Промовирани дипломирани филолози на факултетот „Блаже Конески“

На сто нови филолози од различни катедри на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје денеска свечено им беа врачени дипломите за завршени студии. На тие со најдобар успех дипломата им ја врачи министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој истакна дека новодипломираните го зголемуваат образовниот и научен капитал на државата.

Покрај честитките за успехот, тој им порача да не застануваат со наобразбата и знаењето стекнато на студии да го надградуваат низ животот. Во своето обраќање министерот посочи дека Филолошкиот факултет постојано ги следи современите образовни трендови и побарувања на пазарот на трудот.

- Со својот професионален развој на овој факултет, продуцираниот кадар ќе придонесе за развој на критериумите за странските јазици во Република Македонија, во делот на употребата и преводите. Во изминатиот период со Филолошкиот факултет работиме на максимална операционализација и ставање во функција на лабораторијата за превод, која ја набавивме за овој факултет, изјави Ристовски.

Министерот најави проект за зголемување на квалитетот на преводот и дека во таа насока оваа година е зголемена квотата за постдипломски студии за преводи, според стандардите на Европската унија.

- На тој начин македонските студенти што ќе дипломираат, а потоа и магистрираат на овој факултет, ќе имаат стандардизирани лиценци и ќе имаат можност да бидат соодветни преведувачи и во земјите на ЕУ, што е од исклучително значење за нашата земја која е аспирант за членство во Унијата, истакна Ристовски.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски рече дека стоте новодипломирани филолози ќе го збогатат големото академско семејство на УКИМ, во кое се над 200.000 дипломирани студенти, доктори на науки, магистри и специјалисти.

- На Филолошкиот факултет функционираат повеќе институти и катедри и студентите имаат можност да изучуваат 29 светски јазици, а тоа е околу еден процент од вкупните живи јазици во светот. Покрај странските јазици, особено внимание се посветува и на изучувањето на македонскиот јазик и, благодарение на пожртвуваноста и на големата помош на колегите од Катедрата за македонски јазик, веќе подолго време успешно се одржува Семинарот за македонски јазик, литература и култура, со што македонскиот јазик се промовира не само во земјата, туку и во странство, истакна Стојковски.

Деканката Славица Велева рече дека со стоте новодипломирани од нивниот факултет произлегле околу 15.200 филолози. - Тоа се новите културни амбасадори кои преку знаењето на светските јазици ја промовираат својата култура и културата на другите народи ја носат во нашата земја, рече Велева.

Оваа високообразовна установа досега има акредирирано 21 студиска програма во прв циклус (додипломски студии), шест од втор циклус (магистерски) и три студиски програми од трет циклус студии (докторски).

Преку проектот на Владата на РМ за набавка на лаборатории, на Филолошкиот факултет се инсталирани четири современи лаборатории за симулација на конференции и за изведување мултимедијална настава во вкупна вредност од 20,6 милиони денари. Лабораториите опремени со кабини им се достапни и на претходните генерации кои дипломирале на Филолошкиот факултет, а кои додека студирале немале можност за практично усовршување на вештините за превод и толкување.