Груевски: Знаењето, вештините и стандардите ќе донесат прогрес

Дозволете сега за неколку други работи. Какви се односите со ДУИ? 

- Се трудиме да се добри.

Само толку? Делува неубедливо... 

- Имаме несогласувања. За некои наоѓаме решенија, за некои сеуште не. Реков еднаш и пак ќе кажам, односите со ДУИ во првиот и во вториот мандат не се исти. Во вториот се влошени, но сеуште на одржливо ниво. Се додека имаме тренд на зголемување на стандардите во сите сфери, ќе има логика нашето коалицирање. Тоа е наша мисија како политичари. Постојани реформи на подобро. За подобро на сите, независно дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Бошњак, Влав или нешто друго. Независно дали е христијанин или муслиманин, или атеист.

На што конкретно мислите кога велите зголемување на стандардите?

- На закони, одлуки, мерки, реформи  и нивно спроведување со кои граѓаните се чуствуваат подобро, со кои се решаваат нивните проблеми и им се нудат повеќе можности, независно дали е тоа попрофесионална администрација, понезависно и поспособно судство, понезависни и поефикасни инспекции, поправично оценување, поправично добивање титули на основ на знаење и вештини, труд и работа, а не врски, корупција или партиски интервенции. Никогаш нема да има и никаде нема идеално општество, но нашата цел е да се стремиме кон тоа, и без застој да се движиме напред. Да создаваме мерки со кои ќе им се помага на болните и пациентите, и ќе се воведе правичност во наградувањето на лекарите, судиите, обвинителите, наставниците, професорите, дипломатите, итн... Се повеќе да има ред и поредок. Правда и еднакви можности зависно од учинокот. 

Екстерното тестирање е удар врз транзициското слепило

Која од овие споменати работи ги придвиживте?

- Многу, ама и има уште многу. Екстерното тестирање во основните и средните училишта е почеток на крајот на ерата во која царуваше неправично оценување кое започна како тренд во деведесетите заедно со транзицијата и новопечените богаташи, кои непосветеноста на развојот на децата сакаа да го компензираат и  купуваат со поправање на нивните отценки преку притисоци врз наставниците и професорите, кои пак притиснати од дел од ваквите родители, на крај решија за да им биде чиста совеста кон оние кои немаа таква моќ, на сите да им пишуваат високи оценки. Невелам дека се помина идеално во првата година на екстерното отценување, ниту пак дека тоа како систем е идеално, но е голем удар за транзициското слепило кое не води кон општество без знаење, без морал, без етика, без вистински вредности, не води кон навики дека се може да се заврши без знаење и труд, по заобиколен пат, со пари, со моќ, независно дали е таа финасиска, политичка, општествена...Екстерното тестирање е неповратен процес. Тој само ќе се усовршува. Се враќаат вредносните системи кои почиваат на личен труд и знаење.

Слично е и со плаќањето по учинок во здравството. Свесно си навлековме многу противници и со оваа реформа. Со верба дека градиме општество со повисоки стандарди и вредности.  И таа мерка има свои слабости. Нема идеален систем, посебно во здравството никаде во светот. Но има подобри и послаби. Се соочивме со жестоки критики и напади. Отпорот беше голем. Реформите бараат жртви, и ние сме свесни за тоа, но и во многу наврати покажавме спремност за тоа. Ама знаеме дека среднорочно позитивно ќе влијае на односот лекар пациент. Се менуваат и подигнуваат стандардите, се наградуваат најдобрите, се охрабруваат оние со послаб учинок да се подобрат. Не во која партија е, или кој му е близок, или на било кој начин клку е моќен, туку, колку помогнал на пациенти, и каков квалитет има, наспроти што и колку пациентите го посакуваат да им е лекар. Сега многу сме посветени на додатните обуки на лекарите. Нема добро здравство без постојано следење на светските трендови и учење.

Во секоја професија правило е дека кој сака да напредува, треба да знае дека цел живот мора да учи. Факултетот и постдипломските се само подготовка и учење како низ животот еден професионалец да напредува и да продолжи полесно да учи. Тоа е посебно важно во здравството. И министерот и јас договараме обуки насекаде низ светот. Тие веќе почнаа. Планот е секоја година по најмалку 500 медицински лица да одат на обуки за напредно знаење во странство, и да учат нови методи на работа. Годинава веќе околу 300 медицински лица заминаа за конкретни обуки. На почетокот имаше отпор и кон ова. Несфатливо, но имаше. Сега нема. Напротив, се повеќе расте конкурентноста кој каде и побрзо да отиде. Тоа ме радува. Се промени свеста. Имаше зачмаеност. Уседеност. Безволност. Сега во таа фела, веќе губиш на углед и на авторитет  ако не се доусовршуваш, затоа што другите го прават тоа. Тоа ќе не носи напред. И ние преземавме додатни мерки кои го стимулираа ова. На пример, освен што платата им тече додека се на обука, а таму се им е платено и плус добиваат некои екстра средства, предвидовме во законот одреден број месеци медицинското лице да прима поголема плата ако отиде на некоја обука и се усоврши за некоја нова метода на лекување. Почна да функционира и она што го ветивме на изборите: двојната плата за 100-те лекари со најголем учинок. 

Со ова ќе се намали и бројот на пациенти кои мора да одат на лечење во странство, од причина што многу методи кои во минатото не се практикуваа во Македонија, сега се учат на обуките и се практикуваат. Тоа ни прави заштеди на пари, а пак затоа воведовме закон, откако претходно го ветивме на изборите, дека секој што ќе мора да оди на лечење во странство и тоа го констатирла стручна комисија, нема да плаќа повеќе од 200 евра. И годинава ова почна да се применува. Секој кој сега преку медиумите бара пари за лечење во странство, треба да знаете дека тоа се случаи кои самите одлучиле да одат на лечење надвор, а не дека тоа лечење не е можно и во Македонија, и за тоа има одлука на стручна лекарска комисија. Освен што праќаме лекари на обуки во странство, и носиме странски специјалисти тука да вршат обуки на нашите лекари.

Економската дипоматија ќе ни биде главно оружје

И кај дипломатите ги променивме некои нешта. Нема веќе дипломат без меѓународно призната диплома со точно утврден степен на знаење на англиски јазик и на други јазици. Нема веќе докажување дека некој знае странски јазик со диплома од соседната улица, или со лично кажување дека знае. Ниту пак е доволно ако некој знае јазици да стане дипломат. Дипломатите не се преведувачи, знаењето странски јазик е само предуслов. Треба да има повеќе способности, вештини, знаења, искуства. Се ориентираме повеќе кон економска дипломатија. Со новиот закон се спречува и обично вработување во МНР без да се докажат преку различни тестирања способностите. Нема ни денгубење на вработените низ градските кафулиња во работно време, а тоа да не е регистрирано во учинокот. Среќен сум што овој закон од први јули, годинава, стапи на сила. Системски се следи работата на сите и сечиј учинок. Се е видливо. Министерот Поповски воведе дополнителни нови стандарди кои самиот ги практикувал и ги видел кога работеше во Европската Комисија, пред да биде ангажиран од нас. Од дипломатите и вработените во МНР се бара конкретен резултат, пред се економски за оние кои се надвор, а не голи фрази или фасада без содржина.

Немојте да ми кажете дека и измените на законот за абортус беа покачување на стандардите...?

- Апсолутно дека беа. Станува збор за правата на жената да ги има сите информации пред да ја донесе конечната одлука за абортус. Но, за жал ние како Влада не успеавме најсоодветно тоа да го искумуницираме со граѓаните. Тоа беше наш пропуст, а во Парламентот и во дел од медиумите не начекаа на нож. Дури и некои наши коалициони партнери во Парламентот хистерично врескаа за да се прикажат како нечии заштитници, со цел да приграбат некој политички поен на наш грб, без предходно да го прочитаат и анализираат законот, без да дојдат на координацијата на пратеничката група за таму да се расчистат нејаснотиите. Излезе дека ние нешто лошо сакаме некому да направиме, а другите демек спасуваат ситуација. Некои недоволно упатени граѓани не разбраа како да сакаме да им се вмешаме во нивната интима, што апсолутно не е така. Невладините организации финасирани од Фондацијата „Отворено општество“ ова го видоа како шанса уште еднаш да ни се нафрлат сметајќи на слабата комуникација која ја имавме по овој закон и на неговата карктеристична чуствителност. Дента кога се утврдуваше дневниот ред на Собранието, кога дојдоа пред Парламентот да протестираат заедно со некои новинари, министерот за здравство ги покани да влезат внатре за да се разбереме. Одбија. Тоа говори се. И за искреноста во намерите и за политичката заднина на нивното делување. Всушност мислам дека и да го искомунициравме најдбро што може, оваа група на луѓе ќе постапеше повторно исто.  

Во парламнтот подолг период стои новиот закон за правосуден испит предложен од група пратеници. Го подржувате ли тој закон?

- Апсолутно го подржувам. Е тој закон е вистинско зголемување на стандардите и ставање ред и поредок во таа сфера. Меѓу останатото законот упатува и на тоа 40 отсто од прашањата на испитот, одговорите да се бараат во учебници од кои се учи на највисоко рангираните универзитети во светот. Јас би го ставил тој процент да е и повисок, но ова е добар почеток. Посебно добро е што со овој закон се елиминира секаква можност да се положи без знаење и учење. Се’ е компјутерски. Испитот се снима и во живо се пренесува на веб страната на министерството за правда, членовите на комисијата не смеат да се задржуваат до кандидатите, а прашањата за секој одделен кандидат ги избира компјутерот преку специјален софтвер, од пул од 2.000 прашња, кои претходно се објавени, и посочено е во која литература ги има одговорите на секое одделно прашање. И за вториот дел од испитот предвидена е одлична процедура. Убеден сум дека откако ќе се усвои и ќе почне да се применува овој закон, многу други земји ќе го превземат од нас. И овој закон не води кон општество на знаење и вештини и правда во однос на тоа кој знае да положи, кој незнае да не положи, и да нема заобиколен пат за доаѓање до диплома.

Зошто толку инсистирате на таа фраза, општество на знаење и вештини? 

- Затоа што Македонија е мала држава, без преголеми природни богаства, без наоѓалишта на нафта или гас, без нуклерани боеви глави кои обезбедуваат некаква моќ, и без илјадници километри морски песочни плажи кои ќе ни донесат милијарди од туризам како што е во некои земји. Нашиот успех може да се заснова исклучиво на знаење и вештини, на вложување во умовите и знаењето на граѓаните. Тука е нашата шанса за успех долгорочно, и мора да направиме се што е во наша моќ да извлечиме максимум во тој дел и да ги охрабриме граѓаните да делуваат во тој правец. И затоа што во светот успешни држави и успешни општетства се оние кои се базирани на знаење, иновативност, претпримништво, научни достигнувања и образование. Дури и оние држави кои добиваат милијарди од нафта и гас, значаен дел од парите ги вложуваат во ова што го говорам затоа што сакаат да изградат општество и генерации кои сами по себе со своето знаење и вештини ќе генерираат напредок. Не случајно на пример Катар им има платено огромни пари на најпознатите американски универзитети да отворат кај нив универзитетски кампуси со ист квалитет како во Америка, за нивните граѓани, Катарците да учат во најквалитетни школи и да добијат најквалитетно знаење и вештини. Никој со сила не ги тера да го прват тоа, ама го прават. Да не говорам за Израел, Америка, Британија, Германија, Кина, Јапонија, сите вложуваат во градење на индивидуи кои ќе добијат знаење и вештини со кои општеството ќе оди напред. Затоа се тоа општества кои долгорочно се осудени на успех.

Албанските политичари повеќе се фокусираат на квантитеот отколку на квалитетот на кадрите. Треба да ги знаеме јазиците на кои зборуваме

Да се вратиме каде што почнавме, а почнавме со ДУИ и Албанците...

- Не. Почнавме со ДУИ. Албанците се друга тема. Ако имаме недоразбирања со ДУИ, незначи дека имаме недоразбирања со сите Албанци. Всушност што има лошо за Албанците во ова што го говорам.

Сепак, ДУИ бараат дополнителни работи околу употребата на албанскиот јазик...

- Мислам дека некои политичари од желба да им се додворат на своите електорати забораваат на некои посуштински работи. На пример, Албанците во Македонија, изучувањето на македонскиот јазик го започнуваат од четврто одделение, а на англиски од прво одделение. Постои отпор, и двата да се изучуваат од прво одделение. Од друга страна, согласно закон, македонските ученици можат да го изучуваат албанскиот јазик факултативно во училиште, но речиси никој не го прави тоа. Политичарите ова го премолчуваат за да не загубат политички поени односно за да не бидат погрешно разбрани и нападнати од политичкиот противник. Се прашувам каде не води ова? Ако сега веќе не живееме едни со други, туку едни покрај други, како ли ќе биде по 20 или 30 години. Како ќе се разбираме меѓусебе? Со преведувачи, или на англиски? Тоа се суштински проблеми, а не дали претседателот на Собрание седницата ќе ја води на македонски или албански јазик, во услови кога преносот на телевизија, Албанците го добиваат со албанска надсинхронизација. 

Дали Вие би дозволиле Вашите деца да учат албански јазик?

- Апсолутно. И не само да дозволам, јас би ги охрабрил да го направат тоа. Покрај, англискиот, знаењето албански јазик е предност. Воопшто земено, учењето странски јазик е богаство, и не случајно народот рекол, богат си толку колку што знаеш јазици, или вредиш за онолку луѓе колку што јазици говориш. Посебно познавањето на јазикот на комшијата е предност а не хендикепт.

Не мислите ли дека на ова ќе ви забележат многу Ваши подржувачи?

- Јас ви кажав, дека го говорам отворено она што го мислам, а имам избор да правам и поинаку. Но мојот избор е отвореноста. Има илјада начини да се каже помеко ова што го говорам, но мојот избор е директно и отворено. Секој кој ќе ми замери треба да се погледне во огледало и да се праша што има лошо во тоа ако го знаеш јазикот на комшијата со кој ќе живееш до крајот на животот. Но, свесен сум дека има предрасуди и отпор за овие прашања, и тоа големи.

Дали е ова промена на Вашите ставови?

- Не, отсекогаш сум го мислел истото. Па јас со години на многу настани каде има доминатно албанско население се трудам да кажам дел од моето обраќање на албански јазик. Тоа е израз на почит кон тие луѓе. Но, доброто знаење на јазикот, не е толку почит, колку корист за секој кој го знае.  Ама ќе ви дадам уште еден пример кога станува збор за односите меѓу Македонците и Албанците. Кога се прават коалиции меѓу политичките партии во Македонија, тие преговори траат со месеци. Мислам дека албанские политички лидери во Македонија многу повеќе внимание посветуваат на квантитетот на функционерските места, отколку на квалитетот на кадрите кои подоцна ги назначуваат. Квалитет кој ќе го издигне целото општество, а не само една етничка група. Не велам дека нема добри кадри меѓу Албанците. Има. Но, тврдам дека помалку се обрнува внимание на тоа од страна на нивнте лидери и партии, при што не се осврнувам на една или две парти или политичари, туку на сите воопшто.

Не подржуваме насилство, со насилство не се решава ништо

Зошто не реагиравте на повикот на ЛДП за осуда на употребата на насилство на хомосексуалците?

- ЛДП е партија која на последните парламентарни избори, после толку многу години постоење и делување, неуспеа да освои доверба на граѓаните ниту барем за еден пратеник. На следните избори ќе успеат да добијат пратеници само ако СДСМ одлучи да им даде пратеник или пратеници како коалициски партнер. Оттука, ние не се водиме по нивните проценки и  повици, за кои граѓаните го дадоа своето мислење преку гласањето, туку по нашите проценки. Ние како партија никогаш не подржуваме насилство, независно кон кого е насочено. Во секоја земја, па и во нашата повремено се случуваат инциденти проследени со насилства. Работа на полицијата е нив да ги реши и преку судската власт да ги санкционира низ процедурите на системот.

Значи не го подржувате насилството кон оваа група?

- Ниту кон нив, ниту кон никого. Со насилство не се решава ништо.

А каков е Вашиот став за протестите на „Веритас“ и пробиваето на кордонот на полицајците и кршење прозор на општината?

- Подржуваме секој човек, група, заедница, здружение или било што на мирен начин да изрази револт, но не подржуваме употреба на сила. Во случајот на „Веритас“, постоеше сериозна причина за протест, но кршењето прозорец не беше најсоодветно. Инаку, во тој случај имаше јасна намера на градоначалникот на Центар, од црквата да направи дива градба. Тоа се виде од образложението на поништувањето на деталниот урбанситички план. Во тој план единствено црквата се гради на зелена површина, и ниту еден друг објект, а тој токму враќањето на зелената површина го стави како единствено образложение. Потоа се вадеше дека мислел на онаа тревна површина спроти хотелот Бристол, ама не кажа дека тоа е дел од друг детален урбанистички план, а не од Мал ринг. Прилично невешт и неискрен начин на оправдување. Инаку, постапката која ја тера градоначалникот, е незаконска, и иинспекцијата за локална самоуправа има законско право да ја поништи доколку се донесе. Ако толку многу сакаше да тера по закон градоначалникот, можеше планот да го даде на Уставен суд, а не да создава вакви тензии. Но, очигледно, во услови на безидејност и немање ниту еден реализиран проект, на човекот му требаше причина да се експонира и да одглуми жртва. За тоа, морам да признаам го бива. Инаку, факт е дека тој во првите два, три месеци откако стапи на функција се покажа дека не е градоначалник кој сака да создава, да гради или решава проблеми. Напротив, тој со своите изјави ги одвраќа и инвеститорите да инвестираат во таа општина. А ако нема инвеститори тој нема да има ни пари нешто да изгради. 

Откако тргна во поход на незаконско поништување на веќе усвоени ДУП-ови со цел спречување на градби, чија подготовка или градба веќе е во поодмината фаза, инвеститорите сфатија дека е ризично да ги вложат своите пари во Општина Центар. Еве на пример, на оглас беше парцела на локација која е веројатно најатрактивна, веднаш до плоштадот Македонија. Имаше повик за јавно наддавање. Тешко дека некој може да најде поатрактивна локација во Скопје. Знаете кој се јави на повикот? Никој! Пропадна. Претходно самиот тој излезе и јавно кажа дека тој повик му е сомнителен или нешто слично, и крај. Толку им треба на инвеститорите. Затоа пак во другите општини продажбата на локации оди добро, и доста се инвестира, од што доста заработуваат самите општини. Тие продадени локации утре ќе бидат градби, центри, паркови, хотели, урбани катчиња, игралишта, училишта, сали итн., а Центар ќе продолжи да се занимава со поправки на бандери и со деструкција.

А однесувањето на Вашите советници тој ден во општината кои заличеа на СДСМ во декември?

- Мислам дека нашата советничка група соочена со неправдата и лошата намера на градоначалникот постапи на начин кој може да се протолкува најразлично, но јас знам дека нивната намера не беше деструктивна, туку напротив, да спречат деструкција на скоро изграден црковен објект. Дали го одбраа најсоодветниот механизам и дали на тој начин треба да се делува, е прашање на кое може да се даде различен одговор. Јас насилство и деструкција не можам и нема никогаш да оправдам, а одговорност за случувањата таму имаат сите чинители. Треба да извлечеме поука, и да продолжиме понатаму со вредностите во кои веруваме. Сметам дека кај нашата советничка група и постоеше извесно чувство на вина, но за среќа брзо се сфати грешката, и понатаму не се повторуваше. Тоа е нашата предност над СДСМ. Кога ќе згрешиме знаеме и да признаеме, и да се извиниме ако треба, и што е најважно да се корегираме.

Владиката Пимен не покажа аргументи и принципиелност

Владиката Пимен не ви беше баш од помош. Се стекна впечаток дека неговите зборови се упатени кон Вашата партија, иако пред да влезе во служба на МПЦ бил активист на ВМРО ДПМНЕ.

- Сум слушнал за тоа дека во времето кога претседател на ВМРО ДПМНЕ беше Љубчо Георгиевски, владиката Пимен, тогаш под неговото крстено име бил активист во младинската организација. Но, не сум слушнал дека е поддржувач на ВМРО ДПМНЕ откако е дојдено новото раководство во 2003-та со новите политики кои ги донесе. Напротив, имам чуено дека самиот ја истакнувал неговата блискост и подршка на Заев, што беше јасно кажано и во неговите интервјуа, каде посочуваше дека МПЦ во Струмица има многу поблиска соработка со СДСМ, отколку со ВМРО, што е нормално право на слободен избор.

Како и да е, милам дека  владиката Пимен меѓу другото имаше проблем што повеќе години е владика во синодот на МПЦ, а многу малку луѓе тоа го знаеја, и очигледно анонимноста го оптеретувала. Мислам дека на човекот му недостасуваше визибилност, пошироката јавноста да го запознае, па кога ја виде оваа шанса да го направи ова на наш грб, не се симна од медиумите под контрола на опозицијата цела недела. Којзнае колку бил среќен што конечно смислил причина некој да го даде на телевизија. Па дури почна да раскажува со кого што зборувал по кафичи. Несериозна работа. Не ми личеше ни на поп, ниту на владика, кога ги прераскажуваше кафански муабети на телевизија, кој во кафана што му кажал, и што во кафаната овој му одговорил. Но, негово право е тоа. И негов избор. Потоа, побара да се види со мене, а јас поучен од искуството на многумина дека човеков секој кажан збор го објавува по социјалните мрежи. одлучив да не бидам предмет на неговите општења со јавноста по Фејсбук и на медиумите за тоа кој што му рекол и што тој му одговорил, претпоставив дека и таа средба ќе биде дел од неговите наредни интервјуа, и фејсбук комуникации, во смисла на неговите обиди да излезе од анонимност. 

Сепак ќе потенцирам една работа, не ме убеди во она што најмногу сакаше да ја убеди јавноста. Во неговата принципиелност во ставовите. Дури напротив, за прв пат видов за каков непринципиелен и неискрен човек станува збор. За се што очигледно е непринципиелно и не му одговара бега од одговорите со нејасни одбегнувачки одговори. Кога некои медиуми му поставија прашања за некои непринципиелности на личности и нивно однесување, а кои се од неговото опкружување, за состојбите во МПЦ за кои веќе и јавно се говори, плашејки се дека искрениот одговор ќе може да му наштети, си ја „собра опашката“ и избега од конкретен одговор. Заборави и на принципи, и на верници, и на Господ  и на се’. Кариерата внатре во МПЦ му стана одденаш поважна од принципите.

И конечно, мислам дека во него беше насобрана некоја фрустрација, можеби делумно заради неговиот третман во МПЦ, за кој од самиот него знам дека не беше според неговите очекувања во минатото, а се чини и кон нас како политичка гарнитура, согласувајки се со Вас, дека иако не не спомна, беше доволно јасен дека се обраќа на нас. Не е ни прв ни последен, кому секогаш кога сме можеле сме му помагале, а ни вратил со „дрва и камења“ во прва наредна прилика. Таков е животот, и некои луѓе.

 

Извор: „НетПрес“

 

Категорија: