Средба на амбасадорот Пол Волерс со министерот Иво Ивановски

Американскиот амбасадор Пол Волерс попладнево го посети Министерството за  информатичко општество и администрација (МИОА) и со министерот Иво Ивановски разговарал за досегашната соработка, која успешно се реализира, пред се, преку проектите поддржани од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Министерот Ивановски изјави за медиумите дека е задоволен од досегашната соработка и очекува таа да продолжи во нови проекти што ќе произлезат од реформите во администрацијата. 

- МИОА имаше одлична соработка со Американската амбасада, пред се со проектот на УСАИД е-гов. Многу сме задоволни од соработката минатите години и побаравме од амбасадорот Волерс таа да продолжи, зашто цениме дека се што беше финансирано од нивна страна, одлично беше спроведено. Како Министерство и Влада продолжуваме да ги надградуваме тие проекти, рече Ивановски.

Меѓу најуспешните проекти го спомна системот за електронски јавни набавки во Бирото за јавни набавки, системот Ексим во Царината, системот за електронско аплицирање за работа, што сега е под надлежност на МИОА...

Ивановски соопшти дека на средбата со амбасадорот на САД разговарале и за иницијативата за отворено владеење, започната од американската влада, додавајќи дека потписник на декларацијата за отворање на јавните податоци на државите е и Македонија.

- Тоа е приоритет на МИОА, зашто ние неодамна го промовиравме концептот на отворени електронски услуги, што е чекор подлабоко навлезен во електронското владеење. Ќе продолжиме во таа насока со цел и граѓаните на Република Македонија да добијат квалитетни електронски услуги, додаде министерот Ивановски.

Амбасадорот Волерс, исто така, ја подвлече соработката преку проектите на УСАИД. Посочи дека  разговарале за одговорностите на Министерството, за областите јавна администрација и информатичка технологија кои, рече тој, денес се од голема важност во модерните влади.

- Ако имате добро обучена, добро платена и ефикасна администрација, ќе бидете поспособни да ги задоволите потребите на граѓаните. Ако го постигнете тоа заедно со предностите на модерната технологија, тогаш сето тоа ќе биде направено на подобар начин.... Задоволни сме што како Американска амбасада и УСАИД бевме вклучени успешно во неколку проекти, како електронска набавка, е-вработување, обука на наставници... Се радуваме што ќе и во иднина ќе ја продолжиме успешната соработка, изјави амбасадорот на САД Пол Волерс.