Министерството за култура ја поздрави иницијативата за Вања Лазарова

Министерството за култура високо го вреднува уметничкиот труд и големиот придонес на Вања Лазарова во развојот на македонската култура. Вања  Лазарова е уметник кој остави длабоки траги во нашата културна историја и во оваа смисла ја поздравуваме иницијативата за собирање на потписи за доделување на национална пензија.

Тоа го соопшти попладнево Министерството за култура, од каде истакнуваат дека со Владата настојуваат на секој можен начин да го вреднуваат трудот на уметниците  кои дадоа  и даваат свој придонес во градењето на македонската култура. Токму затоа, укажува Министерството, со измените на Законот за култура ги воведовме и националните пензии, а донесовме и Закон за доделување на титулата национален уметник на РМ.

Националната пензија, појаснуваат од Министерството за култура, се доделува на уметници и стручни работници од областа на заштитата на културното наследство кои се добитници на една од државните награди за долгогодишни остварувања во културата и уметноста (наградите „11 Октомври“, „23 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“).

- Во овој контекст, сакаме  да  информираме дека Вања Лазарова може да се стекне со  правото на национална пензија, доколку стане добитник на една од државните награди.  Иницијативата за добивање на државна награда  до Министерството за култура ја доставуваат стручни и научни установи,  правни лица и здруженија. На наше големо задоволство до Министерството за култура, благодарение на продуцентската куќа „Трето уво“ веќе е пристигната иницијатива за доделување на наградата „11 октомври“ за животно дело за Вања Лазарова, соопшти Министерството за култура.

По иницијативата, појаснува, ќе одлучува одбор за доделување на наградата именуван од Собранието на Република Македонија. Добивањето на наградата автоматски ќе значи и исполнување на законскиот услов за стекнување на право за национална пензија за Вања Лазарова.