Премиерот Груевски до премиерот на Република Грција, Лукас Пападемос

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, во врска со можноста за определувањето на датум за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија и во пресрет на претстојниот декемвриски Европски Совет, се обрати до грчкиот премиер, г-дин Лукас Пападемос.

Нагласувајќи го потребното внимание кое треба да се насочи кон процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Југоисточна Европа, премиерот Груевски ги истакна реформите, предвидени со Копенхашките критериуми и претпристапното партнерство, кои се преземени за трансформација и модернизација на нашето општество, и притоа потенцираше дека како резултат на истите реформи Европската Комисија три пати по ред препорачува почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија.

Прифаќањето на повеќекратните препораки за отворање на преговори за членство во Европската Унија ќе ни овозможи со голема мотивација да продолжиме со нашиот социо-економски развој, и ќе има позитивно влијание на внатрешните реформи, на меѓуетничките односи и на регионалната стабилност. Отворањето на следната фаза на пристапниот процес ќе има позитивно влијание и на европскиот интеграциски моментум, вели премиерот Груевски.

Акцентирајќи го фактот дека Грција е најстара членка на ЕУ од регионот, која е промотор на Агендата 2014 која пак е основа на политиката на проширување за земјите од Балканот, претседателот на Владата Груевски истакна пред г-дин Пападемос дека Грција ”може да даде одлучувачки придонес во ревитализацијата на европските процеси на интеграција на целиот регион” и дека нивната поддршка “на отворањето на преговори за членство, ќе придонесе за градење на позитивна динамика на интеграцијата на Балканот во Европската Унија”.

Осврнувајќи се на случаите од минатиот период кои говорат дека отворањето на преговарачкиот процес за членство на определена земја во Европската Унија, секогаш давал охрабрувачки предуслови за надминување на билатералните предизвици кои постоеле помеѓу некоја земја членка на Унијата и земјата кандидат за членство, премиерот Груевски истакнува “Јас сум убеден дека нашите две земји можат исто така да ги применат позитивните модели од минатото. Прифаќајќи ја европската методологија и отворањето на преговори за членство во Европската Унија, ќе донесе позитивна клима за меѓусебна доверба која е потребна за перманентно решавање на преостанатите билатерални разлики помеѓу нашите две земји, во духот на европската соработка.”

Премиерот Груевски ја истакна и вербата дека прифаќањето на процес на изнаоѓање на заедничко прифатливо решение додека трае процесот на преговори за членство може да инспирира позитивен развој на нaстаните, како и уверувањето дека ваквиот пристап би овозможил соодветна рамка за изнаоѓање и имплементација на заедничко прифатливо решение засновано на почитување, разбирање и взаемен интерес.

Апелирам уште еднаш до Вашата Влада, која ужива најширока можна политичка поддршка, да ја искористи оваа уникатна шанса и, во духот на претходноизнесеното, со поддршка на одлука за отворање на преговори за членство на Европскиот Совет во декември 2011 година, да ги прошири придобивките од процесот на проширување во нашиот регион, изразувајќи го уважувањето кон премиерот на Грција, г-дин Пападeмос, истакна премиерот на Република Македонија, Никола Груевски.