актуелен градоначалник и каде пред една година, иако со тесен резултат го доби мандатот од граѓаните.

Во една таква ситуација кога се соочија со тежок пораз, а претходно ги искористија сите можни адути, ја загубија самодовербата дека во чесен натпревар можат да не победат освојувајќи ја довербата од мнозинството граѓани, дојде до брза и непромислена промена на стратегијата која ги втурна во уште поголем пораз за што јас јавно предупредував во говорите на митинзите во вториот круг.

Влегоа во две сценарија. Прво, максимално валкана, нечиста или негативна кампања, насочена главно кон мене како прв човек на најголемата владејачка партија и нивни главен ривал. И второ, силна подготовка на членството и граѓаните за непризнавање на резултатите од изборите, која идеја ја имаа јавно пласирано уште пред изборите, да неречам ја најавија пред изборите, но сега веќе влегоа во нејзина силна промоција. Со обидот за мое оцрнување се одеше на намалување на разликата во број на гласови, со подготовката на прогласување на изборите за нерегуларни целта беше друга: Заев да има алиби со кое би останал на претседателската функција, истовремено умилкувајќи се на Бранко Црвенковски, јавно признавајки му дека бил во право кога година дена порано го заговараше истото, а Заев бидејки чуствуваше дека тој лично во Струмица ќе победи сериозно му се спротивстави внатре во партијата. Со тоа неговата проценка беше дека и тој ќе си заврши работа и со Бранко ќе застане на иста линија, бидејки Бранко нема да може да се спротивстави на таа идеја која до лани ја нудеше за единствено можна, кога пак имаше иста позадина: алиби за опстанок на партиската функција.

А сега поконкретно за нивното обвинување. Јас никогаш не сум земал еден и пол милион евра кеш, ниту на било кој друг начин, ниту пак помала или поголема сума за продажбата на Македонска банка. Од тука сите други обвинувања кои произегуваат од тоа се невистинити.

Иако клеветата од Заев е за непостоечки акт постар од 10 години, јас за секој случај одлучив да поднесам тужба за клевета за да со сигурност се расчисти оваа валкана манипулација и да добие судска разврска, а човекот кој видовме како во минатото се заборавил во делење тендери и јавни пари на сите роднини и партиски функционери, и кој пред 5 години се согласи за спас од обвинение за криминал тежок 8 милиони евра преку аболиција од неговиот ментор, тој истиот ќе треба да се соочи со вистината кога ќе треба да докаже дека јас сум ги земал тие еден и пол милион евра пред повеќе од 10 години за кои тој ме клевети.

Самиот факт што сега пред да заврши судската разврска, СДСМ и нивните контролирани медиуми нервозно секој ден се трудат да ја експонираат темата, покажува колку е ниска нивната самодоверба во овој случај. Тој што е сигурен во себе не џавка, туку мирно го чека крајот на судската разврска. Но ќе дојде и тој ден, кога правдата и вистината ќе излезат на површина. Јасно е дека Заев негирајќи го судскиот систем уште одсега спрема терен и судската одлука да не ја признае. Мислам дека се работи за недоволно зрел човек, во најмала рака политички недоволно зрел. Некои негови постапки наликуваат на детско лутење кога ќе загуби во некоја детска игра. Но политиката не е детска игра и не е место каде некој треба да го чекаме да досозрее, пред се политички. Неговите постапки иако од позиција на претседател на најголемата опозициска партија и носат сериозна штета на државата, но и на сите нејзини граѓани вклучувајќи ги и членовите на СДСМ.

На пример, инатењето со не влегување во Парламентот не носи во губење на препораката од Европската Комисија, и тоа ќе биде лошо за сите, но изгледа Заев сеуште верува дека на тој начин ќе го сврти јавното мислење кон него, и во него ќе видат спасител кој ќе не врати на висинскиот пат. Со тоа уште еднаш покажува колку многу го потценува капацитетот на граѓаните, што пак најмногу говори за него лично. Од друга страна, неговите постапки толку многу со радост ги дочекуваат оние кои несакаат да ја видат земјата да напредува, што понекогаш човек на се помислува. Но тоа е друга тема. Она што е важно е дека народот покажа витинска зрелост. Не само што не подлегна на манипулациите на клеветите на Заев, туку го казни со еден од најсилните порази на СДСМ со над 200 илјади гласа разлика. Македонија не е истата од деведесеттите.

Меѓу другото СДСМ објави каса прими од уплати на контраверзниот бизнисмен Загорац Тумбовски за кој тврди дека се уплатени на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, а за кој не е платено данок. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш тврдеја дека сметките се фалсификат, односно на каса примите стои невалиден печат. Која е вистината?

- Во времето кога започнаа големите реформи во ВМРО ДПМНЕ во 2003-та кои добија на интензитет во 2004-та се случи ситуација да исчезне партискиот печат. Раководството на партијата веднаш го прогласи за невалиден со пријава во надлежните органи и извадивме нов печат кој се разликува од претходниот. Сега гледам дека некој се обиде да направи евтин трик со тоа, користејки правосилно осудена личност на 6 години затвор за различни кривични дела меѓу кои и за фалсификат, и личност која е во бегство. Дознав дека и таткото на таа

личност бил осуден на 4 години затвор. Наводниот потпис на Јанкулоска од авион се гледа дека не наликува на тој кој го видовме во медиумите. И овој случај беше дел од набрзина сменетата стратегија на СДСМ за вториот круг. Но и овој случај е во институционална разврска и се надевам на брза разврска на тој случај.

Во медиумите се отвори правната дилема дали сте пратеник или премиер. Тезата е дека по верификувањето на пратеничките мандати во Собранието, премиер на Македонија до изборот во Собрание треба да биде некој друг поради неспоивост на функциите?

- Оваа тема е повеќе производ на дневната политика, а највеќе производ на оние кои се  занимаваат со разно разни кадровски комбинаторики, отколку со нормалното функционирање на државата и опслужувањето на секојдневните потреби на граѓаните.

Најважно е што граѓаните на избори го доверија легитимитетот на оној кому му веруваат, и ваква слична ситуација сме имале и претходно во повеќето вакум простори помеѓу завршувањето на изборите и формирањето нова влада. За да не давам простор за вакви  манипулции јас веќе поднесов оставка на позицијата пратеник во Парламентот, иако не морав тоа да го сторам до денот на избор на нова влада.

Како го оценувате исходот на конгресот на СДСМ и повторниот избор на Заев на чело на опозицијата?

- Не би сакал да навлегувам во состојбите на СДСМ, тоа е нивна работа. Исходот не е ништо друго туку победа на политиката на Бранко Црвенковски, неговите луѓе продолжуваат во истиот дух и со истите методи онаму каде што тој застана. Неповлекувањето на Заев не ме изненади бидејќи тој тоа го најави уште во кампањата. Јас и тогаш кажав што мислам, а тоа мислење е непроменето. Како партија да баравме не можеше да најдеме подобар противкандидат од Заев, и тоа го кажав ни најмалку со желба да го потценам, туку едноставно поради разликата на начинот на функционирање и вредностите и принципите до кој држи едната и другата политичка опција.

Разликата која се гледа во прецизната програма која ние ја имаме, наспроти голата реторика и немањето на програма во СДСМ, во минатото и аферите кои се провлекуваат зад нивната работа и чесниот труд и вложувања кој се дел од нашите залагања и работење.

Едноставно направете анализа што се се` нудеше и зборуваше на митинзите и што ние понудивме. Толку мала и слаба понуда, со толку многу навреди, клевети, црнила и манипулаации кон противникот, кон нас, наспроти 2046 многу конкретни и реални проекти.

Таков ли човек планира да ја води државата. На крајот што и како мислат граѓаните се покажа на изборите. Тие во огромно мнозинство се одлучија за проекти и програма, за принципи и вредности.

СДСМ излезе со оценка дека овие избори беа нерегуларнии недемократски, Ве изненадува ли политиката на бојкот на СДСМ?

- Прво, ќе повторам и потсетам дека СДСМ загуби со над 200 илјади гласа на овие избори и немаше ниту една формална жалба до ДИК за овие избори од причина што реално немаше матерјал на кој би се жалеле. Најавуваа и некакви докази дека ќе приложеле во јавноста за наводни нерегуларности, но ниту докази, ниту снимки, ништо конкретно не видовме.

Политиката на бојкот е продолжување на политиката на Црвенковски, тоа е старо и веќе видено. Со таа тврдоглавост се прави штета врз угледот на државата, се прави штета врз работата на Собранието, но најголем губитник е самиот СДСМ кој наместо да се помири со размислувањето на граѓаните, тие решија да одат наспроти нивната волја. За тоа дали овие избори се регуларни и демократски не мора да ја слушнете мојата оценка, туку пред се оценката на ЕУ, САД и ОБСЕ/ОДИХР кој рекоа дека изборите се ефикасно спроведени.

Истиот СДСМ кога во 2004-та година победи Бранко на претседателските избори, иако ОБСЕ/ОДИХР излегоа со извештај во кој беа нотирани масовни полнења на гласачки кутии, замислете во извештај да ви пишува масовни полнења кутии на изборите, понатаму вооружени лица во близина на гласачки места, физички инциденти, непрочистен избирачки список, семејно гласање и ред други тешки пропусти и недостатиоци, нешто што на овие избори ништо од ова не се случи, тогаш СДСМ излезе и ги призна за фер овие избори. Тоа е двојниот стандард и аршин на СДСМ. А што се однесува до медиумите, паметам тогаш во тие времиња честопати имавме проблем да воопшто некоја тв камера ни дојде на оргнизирана прес-конференција.

Со други зборови, после толку многу подобрувња на изборниот закон, најголем дел од нив заедно со опозицијата, и сите во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, после заедничкото пречистување на изборниот список пред локалните избори лани, после така мирен изборен ден и професионално и ефикасно спроведени избори некој истите да ги прогласува за нерегуларни е нон сенс. И тоа истата партија која ги спроведе изборите во 2004-та. И истиот човек кој тогаш беше претседател на ДИК, а денес десет години подоцна кандидат за претседател на СДСМ.

Да потсетам пред овие избори повторно заеднички со СДСМ ги усогласивме измените и подобрувњата на изборниот закон. Заеднички ги гласавме и во Парламентот. Најголем дел од нив се базираа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а дел беа хирови на СДСМ, како оној од типот да ни ги фарбаат палците со мастило, нешто што го немаа никаде во Светот. Се прифативме, и пак немаат доблест да признаат пораз да се свртат кон себе и сопствените грешки. На крајот и самиот Заев на прашање на новинар призна дека и се да било како што

тој замислува пак ќе загубеле на овие избори, само разликата ќе била помала. Смешно и трагично истовремено. Излегува дека СДСМ признава регуларност на избори само тогаш кога ќе победи. Недоволно зрело однесување.

Се разбира ова не знaчи дека Законот за избори не може и понатаму да се унапредува. Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е добра основа за понатамошни подобрувања на законодавството и секако ние ќе се фокусираме на тоа.

Трпите многу критика за слободата на медиумите. Планирате ли нешто на ова поле?

- Приказната со слободата на медиумите е еден надуен балон во недостаток на силна опозиција и креативна опозиција која ќе се бори на реални теми и основи, а не на надуени теми. Tаа теза се користи за политичка битка и таа стана политичка тема, но тоа е нивно алиби за поразите кои се базирани на нивните неработа и непосветеност, на нивната неискреност кон народот и безидејност

Ако денес во Македонија некој ја проблематизира состојбата со медиумите, во ера на многу национални и локални телевизии, на сателитски телевизии, на национални и локални радиа, како и во ера на многу интернет портали и дневни весници, зошто истите тие луѓе молчеа кога Македонија се на се имаше три медиуми: една телевизија тоа беше МТВ, и два весника Нова Македонија и Вечер. И ако ова сега е диктатура, што како квалификација е апсолутен нон сенс, што било тоа тогаш, кога владееле актуелново раководство на СДСМ заедно со Црвенковски и истите збор не ги слушнавме да кажат нешто за демократија. Ова е уште еден доказ дека тоа што го зборуваат се дневно политички измислици и памфлети.

Згора на ова, ВМРО-ДПМНЕ победи на избори во 2006-та година во крајно лоши услови на поддршка во медиумите. Жалам што ја претворија во политичка тема која и штети на државата, тоа е факт. Една структура на луѓе која беше финансиски моќна и со добри интернационални контакти се обиде и до некаде успеа да ја продаде приказната дека медиумите на Велија згаснаа заради нешто друго, а не заради тоа што газдата им беше до гуша во криминал и не плаќаа даноци. Затоа ќе продолжиме да работиме со сите сили на унапредување на средината, за тоа треба поддршка и од фелата, ама искрена и без ракавици и задкулусни игри, да се работи, а не да се одработува како што некои од нив прават.

Тврдам дека онолку работи колку што ние имаме направено во оваа сфера како

декриминализација, нов Закон за медиуми за кој преставникот на ОБСЕ рече дека е одличен, повторувам одличен, мене лично ми го кажа тоа на состанокот во Владата пред десет луѓе, а во слична форма го кажа и во јавноста па се соочи со гневот на тие кои одработуваат, а не работат. Не се виновни медиумите, не се согласувам со тезите за провладини медиуми, не се согласувам со навредите кои ги пласираат дел од таа заедница кон други новинари и обратно. Ние добро знаеме што значи неслобода на медиуми, ние бевме соочени со коплметно контролирани медиуми кои наместо новинарство тераа пропаганда од најдолен вид, со навреди, клевети, жестоки навреди, не ни пуштаа деманти нa нивните лаги и конструкции, ако сте квалитетни како партија медиумите ќе ви даваат простор, тоа сигурно го знам, ако нудите мерки за подобрување, ако се борите во чиста политичка борба. Ова не значи дека не постои простор за понатамошни подобрувања во оваа сфера.

Ние планираме да продолжиме со реформи кои ќе ја зајкнат слободата и стабилноста на медиумите. Сечии добронамерен предлог е добредојден, а пред се добрите примери во понапредните земји на ова поле.

СДСМ поднесе тужба до Управен суд за мандатите и наводни докази дека власта насилно ги верификува мандатите на кандидатите за пратеници од опозицијата, а потоа понесоа оставки во Парламентот?

- СДСМ сами, но и свесно, го искреираа проблемот и сега градат приказна врз основа на лавиринтот кој самите го создадоа. Собранието кој е највисокиот законодавен орган утврди дека мандатите треба да бидат верификувани.

Оставките кои пратениците на СДСМ ги поднесоа беа вон процедура и закон. Пак ќе кажам, немојте да помислувате дека тие тоа не го знаат. Но им стана навика да делуват со интриги.

Се заплеткаа со оставките и сега незнаат како да се отплеткаат. Ние ќе треба да ги отплеткуваме. Со поднесените оставки Собранието нема да има друг избор освен на следната седница да ги верификува и да распише нови избори за ослободените 34 места во Парламентот. Таа седница не може да е подоцна од 18 ти или 19 ти јуни кога треба да е изборот на новата влада. Дотогаш имаат можност да ги повлечат, освен ако во меѓувреме претседателот на Парламентот не свика седница за други прашања и да го постави и оваа точка на дневен ред.

Од една страна имаат голем мерак еднаш да излезат од Парламентот, оти веруваат во успех на партијата на тој начин, иако опасно се лажат. ВМРО-ДПМНЕ во деведесеттите искуси една таква ситуација и колку што знам тогашното раководство на партијата самото потоа говореше дека тоа било грешка. Но, СДСМ го нема поминато тоа на свој грб и верува дека тоа ќе им донесе победа, а веројатно наивно веруваат дека токму тоа на ВМРО-ДПМНЕ му донесе победа во 1998 година. Таа победа на ВМРО резултираше во голема мерка од неработењето на СДСМ, немањето резултати во економијата, растечката невработеност, растечката корупција на СДСМ, криминалите со приватизацијата, со ТАТ и другите штедилници, шверцот во ембаргото против Милошевиќ, немањето ниту еден странски глобален ивеститор во земјата, бркањето на странските инвеститори како случајот со Ауди и редица други такви ситуации. Тој филм СДСМ во наредните 4 години нема да го гледа. На власт е многу различна гарнитура од онаа бранковата во 90 тите. Така што ако мислат дека со нивното отсуство од Парламентот јас ќе дозволам да се врати тоа време, силно се лажат. Напротив, ќе се соочат со влада која ќе работи со така силно темпо како да изборите се утре и како да во Парламентот имаме многу посилна опозиција од СДСМ.

По 4 години верувам дека ќе имаме уште посилна поддршка од народот отколку на последните избори. Борбата против криминалот и корупцијата ќе биде немилосрдна, жестоко ќе се бориме да најдеме решение за многу нерешени прашања и тоа ден порано, ќе работиме уште повеќе отколку до сега. Гледам со години зборат дека ќе формирале влада во сенка. Абер немаат. Ако вака продолжат со одолговлекување, незвисно дали ќе бидат надвор од Парламентот или внатре во него, ќе размислиме ние, ВМРО-ДПМНЕ да направиме влада во сенка што би било многу невообичаено, но со вакви опозиционери, можеби и тоа ќе биде потребно. Деновиве следува нов оглас за пројавување интерес со цел привлекување на најдобрите и најквалитетни кадри од земјата и дијаспората, независно од нивната политичка, етничка или верска припадност, кои ќе треба да ги пополнат испрзнетите функционерски места или оние на кои им завршуваат мандатите до следната пролет. Ќе се засилиме со нова свежина со нови сили. Нема назад, само напред. Тоа е мојот план. Тој е многу поразличен од оној на СДСМ.

Како одат преговорите за состав на новата влада?

- ВМРО-ДПМНЕ веќе соопшти преку медиумите дека со ДУИ, како партии кои ја добија најголемата доверба на граѓаните одлучија да формираат ново парламентарно мнозинство.

Партиите, согласно своите програмски определби и изборни ветувања одлучија главни приоритети на идното владино делување во наредниот период да бидат евроатлантските интеграции, како и економскиот развој на земјата, изразен преку реформи и проекти за подобрување на економската и социјалната состојба, нови работни места и инвестиции.

Преговорите се во самиот финиш и деновиве треба да се завршат целосно во законски утврдениот рок.

Кои ќе ви бидат трите работи кои ќе ви се најважниот фокус во новиот мандат?

- Прво, привлекување и стимулирње на нови инвестиции со цел отворање на нови работни места со истовремена реализација на крупните капитални проекти во сферата на патната и железничката инфраструктура како и продолжување со реформите и мерките кои ќе значат подигнување на стандардот, подобар живот и економски развој, поефикасно образование, попрофесионално здравство, и посилно земјоделие итн.

Второ, максимални напори и посветеност за остварување на стратешките цели поврзани со европските и евроаатланските интеграции, и трето, понатамошно зајкнување на правната држава, на демократијата, човековите права, понатамошни реформи на правосудниот систем, администрцијата како и зајакнување на меѓуетничките односи во земјата.