Преку ЛПИС од 2013 година уште поефикасно администрирање и контрола на земјоделските субвенции

Попрецизна слика за агросекторот, поефикасно аплицирање на субвенции и подобра контрола ќе овозможи Системот за идентификација на земјоделските парцели (ЛПИС). Овој проект што почна во 2008 година, денес е веќе во финална фаза, а се очекува да профункционира од 2013 година.

- Со максимална посветеност ја стартувавме реализацијата на овој референтен систем свесни за потребата од негов развој и имплементација со цел и во оваа област да бидеме на ист ранг со земјите-членки на ЕУ, истакна ресорниот заменик-министер Зоран Коњановски на денешниот завршен семинар за проектот.

Околу 200 оператори се веќе обучени за системот, но дополнително, како волонтери во проектот се вклучени и уште 70 студенти кои моментно посетуваат обуки.

- Во оваа завршна фаза ќе бидат вклучени сите оператори и волонтери, но уште поважно е земјоделците да дојдат во подрачните единици на Министерството и да ги идентификуваат своите парцели за нивно дигитализирање. Во наредниот период со дополнителна кампања детално ќе ги информираме околу овој процес, рече Коњановски.

Како што рече претставникот на Делегацијата на ЕУ Дитер Тил, досегашните активности се исклучително успешно спроведени. Потребната инфраструктура е поставена, останува уште да се заокружи дигитализацијата.

Во 2009 година Министерството за земјоделство со помош на странски експерти изврши авионско фотограметриско снимање на целата територија на Република Македонија. За потребите на ЛПИС-одделението набави опрема и соодетен софтвер со што овозможи почеток на обуките наменети за вработените и контрола на квалитетот на податоците. Покрај тренинзите и медиумската кампања за земјоделците, обезбедена беше и дополнителна опрема од ИПА-фондовите преку проектот „Интегриран систем за администрирање и контрола“ кој почна во септември лани и во чии рамки се одржаа повеќе семинари со производителите.