Енергетски сектор

Енергетиката има силно влијание врз сите економски сектори и претставува столб за одржлив развој на Македонија. Во тој контекст, Владата ќе се залага за ефикасен, конкурентен и финансиски стабилен енергетски сектор како услов за сигурно, квалитетно, стабилно и економски најприфатливо снабдување со енергија од секаков вид на сите потрошувачи. Особено внимание ќе се посвети на транспарентноста и конкурентноста во енергетскиот сектор, водејќи посебно сметка за либерализацијата како во доменот на производството, така и во доменот на снабдувањето со сите видови на енергенси.

Во таа насока, Владата ќе се залага за исполнување на стандардите и регулативите на ЕУ на полето на енергетиката, воспоставување на конкурентен национален и активно партиципирање во регионалниот енергетски пазар, и либеризација на пазарот со електрична енергија, природен гас и топлина. Реформите за креирање на конзистентен енергетски систем, по препорака на ЕУ, имаат за цел хармонизирање со Енергетската заедница на Југоисточна Европа, со крајна цел интегрирање во енергетскиот пазар на ЕУ. Развојот на енергетскиот сектор ќе се заснова врз следните принципи и приоритети:

  • либерализација на пазарот
  • енергетска сигурност
  • пораст на производството на енергија
  • диверзификација на енергетските ресурси
  • пораст на меѓусебните врски со земјите од региионот и меѓународните транспортни коридор
  • пораст на енергетската ефикасност и
  • зголемување на енергетските капацитети од обновливи извори

 

Рударски и термо капацитети

За искористување на домашните енергетски ресурси, ќе се зголеми експлоатацијата на постојните рудници на лигнит во Суводол и Осломеј, како и заокружување на веќе започнатите активности за отворање на рудниците Брод-Гнеотино и Подинските јагленови серии во Суводол. Заради поповолните техничко-економски карактеристики, приоритет во следниот четиригодишен период ќе дадеме на рудниците:

  • Рудник за јаглен и нова термоелектрана во Мариово - главниот проект за новиот рудник ќе биде готов во 2012, по што ќе се подготви физибилити студија за изградба на нова термоелектрана проценета на 400-450 милиони евра.
  • Рудник за јаглен во Живојно – главниот проект за рудникот ќе биде изработен до крајот на 2012. Реализацијата би започнала во 2013 со средства на ЕЛЕМ.
  • Рудник за јаглен во Поповјани и ревитализација на ТЕЦ Осломеј (2015)
  • Рудници за јаглен во Лавци, Звегор-Стамер и Стар Иственик-Панчарево (Пехчево) – истражувањата на потенцијалите ќе бидат завршени до крајот на 2014, по што би следело утврдување на количините и начинот на експлоатација.
  • Ревитализација и модернизација на РЕК Битола – вториот и третиот блок ќе бидат завршени во текот на 2011 и 2012. До крајот на 2014 ќе биде завршена и ревитализацијата на котлите во РЕК вредна 60 милиони евра. За ефикасно искористување на топлинската енергија произведена во РЕК Битола, ќе се реализира Проектот за Топлификација на градот Битола. Инвестицијата е во вредност од 40 милиони евра, а рокот на изградба 24 месеци. Со тоа ќе се обезбеди систем за греење на преку 55.000 потрошувачи во општина Битола, како и можност за користење на енергијата за земјоделството во Могила и Новаци.

 

Изградба и ревитализација на хидролектрични централи

За искористување на хидроенергетскиот потенцијал со кој располага Република Македонија, преку инвестиции од Буџетот, меѓународно задолжување под поволни услови и давање под концесија, ќе се реализираат следните проекти:

  • Вардарска долина – изградба преку ЈПП/странски инвеститор на 12 ХЕЦ во вредност од 1,5 милијарди евра (во две фази, 2013-2025)
  • ХЕ Света Петка (Матка 2) - проектот е во напредна фаза и ХЕ ќе биде во функција до крајот на 2011
  • ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште - изградбата се предвидува да започне до крајот на 2012, а да биде завршена до крајот на 2018.
  • ХЕ Бошков Мост - изградбата би започнала во 2012, а би била завршена до 2016 година
  • Брана Луково Поле и Корабски довод – реализацијата се очекува да започне во 2012, а да заврши до крајот на 2015.
  • Ревитализација на шестте постојни големи хидроелектрани (II фаза) – Шпилје, Глобочица, Тиквеш, Вруток, Врбен и Равен. Проектот е започнат и ќе заврши до крајот на 2014. Проект "Вардарска Долина" Зголемување на капиталот на ЕЛЕМ и управување и изградба на преносниот електроенергетски систем

Во следниот 4 годишен период Владата на Република Македонија ќе реализира активности за привлекување на домашни и странски инвеститори кои ќе го зголемат капиталот на ЕЛЕМ преку купување на нови акции и приватизација на најмногу до 49% од сопственоста во ЕЛЕМ. Проектот ќе биде воден од светски реномирани консултантски куќи и во целосно транспарентна постапка со меѓународен јавен повик.

Овој процес на докапитализација се реализира само доколку условите под кои инвеститорите се спремни да вложат во ЕЛЕМ се поволни за граѓаните на Република Македонија.

 

Преносен електроенергетски систем

Географската положба на Македонија и моменталната електроенергетска состојба на Балканот, овозможуваат Македонија да претставува значаен фактор во преносот и транзитот на електрична енергија. Затоа Владата ќе работи на зајакнување на електроенергетскиот систем, негово проширување и зголемување на стабилноста во преносот на електрична енергија. Ќе продолжи надградбата и зајакнувањето на преносната и интерконективна високонапонска мрежа, преку завршување на следните проекти:

  • Изградба на 110 kV далекувод ХЕЦ Вруток – ТС Тетово (завршување јуни 2012)
  • Изградба на 110 kV далекувод ТС Битола 3 – ТС Битола 4 (завршување јуни 2012)
  • Реконструкција на 110 kV далековод ХЕЦ Козјак – ТС Скопје 3 (декември 2011)
  • Реконструкција на 110 kV далековод ТС Скопје 1 – ТС Куманово 1 (јуни 2012)

Покрај овие активности, Владата во следниот 4 годишен период ќе започне со реализација на следните проекти:

  • 110 kV далекувод ТС Скопје 1 – ТС Тетово 1 (2012)
  • Инсталирање на нов SCADA/EMS систем (завршување до 2014)
  • 400 kV интерконективен далекувод ТС Штип (Р. Македонија) – ТС Ниш (Р. Србија) (завршување до 2014)
  • 400 kV интерконективен далекувод ТС Битола 2 (Р. Македонија) – ТС Елбасан (Р. Албанија) (почеток на градба 2014)
  • 400 kV интерконективна врска со електроенергетскиот систем на Косово (почеток на градба 2014)

 

Гасификација

Во насока на зголемување на конкуретноста на македонската економија и обезбедување поефтина енергија за македонските граѓани и компании, Владата ќе работи на два стратешки приоритети: изградба на Националниот гасоводен систем и вклучување на Македонија во меѓународните гасоводни коридори. Врз основа на Физибилити студијата за изградба на Национален гасификационен систем, гасификацијата на Македонија ќе се врши преку реализација на следните проекти:

  • Со средства обезбедени од Руската Федерација (клириншки долг), ќе се финансира изградбата на делот од приоритетниот магистрален правец Клечовце – Штип – Хамзали - Стојаково - граница со Република Грција. Рок на реализација за овој дел од проектот е 2012-2018 година.
  • Со средства кои ќе се обезбедат од ЕИБ и ЕБРД, како и со учество од државниот буџет, ќе се финансира изградбата на останатите делови од гасоводниот систем:
    - Прва фаза, со следните правци: магистрален правец Скопје – Тетово – Гостивар во должина од 75 км и магистрален правец Штип – Неготино – ТЕЦ Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола и РЕК Битола – Кременица – граница со Република Република Грција во должина од 146 км. Рок на реализација на оваа фаза е 2012–2018 година.
    - Втора фаза, со следните правци: магистрален правец Гостивар – ТЕЦ Осломеј
    – Кичево во должина од 38 км, дел од приоритетниот дел од приоритетниот магистрален правец Хамзали – Ново Село – Република Република Бугарија во должина од 24 км и преостанатиот дел на магистралните гасоводи од Националниот гасоводен систем во должина од 390 км. Рок на реализација на оваа фаза е 2018-2023 година.

Паралелно со завршувањето на првата фаза, ќе се превземат активности за изнаоѓање на стратешки партнер за ТЕЦ Неготино и трансформирање на оваа термоцентрала од застарената и скапа технологија на мазут, во нова, модерна и еколошки поприфатлива централа на природен гас. При реализацијата на овој проект, државата ќе задржи значајно учество во сопственоста на новата гасната централа.

Обновливи извори на електрична енергија и енергетска ефикасност Владата ќе го стимулира производството на електрична енергија од обновливите извори преку повластени тарифи и издавање на гаранции на потекло за произведената електрична енергија од мали хидроелектрани, ветерни електрани, фотонапонски електрани, електрани на биогас добиен од биомаса и за комбинирани електрани на биомаса. Ќе се преземат и мерки за поттикнување на производството и користењето на биодизел и биоетанол. Во таа насока во наредниот 4 годишен период ќе се реализираат следните проекти:

  • Понуда на 40 локации годишно за изградба на мали хидроелектрични централи на заинтересирани инвеститори/концесионери.
  • Концесии за изградба на ветерни фарми за производство на електрична енергија по повластени тарифи на најмалку 60 МW инсталирана моќност.
  • Ветерна фарма Богданци - проект во вкупна вредност од 55 милиони евра, обезбедени од германската КфВ и ЕЛЕМ. Изградбата ќе започне во 2011, а ќе заврши до крајот на 2012 година.
  • Субвенции за најмалку 500 домаќинства годишно за инсталирање на соларни - термални системи.
  • Двојно ќе се зголеми можноста за изградба на сончеви фотоволтаични системи од сегашните 10 на најмалку 20 МW.

Во наредниот 4 годишен период Владата ќе продолжи да работи на создавање економија која ќе се карактеризира со поголема енергетска ефикасност. За таа цел ќе се подготоват соодветни измени на Законот за градење за да се пропише задолжително изготвување на студија за енергетска ефикасност при проектирањето на објектите. Ќе се комплетира правилникот за енергетска ефикасност на градежните објекти за да се почне процесот на означување на градежните објекти во поглед на нивните енергетски карактеристики. Ќе се дефинираат и постапки за енергетски контроли и овласувањеќна енергетски контролори и минимум стандарди за нивни спроведување (крај 2012). Исто така, ќе се преземат активности за реализација на енергетска заштеда во јавниот, резиденцијалниот, комерцијалниот и услужниот сектор, во индустрискиот и транспортниот сектор преку користење на современи градежни материјали, стимулативни мерки за користење на соларни колектори и геотермални топлински пумпи. Ќе започне реализацијата на следните повеќенаменски проекти за водоснабдување и производство на електрична енергија:

  • Користење на водните ресурси на река Бошава – со што ќе се обезбеди чиста вода за пиење за општините Кавадарци, Неготино и Росоман, како и вода за наводнување и за технолошки потреби. Изградбата ќе започне до јуни 2012.
  • Втора и трета фаза од хидросистемот Злетовица- втората фаза опфаќа доизградба на водоводната мрежа и мрежа за наводнување (завршување до 2015), по што следува третата фаза која предвидува изградба на седум мини хидроелектрани (почеток во 2015)
  • Втора фаза на хидросистемот Лисиче – изградба на цевковод од браната Лисиче до езерото Младост. Тоа ќе овозможи подобрување на квалитетот на водите во езерото и наводнување на 1.600 хектари земјоделско земјиште. Преку ЈПП ќе се изградат 3-5 мали хидроелектрани. (завршување 2015)

Симнете ја програмата во PDF