Земјоделство, шумарство и водостопанство

Владата на Република Македонија ќе продолжи со спроведување на земјоделски политики кои придонесуваат кон развој и поголема конкурентност на македонското земјоделство. Ќе продолжи спроведувањето на мерките со кои на земјоделците им се овозможува: поволен пристап до кредити, покривање на дел од трошоците за набавка сточен фонд, подигање насади и култури, како субвенционирање на земјоделското производство. Ќе се обезбеди поддршка за модернизација на застарената технологија на производство, преку покривање на најмалку половина од трошоците за набавка на машини, опрема и системи за наводнување, како и за обнова и реновирање на сточарски и земјоделски објекти. Ќе се инвестира во локалната инфраструктура за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини и зајакнување на организираноста на руралните заедници со формирање на Локални акциски групи.

За подобрување на функционирање на пазарот со земјоделски производи и обезбедување на подобри цени за земјоделците, Владата ќе работи на зголемување на конкуренцијата кај откупувачите и преработувачите со поголеми приватни и државни инвестиции во откупно-дистибитувни центри, засилено здружување на земјоделците на пазарот за зголемување на преговарачката моќ во однос на откупувачите, профункционирање на договорните односи и понатамошно регулирање на работата на трговците и преработувачите заради спречување на злоупотреби.Приоритет ќе биде и изградбата на заокружен систем на безбедност на храната, преку воспоставувањето на систем на контрола на безбедноста на храната.

Ќе се засили капацитетот на инспекциите за контрола на движењето на неквалитетна и шверцувана храна и репроматеријали, а ќе се забрза транспортот на македонските производи.

Субвенции во земјоделството за перидотот 2011 – 2015 година Владата на Репулбика Македонија во наредниот период ќе продолжи да ја зголемува финансиската поддршка на аграрот и руралниот развој. Ќе продолжиме со субвенциите во земјоделството преку поддршка во сточарството, овоштарството и градинарството, полјоделството, лозарството и тутунопроизводството. Поддршката ќе биде обезбедена за стимулирање на земјоделски производи со висок квалитет и извозен потенцијал, но и за производи со пониска продуктивност кои се важни за обезбедување на основна храна за населението.

За таа цел, во периодот 2011-2015 ќе бидат обезбедени вкупно 670 милиони евра за субвенции во земјоделието:

  • 2011 - 115 милиони евра
  • 2012 - 130 милиони евра;
  • 2013 - 135 милиони евра;
  • 2014 - 140 милиони евра; и
  • 2015 - 150 милиони евра.

Земјишна политика ќе се дораспредели државното земјоделското земјиште и ќе се поттикнат земјоделците заеднички да пристапат кон окрупнување на земјиштето. Во таа насока ќе се реализираат следните активности:

  • Целосно завршување на распределбата на преостанатите 20.000 ха слободно државно земјиште на земјоделците (2011-континуирано)
  • Ќе се анализира можноста за решавање на проблемот за обработување на државно земјоделско земјиште без договори. Целта е да се реши долгогодишниот проблем на земјоделците кои користат земјиште со изминат договор или на друг нерегулиран начин, поради што немаат сигурност и не може да користат субвенции (септември 2011-март 2012)
  • Легализација на објектите за земјоделска намена (штали, помошни објекти, објекти за преработка и чување на земјоделски производи и др.) изградени на земјоделско земјиште, по нова поедноставена постапка, без плаќање комуналии (декември 2011-2014)
  • Изградбата на нови објекти за земјоделска намена на земјоделско земјиште ќе биде целосно доуредена и овозможена (декември 2011-2014)
  • Ќе се окрупнува земјоделското земјиште со размена на приватни парцели и други проверени постапки од политиките на ЕУ (декември 2011-2014)
  • Ќе се решат предметите за размена на приватното со државно земјоделско земјиште таму каде што се исполнети законските услови (март 2012)
  • За вработување на социјално необезбедени категории население, најмалку еднаш годишно ќе биде објавена програма за давање на државно земјиште на овие граѓани на 5 години без закупнина (2012-2015)
  • Ќе се спроведат мерки за намалување на површините на приватно земјоделско земјиште кои не се обработуваат подолг временски период (мај 2012)

Кредити за земјоделски инвестиции – во наредниот период ќе продолжи политиката на поволно рурално кредитирање со обезбедување на подобрени услови за кредитите обезбедени преку Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд:

  • Кредитите кои се достапни преку комерцијалните банки за инвестиции во примарното земјоделство ќе можат да се користат со најниски годишни каматни стапки од 3%, а за инвестиции во преработувачката индустрија и трговијата (извоз) со годишни каматни стапки од 4% (2011-2015)
  • Ќе се прилагодат и усогласат намените, условите и висината на кредитирањето на земјоделските кредити кон условите за инвестирање кои се бараат согласно ИПАРД програмата (декември 2011)
  • Ќе се овозможи на земјоделците средствата од субвенциите да ги користат за обезбедување на кредитите (декември 2011)
  • Ќе се овозможи директно кредитирање на земјоделството со поволни услови преку Македонската банка за поддршка на развојот (ноември 2012)

Земјоделски задруги за подобрување на позицијата на пазарот на земјоделците и зголемување на преговарачката моќ во однос на откупувачите, како и за постигнување пониска цена за набавка на репроматеријали и механизација, и средства за инвестиции, Владата ќе го поддржи формирањето и функционирањето на земјоделските задруги, преку:

  • Техничка поддршка формирање на новите задруги и зајакнување на нивниот капацитет за самостојно функционирање (2011-2013)
  • Воспоставување на систем на континуирани обуки за менаџери кои ќе управуваат со земјоделските задруги за подобрување на маркетиншките, организациските и менаџерски способности ( 2012-2015)
  • Организирање на национална медиумска кампања за промоција на економското здружување на земјоделците и иницирање интерес кај потенцијалните задружници (април 2012)

Развој на руралните средини – за создавање на подобри услови за живот и работа на село, ќе се спроведат следните мерки и активности:

  • Ко-финансирање на проекти за реконструкција и изградба на локална патна мрежа, уредување на јавни површни, патеки, рекреативни објекти и детски и младински културни центри. Годишно ќе се реализираат најмалку по 15 локални селски патчиња до 1 километар и најмалку 5 проекти за просторно и уредување на објекти за локална намена (2012-2015)
  • Поддршка на процесот на побрзо предавање на земјоделските стопанства на млади земјоделци од 18 до 40 години со обезбедување на финансиски стимулации за започнување на новиот земјоделски бизнис во висна од 600.000 денари (2012-2015)
  • Поддршка за формирањето на Локални акциски групи составени од претставници на локалната самоуправа, бизнис и невладиниот сектор за подготовка и спроведување мерки за потребите на локалната заедница (2012- 2015)
  • Поддршка на производството кое се базира на агро-еколошкиот пристап за одржување на посебни традиционални предели, биодиверзитет и унапредување на традиционалните сорти и водови. Како поддршка ќе бидат обезбедени дополнителни субвенции по грло и површина обработена земја (2012-2015)
  • Ќе се стимулира развојот на фамилијарни бизниси и остварување дополнителни приходи од земјоделски и неземјоделски дејности, со можност за самовработување во калемарство, пчеларство, цвеќарство, занаетчиство, рурален туризам и др, преку кофинансирање на проекти за диверзификација на активности во рурални средини (2012-2015)
  • Поедноставување на законската регулатива и постапката за ангажирање и евидентирање сезонски работници во земјоделството и преработувачката индустрија (март 2012)

Поттикнување на домашни и странски инвестиции во земјоделското производство, откупот и преработката на земјоделски производи - за зголемување на конкуренцијата кај откупувачите, а со тоа и понуда на подобри цени, пазарни услови за земјоделците и поголем извоз на земјоделски производи. На домашните и странски инвеститори ќе им се понудат следните инвестициони пакети во делот на маркетингот и преработувачката индустрија:

  • Поддршка за отворање и доизградба на 6 пазари на големо и 8 добиточни пазари распределени во секој од планските региони (2013)
  • Заедно со општините ќе се понудат најмалку 5 атрактивни локации за изградба на откупно-дистрибутувни центри за свежо овошје и зеленчук со почетна цена за градежните парцели од само 1 евра/м2 или цена од 0,1 евро/м2 за закуп на 99 години (2011-2015)
  • Ќе се изградат 2 откупно-дистрибутивни центри за полесно привлекување на странски инвеститор заради нивна натамошна продажба или изнајмување во регионите каде има сериозна потреба за капацитети за складирање, а интересот за приватни инвестиции е сеуште недоволен. Ќе се спроведат активности за изградба на Ресенскиот откупен центар, а за откупниот центар во Валандово активностите ќе отпочнат доколку се најде заинтересиран приватен инвеститор, во спротивно вториот откупен центар ќе биде на друго место (март 2011-2015)
  • Иницијатива за откупен центар за земјоделски производи во Полог (Врапчиште) и Липково во соработка со приватни инвеститори по моделот на јавно-приватно партнерство (2012-2015)
  • 3.000 хектари државно земјоделско земјиште со парцели со големина од 30-200 ха во сите земјоделски региони во Македонија ќе биде дадено под закуп на домашни и странски инвеститори врз основа на издржани инвестициони програми. Земјиштето ќе биде наменето за производство на земјоделски производи со конкуретна предност како градинарски култури; овоштарници и лозови насади; насади со маслинки, бадеми, мандарини и малини; хортикултура и за подигање на оранжерии (2011-2015)
  • Проект 50 нови винарски визби, кој вклучува понуда на 50 атрактивни градежни локации во винарските региони за нови винарски визби со можност за користење на државна поддршка со ко-финансирање на дел од трошоците преку програмата за рурален развој. Почетната цена за градежните парцели ќе биде 1 евра/м2 или цена од 0,1 евро/м2 за закуп на 99 години (октомври 2011-2015)
  • Ќе го поддржиме приватниот сектор во реализацијата на конкретни проекти, преку средства достапни од програмите за рурален развој и ИПАРД, како и кредити од ЗКДФ. Поддршката ќе се состои во изнаоѓање локации, инфраструктурно уредување на земјиште, кофинансирање, помош при обезбедување на поволни кредити и субвенции за техничка помош за изградба на: ладилници за дневно и месечно чување на свежо овошје и зеленчук, ладилници за брзо замрзнување на овошје и зеленчук, погони за преработка и замрзнување на кромпир, сушари за овошје и зеленчук, капацитети за преработка на индустриски домати, производство на млечни производи, регионални расадници за раноградинарски култури, оранжерии со сопствено производство на енергија, производство на цвеќе, и производство на нетрадиционални земјоделски производи (2011-континуирано)

Подобар маркетинг за сигурен пласман во насока на подобрување на пласманот и продажба на земјоделски производи ќе се следат следните мерки:

  • Кампања „Договореното е најсигурно“ - за запознавање на земјоделците во врска со склучување договори за откуп на земјоделски производи, регистрација на откупувачите и едукација за начинот на кој пазарот функционира (ноември 2011-континуирано)
  • Поддршка на програми за промоција на национални брендови на нови алтернативни пазари (Русија, Кина, Блискиот Исток и др.) и домашни маркетинг кампањи за производите со ниска национална потрошувачка како што е виното (2011-2015)
  • Знак за квалитет - препознаен квалитет – ќе се даде поддршка на националните здруженија на производители за воведување на знак за квалитет, ознака за потекло, географска ознака и традиционален специјалитет (април 2012-2015)
  • Обезбедување повеќе информации за движењата, побарувачката и цените на земјоделските пазари, преку МРТВ и Пазарниот информативен систем при МЗШВ. Ќе се обезбедуваат неделни, месечни и годишни информации од пазарите на големо, сточните пазари и откупно дистрибутивните центри за цените, побарувачката на производи и предвидувањата за движењата во наредните сезони (септември 2011-2015)
  • Ќе се обезбеди финансиска поддршка за воведување на пазарни страндарди за класификација на квалитетот на производите и мерки за воведување на повисоки пазарни стандарди кои се бараат од странските трговци. Поддршка ќе се даде преку ко-финансирање на трошоците и повисоки субвенции за 20% (февруари 2012-2015)
  • Воспоставување на Агро-советот како постојан форум на дијалог помеѓу јавниот и приватен сектор за политиките наменети за земјоделците и преработувачите (март 2012)

Поедноставување на административните постапки за земјоделците за олеснување на процедурите за добивање на потребните дозволи и одобренија за работа ќе се реализираат следните активности:

  • Поврзување на Регистерот на земјоделски стопанства со Катастарот на невижности и Регистарот на животни во Агенцијата за храна и ветеринарство, по што земјоделците нема да имаат потреба да вадат докази за сопственост на земјиштето (декември 2012)
  • Сите документи за субвенции кои се издаваат од органи на државна управа ќе се обезбедуваат по службена должност (април 2013)
  • Имплементација на Системот за идентификација на земјишни парцели, Винскиот катастар и Катастарот на овошни насади и маслинки (ноември 2012)
  • Бесплатни стручни совети за земјоделците за унапредување на земјоделството. Во таа насока, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството институционално ќе се зајакне за постигнување квалитет на услуги усогласен со потребите на земјоделството и зголемување на одговорноста во работењето (ноември 2011-2015)
  • Финансиска поддршка на лиценцираните приватни советници кои даваат услуги за менаџирање на фарми, воведување на стандарди за квалитет и др. Нивните услуги по стимулативни цени ќе ги користат земјоделците (март 2012)
  • Воспоставување на мрежа на сметководствени податоци од земјоделски стопанства-ФАДН. Од системот земјоделците ќе добиваат податоци за подобрување на економското и финансиско работење, а институциите за креирање квалитетни политики (април 2012)
  • Центар за повици и информирање во МЗШВ на кој ќе се даваат информации од било која област во надлежност на министерството. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе обезбеди бесплатни телефонски линии на кои ќе се даваат информации околу исплатата на субвенциите (септември 2011)
  • Во рамки на Државниот инспекторат за земјоделство ќе се отвори бесплатна телефонска линија за пријавување на прекршоци на законите од областа на земјоделството, неовластената трговија со репроматеријали, злоупотреби од страна на откупувачите и други неправилности (септември 2011)
  • Воспоставување  на систем за планирање на истражувањето во областа на земјоделството и руралниот развој преку повеќегодишна програма за истражување подготвена во консултации помеѓу МЗШВ и земјоделските истражувачки институции (мај 2012)
  • Реновирање на објектите на 10-те најголеми подрачни единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (февруари 2012)
  • Пуштање во употреба на новата зграда за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (декември 2011)
  • Стопанисување со водите за организирано наводнување и одводнување ќе се реализираат следниве проекти:
  • Проект “Наводнување на јужната долина на реката Вардар“ – започнување на втора фаза со која ќе се обезбеди наводнување на нови 4.500 ха земјоделски површини во општините Валандово, Гевгелија и Богданци (декември 2011 подготовка на техничка документација, а март 2012 започнување со градежни активности)
  • Проект “Подобрување на искористеноста на водите од сливот на реката Злетовица“ – започнување на втора фаза со која ќе се подобри пристапот до квалитетна вода за 100.000 жители од општините Свети Николе, Пробиштип, Штип, Кратово, Карбинци и Лозово (крај на 2012. Исто така, ќе се изработи и студија за исплатливоста на следните 2 фази за изградба на систем за наводнување на 4.100 ха и неколку минихидроелектрани (2011)
  • Изградба на хидросистемот Лисиче – започнување на втора фаза во која ќе се поврзе цевководот со езерото Младост, ќе се овозможи изградба на малихидроелектрани и ќе се подготви техничка документација за изградба на систем за наводнување на дополнителни 4.300 ха (2012-2016)
  • Хидросистем во Полог (Равен-Речица) (2013-2016)

Нови капитални проекти:

  • Брана на Оризарска река - за трајно водоснабдување на градот Кочани, наводнување на 1.500 ха и создавање услови за изградба на минихидроелектрични централи (изработка на техничка документација септември 2011, почетни градежни активности 2012 со рок на завршување до 2017)
  • Брана во Гевгелиско – за водоснабдување на градот Гевгелија, наводнување на Гевгелиско поле и гравитационо полнење на Дојранското езеро. Ќе се изработи студија за хидро-потенцијалот, протокот и хемиски анализи на реките Конска Река, Серменинска Река и Кованска Река со нивните притоки за да се утврди најповолно место на зафат и изградба на брана (2012-2017)
  • Систем за наводнување од Брана Маркова Река - Куклиш за наводнување на површини од 400 ха засадени со градинарски култури (2012-2013)
  • Акумулација на водите за наводнување и пиење во Полог и Липково (2013-2016)
  • Финансиска поддршка за реализација на помали инфраструктурни проекти за подобрена енергетска и функционална ефикасност на водостопанските претпријатија и унапредено наводнување. Ќе се финансираат најмалку до 3 проекти годишно, а издвоениот износ за еден проект ќе изнесува најмалку 300.000 евра (2012-2015)
  • Реорганизација на водостопанските претпријатија и водните заедници во насока на поставување на стабилен и одржлив систем на управување со иригационите системи (декември 2011 за законските измени и до 2015 за нивна имплементација)
  • Годишно чистење на најмалку 60 километри водотеци и мрежи за наводнување и одводнување и заштита на земјоделските површини од поплави (2012-2015)
  • Подготовка на акциски план за зголемување на површините кои се наводнуваат (март 2012)
  • Поттикнување на инвестиции и изградба на ефикасни системи за наводнување по принципот „капка по капка“ за наменско користење на водата и поголем принос(2012-2015)

Здрава и безбедна храна – изградбата на заокружен систем на безбедност на храната за населението ќе се реализира преку следните проекти:

  • · Изработка на долгогодишна стратегија со активни мерки и политики за подигнување на квалитетот на семенскиот и саден материјал, подобрување на квалитетот на готовите производи, намалување на увезените заразни болести и заштита на земјоделците од злоупотреби (септември 2011)
  • · Либерализација на ветеринарните услуги за подобри и поефтини услуги за сточарите (декември 2011)
  • · Подготовка на повеќегодишна програма со мерки и индикатори за подобрување и следење на квалитетот на млекото (2011-2015)
  • Формирање на уште 2 регионални лаборатории за јужниот и источниот дел од Македонија за испитување на хигиена и квалитет на млекото (2012-2014)
  • Класификација на операторите кои работат со храна од животинско потекло од аспект на исполнетост на стандардите за безбедност на храна, при што ќе се следи нивното работење во постигнувањето на минималните стандарди за безбедност на храна (2011-2015)
  • Систем за третирање, собирање и преработка на отпадот од животинско потекло (ноември 2011 дизајн и подготовка на проектна и тендерска документација, а целиот систем треба да биде во поодмината фаза на имплементација во 2015)
  • Кампања за промоција и обуки за земјоделците за добра земјоделска пракса и примена на исправни и одржливи методи на земјоделско производство (ноември 2011-2012)
  • Воспоставување на Регистар за пчелни семејства за поуспешно следење на болестите и контрола на бројот на пчелни семејства (март 2012)
  • Преку јавно-приватно партнерство ќе се овозможи изградба на најмалку еден современ расадник за семенски и саден материјал за производство на здравствено-исправен расад, особено за подрачјата со интензивно градинарско производство (април 2013)

Пошумување за зелена Македонија за збогатување на шумскиот фонд во државата и унапредување на животната средина ќе се реализираат следните активности:

  • Трансформација ЈП „Македонски шуми“ во модерен систем за развој и заштита на шумскиот фонд во Македонија (2013)
  • Кампања „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за пошумување на нови 5.000 хектари голини и ерозивни земјишта. Два пати во текот на годината ќе се пошумуваат просечно по 1.250 хектари односно најмалку 7 милиони садници. Ќе се обезбеди и поддршка на најмалку 3 локални самоуправи за уредување на јавните површини во руралните општини (2011-2015)
  • Унапредување на постапките за добивање на одобрение на сеча на сопствениците во приватните шуми и олеснување на постапките за транспорт, особено за помали количини дрвна маса за сопствени потреби (април 2012)
  • Обезбедување поголема заштита на шумите од дива сеча преку зајакнување на капацитетите на шумската полиција со човечки ресурси, материјално технички средства и обука на вработените. Ќе се донесе и нов закон за регулирање на правата и обврските на припадниците на шумската полиција (март 2012)
  • Воспоставување Шумарски информативен систем кој ќе претставува база на податоци за шумарстовото, вклучително гео-референцирани податоци за национална инвентаризација, сертифицирање и валоризација на шумите, како и воспоставување на информативен систем за превенција од шумски пожари (септември 2013)
  • Јакнење на капацитетите за производство на шумски саден материјал. Ќе се направат 2 дополнителни расадници и ќе се инвестира во системите за наводнување (март 2013)
  • Набавка на лична опрема за пожарникарите за гаснење шумски пожари (ноември 2011)

Враќање на традицијата на автентичниот начин на рибарење на Дојранското езеро

ќе се овозможи концесионерите риболовот на Дојранското езеро да го вршат на специфичен начин согласно вековните традиционални методи на риболов во мандри и со корморани. Со оваа новина ќе се зголеми туристичката понуда на Дојран при што се очекува ангажирање на над 10 концесионери (октомври 2011)

Симнете ја програмата во PDF