Обновен конакот во манастирот „Свети Архангели“ во Кучевиште

Конзерваторскиот центар-Скопје го обнови конакот  на  манастирот „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ во село Кучевиште на Скопска Црна Гора, со грант од скоро 100.000 долари обезбедени од Американската фонд за културна заштита.

Конакот, изграден во 17 век, беше конзервиран и реставриран една година, а денеска завршувањето на проектот беше одбележан во присуство на абмасадорот на САД Пол Волерс, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, архиепископот г.г. Стефан и директорката на Конзервторскиот центар-Скопје Ема Петрова.

Амбасадорот Волерс истакна дека како и за минатите проекти завршени со средства од овој фонд, чувствува големо задоволство зашто, како што рече, знае дека е зачувана уникатната и извонредна историја на Македонија.

- Манастирот сега има нов простор за пречек на посетители.  Конакот е целосно реновиран, од подови до покрив, при што точно е запазен оригиналниот дизајн за да им се овозможи на идните посетители да се вратат назад во времето и да видат како изгледал конакот во 17 век. Културните локалитети не потсетуваат на придонесите и историските искуства на нашите предци. Соединетите Држави сакаат да покажуваат почит кон другите култури и еден начин тоа да се направи е да се преземе водечка улога во напорите за заштита на културното наследство,  рече американскиот амбасадор.

Заменик-министерот Недељковиќ истакна дека конакот е значаен примерок на традиционалната македонска архитектура.

- Возобновувањето на оваа градба со непроценлива вредност и враќање на нејзиниот сјај од минатото е голем чекор во зачувувањето на ова вредно наследство, голем чекор за негова соодветна презентација пред посетителите. Од денеска секој граѓанин на нашата држава или гостин од странство ќе може да го посети манастирскиот конак кој плени со својата уникатност и убавина, со својата вонвременост и возвишеност, истакна Недељковиќ. Тој посочи и  дека Американската амбасада во континуитет е голем поддржувач и пријател на Македонија. 

Архиепископот г.г. Стефан се заблагодари за американската помош и добра волја и за заложбите на Министерството за култура и на Градскиот конзерваторски центар. Тие интервенирале по барањето на старешинката на манастирот Марија која скоро 50 години живее таму и известила дека конакот е во незазвидна состојба.

- Од името на Македонската православна црква и Скопската епархија, особено од името на мајка Марија и на сите претходни жители на манастирот, да ви заблагодарам на сите кои на свој начин помогнавте да се зачува делото во кое генерациите пред нас вградиле и многу вера, и многу љубов, и многу надеж, и за себе и за генерациите по нив, а се за слава на бога и на неговите светии, рече поглаварот на МПЦ.

Договорот за грант од 98.900 американски долари за обнова на  конакот беше потпишан во септември минатата година меѓу Амбасадата на САД и Министерството за култура. Во изминатите 12 години овој споменик на културата е меѓу 11-те во Македонија кои се обновени од фондот и кои вкупно добиле повеќе од еден милион долари.

Обновениот конак е изграден во средината на 17 век. Има приземје и кат со простран чардак. Во конакот има фурна и огниште, а низ приземните одаи тече поток. Има уште еден конак, на јужната страна, изграден во  19 век.  Манастирската црква посветена на архангелите Михаил и Гаврил датира од 14 век. Изградена е во периодот меѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389). Градена е по примерот на црквите на Света Гора. Живописана е во 1591, под ктиторство на свештеникот Никола кој ги ангажирал сликарите. Во тоа време е направен и иконостасот, од кој е зачуван само крстот. Сегашниот иконостас и иконите се од средината на 19 век. Црквата и иконостасот се реставрирани во 1991/1992 година.