Потпишан договор за соработка на полициите на Македонија и на Кина

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и заменик-министерот за јавна безбедност на Народна Република Кина Јанг Хуанинг, кој е во дводневна работна посета на Република Македонија, денеска потпишаа билатерален договор за заемна соработка.

Во делот на соработката, потенцира Јанкулоска, односите се повеќе добиваат на интензитет и како резултат на тоа, поголема група вработени во МВР веќе учествувале на различни обуки во НР Кина.

На средбите се разговарало за области каде што има простор за размена на информации и соработка, како што се борбата против недозволена трговија со дрога, мигранти, тероризмот, како и борбата против интернет криминалот и другите глобални закани.

- Конструктивни средби во насока на продлабочување на меѓусебната соработка и односите помеѓу двете држави, со оглед на се поинтензивната економска соработка и потребата за поголем интензитет на размена и патување луѓе од Кина во Република Македонија, нашата цел беше да воспоставиме стабилен систем на размена на информации во делот на сите области кои веруваме дека ќе помогнат во однос на подобро функционирање во делот на прашањата кои се во надлежност на МВР, изјави по средбата Јанкулоска, посочувајќи оти ова е посета на највисоко ниво во дeлот на соработката помеѓу двете полиции.