Конференција на тема „Информатичкото општество - иднината на Македонија“

Министерството за информатичко општество и администрација предлага нов концепт на т.н. „Отворени е услуги“ кој предвидува на секоја заинтересирана компанија, која ќе задоволи одредени технички и правни услови и стандарди, да и биде дозволено да изработува ИТ решенија преку кои ќе се нудат електронски услуги  при тоа користејќи ги податоците на институциите преку строго дефинирани правила и стандарди.

Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на  конференција на тема „Информатичкото општество – иднината на Македонија“ што денеска се одржа во Скопје по повод 20-годишнината од независноста на Република Македонија, нагласувајќи дека верува оти „Отворени е услуги“ е иднината за развој на отворено општество.

Тој појасни дека со новата услуга приватните компании би профитирале само ако изградат атрактивна услуга која ќе се користи од граѓаните и бизнис заедницата, бидејќи би имале право на наплата само од крајниот корисник. Незадоволните ќе можат да го искористат правото да ги задоволат своите потреби како и досега на шалтер.

- Придобивките од овој концепт ќе бидат големи за сите инволвирани страни. Граѓаните ќе имаат повеќе избор, локалната власт ќе добие слобода за иновации во давање на постоечки и нови услови, администрацијата ќе понуди услуги по мерка на граѓаните и ќе го подобри работењето преку зголемување на ефикасноста и развивање на конкурентноста, за провајдерите на услуги ќе се отворат нови бизнис можности, а за централната власт забрзано дигитализирање на сите јавни услуги, рече Ивановски.

Министерот за информатичко општество и администрација потсети дека во изминатиот период информатичкото општество во Македонија оствари огромен прогрес и потсети на некои од веќе реализираните проекти и на тековните кои се реализираат.

Тој нагласи дека инвестирањето во градењето на информатичкото општество и реформата на јавната администрација се главните приоритети на Владата на Република Македонија. 

Игор Бимбилоски од Македонски Телеком, претседател на Управниот одбор на МАСИТ, оцени дека е евидентен и неоспорлив напредокот на Македонија во информатичките и комуникациските технологии и воведувањето на информатичкото општество. Тоа, додаде, се потврдува со се поголемиот продор на информатичките и комуникациските технологии во секјдневниот живот на граѓаните и бизнис заедницата.

- Во последните пет години во ИКТ секторот во просек се бележат стапки на пораст на приходите од над 9 отсто на годишно ниво, а на додадената вредност на бројот на вработените од речиси 5 отсто. Со тоа ИКТ индустријата има големо влијание врз развојот на секундарните индустрии и значајно придонесува за развојот на целокупната економија, рече Бимбилоски.

Тој посочи дека МАСИТ покрива околу 80 отсто од компаниите кои работат во ИКТ индустријата.

Димитар Трајанов, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) како најзначајно за ИКТ индустријата во Македонија го оцени отворањето на новиот факултет за информациски технологии во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје каде годинава првпат се запишале 650 студенти.

- Во рамките на ФИНКИ наскоро ќе биде инсталиран суперкомпјутер наменет за истражувачки цели со моќност од 10 терафлопси. Тоа е најмоќниот суперкомпјутер на просторите на поранешната СФРЈ и ќе претставува основа за натамошен развој на сите истражувачки проекти и ИКТ индустријата во Македонија, рече Трајанов.

Тој светот во моментов го гледа како глобално село во кое локацијата на градот или државата станува небитна заради можностите што ги пружа интернет. Во иднина очекува студентите да бидат партнери на професорите и со нив да ги споделуваат знаењата, а воедно и тимски да работат. Студентите кои во иднина ќе ги едуцираме, посочи, треба да бидат креативни и храбри за да започнат свој бизнис, а ИКТ индустријата да биде двигател на развојот на Македонија.  

На конференцијата видео обраќање имаше Винтон Греј Серф - таткото на интернетот, а се обратија и професорите од Факултетот за музичка технологија од Утрехт, Холандија, Жерар Ван Волферен и Ханс Тимерманс, кои ги презентираа можностите на ИКТ во музиката и креативната индустрија.

Категорија: