Министерот Јанакиески во Москва ќе потпише спогодба за соработка со Русија во железничкиот сообраќај

 

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска и утре ќе учествува на 5. Меѓународен форум „Транспорт на Русија“ што се одржува во Москва.

Во рамките на форумот Јанакиески ќе има билатерална средба со неговиот руски колега Игор Е. Левитин на која ќе биде потпишана Спогодбата меѓу владите на Република Македонија и на Руската Федерација за соработка во областа на железничкиот сообраќај.

Станува збор за спогодба која е од исклучителна важност за развивање на соработка меѓу двете земји во меѓународниот железнички сообраќај. Со потпишувањето на Спогодбата се промовира конкурентен меѓународен железнички сообраќај со минимално интервенирање од страна на државата, со што ќе им се овозможи на патниците поголем избор на услуги, ќе се поттикнат железничките превозници на двете земји да формираат иновативни и конкурентни цени на услугите, а во исто време ќе се обезбеди повисок степен на сигурност и безбедност на железничкиот сообраќај.

Во рамките на работната посета на Москва, министерот Јанакиески ќе има средби и со релевантни претставници на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка во однос на реализацијата на проектите за гасификација.