Премиерот Никола Груевски за Си-Ен-Ен: Македонија е добра бизнис дестинација за странските инвеститори

Македонија е земја со стабилна политичка и макроекономска ситуација, ниски даноци, технолошко-индустриски развојни зони и низа поволности што им се нудат на странските инвеститори, истакнува премиерот Никола Груевски во интервју за Си-Ен-Ен кое беше емитувано вчера.

Во интервјуто, снимено на почетокот на декември во Лондон за време на презентацијата на бизнис можностите што ги нуди Македонија, премиерот Груевски говори за економската состојба во државата, за напорите што ги прави Владата за привлекување инвеститори, за реформите, како и за европските и НАТО интеграциите на државата и за спорот со името.

- Во земјата има стабилна политичка и макроекономска ситуација. Државниот долг е 34 проценти од БДП, валутата е стабилна, инфлацијата е 3 проценти. Политиката е стабилна и од оваа гледна точка инвеститорите се чувствуваат сигурни. Второ, земјата има договори за слободна трговија со сите земји во Европа, вклучувајќи ги и Турција, Украина, земјите од ЕФТА како Швајцарија, Норвешка... Тоа значи дека секој којшто нешто произведува во Македонија, може да извезува во која било земја без да плаќа царина, вели Груевски.

Интервјуто го објавуваме во целост.

Каква ви е даночната стапка?

- Воведовме модел на пропорционална даночна стапка, данокот на личен приход е 10 проценти, данокот на профит е 10 проценти, но само за компаниите кои го дистрибуираат профитот во дивиденди. Компаниите кои не го дистрибуираат профитот во дивиденди, воопшто не плаќаат данок. За нив тој изнесува 0 проценти, а имаат и неограничен број на години и неограничена количина. И другите даноци се многу ниски. На компаниите кои доаѓаат им нудиме најдобар пакет со даноци.

Тогаш, зошто инсистирате да влезете во ЕУ? Зашто кога ќе влезете во ЕУ... На пример, Ирска доби бројни критики затоа што има пренизок данок. Би можеле ли да ги кренете даноците, а со тоа да ја изгубите предноста?

- Веруваме дека доколку сите земји од регионот влезат во ЕУ, во регионот ќе има долгорочна стабилност. Пред повеќе од 100 години, во регионот имаше многу конфликти. Сега ситуацијата е стабилна, но за компаниите да бидат сосема сигурни дека се ќе биде стабилно, добро е и ние да сме дел од ЕУ.

Но кога ќе се приклучите кон ЕУ, даноците ќе мора да се покачат.

- Ќе се обидеме да не го направиме тоа. Но ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата кога ќе дојде време за тоа. Моментално, не само што имаме најдобар пакет даноци, имаме и таканаречени технолошко-индустриски развојни зони, кои може да се наречат и слободни економски зони. Таму има дополнителни привилегии за компаниите кои доаѓаат.

Голема пречка за вашето членство во ЕУ е една едноставна работа – името на земјата. Вие велите дека тоа е ваш идентитет, но Грција никогаш нема да го одобри вашето членство доколку си го задржите името.

- Во изминатите години се обидовме да најдеме компромис околу спорот, но за жал, во претходната година, година и пол, грчката Влада не е подготвена за преговори околу ова прашање и истите ги избегнува. Јас лично се обидов да стапам во контакт со премиерот на Грција за да имаме директни преговори околу ова прашање и да се обидеме да го решиме спорот и да ги надминеме проблемите кои ги имаме. Но тој неколкупати ги одби средбите. Мислам дека ова прашање единствено може да се реши преку дијалог. Сите вакви проблеми во минатото биле решени преку дијалог. Негово избегнување нема да ни даде позитивни резултати.

Каков е компромисот?

- Овој проблем има многу делови и тешко е моментално да се каже какво е решението. Но доколку има дијалог, верувам дека може да дојдеме до решение. Освен тоа, сакам да споменам уште нешто. Пред неколку години, Македонија беше во судот во Хаг и по три години судот одлучи дека Македонија е во право, а Грција не. Значи, меѓународното право е на наша страна. Верувам дека доколку Грција го почитува меѓународното право, може да започнеме со преговорите со ЕУ и да се приклучиме кон НАТО.

Им замерувате ли на другите членови на ЕУ што не ве поддржуваат?

- Прво, знаеме дека моментално Грција не е подготвена за компромис по ова прашање. Не можеме да најдеме решение. Втората фрустрација е што не се подготвени да ни дадат шанса да ги започнеме преговорите за целосно членство. Трето, Грција е навистина успешна во создавање слика дека ние сме виновни, а не тие. Дека не сакаме да постигнеме договор.

 

Категорија: