Промовиран „Македонскиот информативен систем за шумски пожари“

Втората верзија на „Македонскиот информативен систем за шумски пожари“, која се темели на современа информатичка технологија и е во функција на следење, проценка на ризикот и оперативна координација во случаи на справување со ризикот од шумски пожари, денеска беше промовирана.

Овој систем во јули минатата година беше ставен во почетна оперативна употреба, познат како МКФФИС и од тогаш беше во тест фаза. Во втората фаза од неговиот развој се направиени сите неопходни подобрувања, со додавање нови карти, алатки и функции со што на корисниците им се обезбедува лесен, брз и разбирлив пристап.

Системот се реализира со поддршка на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и во соработка со повеќе државни институции, како министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство, за животна средина и просторно планирање, Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонски шуми“ и други.

- Реализацијата на овој проект има јавен интерес бидејќи шумите во нашата држава претставуваат национално богатство, а нивната заштита претставува институционална обврска. При реализацијата на проектните активности беа вклучени повеќе владини институции, едни во улога на „data providers“, a други како корисници на продуктите на системот. Центарот за управување со кризи ја имаше улогата на координатор, истакна на денешната презентација министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Тој додаде дека овој систем е познат како MKFFIS, по примерот на Европскиот информативен систем за шумски пожари EFFIS.

Овој систем, како што рече, се темели на интегрирана и веб базирана ГИС платформа, која поврзува повеќе институции кои имаат улога во заштита од шумскиите пожари.

- „Македонскиот информативен систем за шумски пожари“ претставува современ географски информациски систем кој ќе ја зајакне меѓуинституционалната комуникација, координација и брза размена на податоци и во голема мера ќе придонесе за вопсоставување на Национална инфраструктура на просторни податоци, за која неодамна беше донесен и закон, рече Ивановски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Зулфи Адили потенцира дека овој систем е важен за државата и за граѓаните од аспект на превенција и рано предупредување.