Ставрески: Растот од три проценти за 2012 година што го прогнозира НБРМ највисок во регионот

Добро е тоа што и Народна банка верува дека следната година ќе имаме значаен економски раст. Предвидените три  проценти се највисоки во регионот, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, коментирајќи ги проекциите на НБРМ за три процентен раст на македонската економија во 2012 година, наспроти владините од 4,5 проценти.

Ставрески  смета дека е нормално Владата и НБРМ да имаат различни проекции, како за годинава, така и за лани. Важно е, истакна, Македонија  да има позитивен економски раст. И во неговите и во изјавите на гувернерот на НБРМ,  како што рече, се истакнува дека најголем дел од работите ќе зависат од состојбите во  европската економија.

- Ако таму има релативна стабилност можно е да се остварат проекциите за солиден економски раст и колку точно ќе покаже  приватниот сектор, пред се, ќе покаже економијата, изјави Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Саемот на општините.  

Според него, ако има влошување  во случувањата  во европската економија , секако ќе има потреба од дополнителна ревизија на проекциите. 

- Во денешни  времиња нема фиксни работи и мора да се биде адаптабилен и флексибилен во однос на  случувањата  во европската економија, бидејќи таму  состојбите се менуваат  многу често и има работи што не може да се предвидат. Значајно  е носителите на економската политика во секое време да имаат резервни варијанти и инструменти за прилагодување на сопствените политики, така што Владата ќе биде многу разумна, рационална во тој  дел и доколку има потреби во секое време ќе прилагодиме  дел од буџетската политика, рече Ставрески.

Доколку состојбите  во европската економија се стабилизираат, вицепремиерот смета дека Македонија ќе оствари солиден економски раст со високо ниво на капитални инвестиции, како и со поддршка за малите и средните претпријатија преку ниски камати  и 150-те милиони евра за таа намена.