Работиме на проекти кои во 2014 треба да отворат нови 1500 работни места

Економски.мк: Вчера Потпишавте договор со германската Маркарт за изградба на фабрика во Велес. За колква инвестиција се работи и какви бенефити се очекуваат од неа?

Веле Самак: Маркарт ќе инвестира 35 милиони евра во погон голем 15000м2 за производство на мехатронски продукти за автомобили. Тоа значи продукти кои имаат комбинација од електроника и механика. Во погонот ќе има 3 производни линии: една за штампани електронски кола, една за пластични и лиени амбалажи и на крај склопување. Начинот на производство бара тие да вработуваат 1/3 инжењери и високо-стручни кадри, и 2/3 помалку стручни кадри. За овој капацитет ќе се вработат 600 луѓе во првата фаза кои ќе бидет обучени во ова ново производство на висока технологија. Бидејќи Маркарт е водечки производител на вакви продукти за луксузните брендови како Мерцедес, Ауди и БМВ, тие купци ќе имаат директен контакт со Македонија и Велес. Со тек на време, очекуваме да се надоврзат и други локални кооперанти во одржување и сервисирање на машините и алатите, па и достава на некои од компонентите кои влегуваат во продуктите. Ако појдете на нивната интернет страна, има доста интересни слики од типот на продукти кои се планирани да се произведуваат во Велес. Тоа значи 75 милиони евра годишен извоз, или 150 милиони евра додадена вредност само во првите 5 години. А ако искуството кои го имаат во Романија од 2006 е индикација за нас, овој погон би израснал на 1000 вработени и 3-кратно зголемување на капацитетот со 80 милиони инвестиција во првите 8 години.

Економски.мк: Преговорите со компанијата почнале пред пет години. Тоа значи дека процесот на носење одлука е многу долг. Како се одвива процесот од првиот контакт до потпишување на договор?

Веле Самак: Првиот контакт вообичаено е запознавање за нас со нивниот бизнис и индустрија, размена на искуства, и воспоставување на кредибилитет за понатамошни средби. За нив тоа е увид во знаењето и посветеноста на една Влада за нивната фирма. Бидејќи се потребни многу вакви средби, првиот состанок е важен да се има основа за понатаму. Секој следен состанок станува подлабок и поспецифичен за нивните стратегии, планови, како се движи индустријата, размена на информации и сл. Кога ќе дефинира конкретна потреба за нов капацитет, како што тоа беше 2 години со Маркарт, ваквите средби гарантираат ние да бидеме една од првите земји од старт. Потоа работиме на поврзување на сите нивни потреби со понудата на Македонија за на крај тие да се комфорни дека токму тука фирмата има добра иднина. Во овој случај, додека Маркарт не дојде во Македонија, кај нив имаше голема скепса за било каква реализација. Но, кога ви видоа искуствата од другите фирми, нив им стана јасно дека ризикот е многу помал. На крај, преговорите се за деталните услови, што им треба, што се нуди од други земји, и како да се одбрани изборот на Македонија пред нивниот Надзорен Одбор.

Економски.мк: Вие учествувате на бизнис форумите кои ги организира Владата, кој е ефектот од нив?

Веле Самак: Бизнис формумите се една алка во целиот процес за привлекување инвестиции и маркетинг на Македонија. Преку нив, ние ја шириме пораката на повеќе бизнисмени и покажуваме широка посветеност со присуство на поголем Владин тим. Исто така, доколку кај некој конкретен проект или инвеститор има финални дилеми пред одлука, на бизнис форумите ја користиме можноста да ги затвориме сите прашања и да направиме финално убедување. Ефектот се гледа во зголемената свест кај многу инвеститори за Македонија, и преку референците и позитивни искуства кои се презентираат, едноставно ние како земја го дигаме трошокот да некој во иднина не игнорира. Реалноста е дека е се потешко да бидеме игнорирани како земја. А тоа е ефектот на сите досегашни напори на многу нивоа.

Економски.мк: На што работите во моментов?

Веле Самак: Во моментов припремаме нова агенда за 2014та со бизнис форуми и директни средби. Исто така имаме неколку активни проекти кои би требало до средина на 2014та да се разрешат. Тука стоиме одлично, како една од топ-2 дестинации, но тој последен чекор на убедување е најдолг и најтежок. Се работи за проекти со околу 1000-1500 вработувања. Паралелно со нив, ги охрабруваме неколку општини да работат на планирање и изградба на индустриски локации слично како што тоа го направија до сега градоначалниците на Битола, Кавадарци, Велес, Кочани каде имавне соработка и инвестиции. Важно е тие локации пред време да бидат планирани бидејќи кога ќе дојде инвеститор вообичаено е доцна.

Економски.мк: Дали 2013 може да ја сметаме за успешна на инвестициски план?

Веле Самак: Оваа година е доста успешна не само за мене лично, но и за Македонија пошироко. Само од бројките во првите 3 квартали имаме над 200 милиони евра прилив на странски директни инвестиции. Јас и мојот кабинет затворивне два проекти, на Маркарт и на Кофикаб. Моите колеги исто така потврдија доста други проекти во Кочани, Кичево, Скопје, Штип, Демир Хисар итн. Исто така, гледаме се повеќе интерес во проекти во земјоделието кои се однесуваат на нови насади, откупни центри и преработка на култури што значи многу поширок домен на странски инвестиции во иднина.

Економски.мк: Што очекувате за 2014 година?

Веле Самак: Очекувам ова темпо до сега да продолжи и да затвораме дополнителни проекти низ цела Македонија. Сите напори во промоција, убедување, маркетинг, развој на зони, инвестиции во образование, поддршка на иновативност, помош на домашни фирми, подобрување на регулативи и администрација имаат заеднички се поголем ефект во привлекувањето на инвестициите. Веќе и самите фирми ни ги кажуваат драстичните споредби меѓу многу земји со Македонија за позитивните ефекти од реформите тука. Затоа сум оптимист во тој поглед и за 2014та.

Економски.мк:Дали сте лично задоволен од тоа што го сработивте досега во Македонија?

Веле Самак:Јас сум лично доста задоволен кога се гледа дека 6 од најголемите и највидливи проекти се резултат на мое директно залагање: Џонсон Мети, Ван Хул, Дрекслмајер, Кромберг и Шуберт, Маркарт, Кофикаб, и неколку помали проекти. Тоа е извоз од една милијарда евра и скоро 10000 нови работни места, од кои скоро 4000 се пополнети. Се разбира за успех во привлекување инвестиции, покрај професионален напор и посветеност, потребно е и малку среќа. Сме имале години со многу проекти пред одлука кога од различни причини не се оствариле. И денес тоа повторно може да се случи, затоа кога покрај вештината и среќата е фактор, мора да сте професионално посветени на процес и доследност за да има поголема шанса за успех.

Извор: економски.мк

Категорија: