Груевски: Попречувањата се наш предизвик со кој мора да се справуваме

Желбата за да сторам се’ што е во моја моќ да се подобрат условите за живот е мојот мотив

Само што се вративте од Кина, за некој ден заминувате за Хамбург, Германија, а оттаму за Вилнус, Литванија. Пред само десетина дена бевте во Виена на самитот на Европската Народна Партија, веднаш потоа за  Естонија и Калининград, Русија. Во април бевте и низ неколку земји на Јужна Америка. Во септеври во програмата Ви се некои градови во САД. На што се должи Вашата прилично честа меѓународна активност во последните неколку години?

Се должи на мојата да желба да сторам се што е во моја моќ да се подобрат условите за  живот во Македонија. Најчесто овие патувања се комбинирано политички и економски, а некогаш се само економски или само политички, зависно од настанот и од ситуацијата. Значаен дел се поврзани со обидите за привлекување инвеститори, кои ќе отворат нови работни места во Македонија, а некаде воспоставување или продлабочување на односи, релации и пријателства со земјите од меѓународната заедница, а во некои случаи, кај доста значајни земји, играчи во меѓународните односи, за жал, се случува дури и нивна политичко економска посета за првпат од независноста на нашата земја. Тоа е мојата главна цел.

Компанија од Детроит најави дека ќе инвестира во Македонија

Каков  е одзивот?

- Некаде е подобар некаде послаб, зависно од многу фактори. Еден од факторите е и логистиката која ја имаме во одредена земја во смисла на подготовка на настанот, информирање на компаниите, и убедување да дојдат на тој настан. Покрај ангажманот на амабасадите и инвестициските промотори, кои се длабоко вклучени во овие настани, користиме и друг лица или институции кои можат да ни помогнат. Направивме и многу развиена мрежа на почесни конзули, и во најголем дел тоа се крупни и угледни бизнисмени. Во многу од случаите тие носат многу компании и го бараме тоа од нив, затоа што статусот почесен конзул како што се дава, така може и да се одземе. Треба да помогнат нешто на земјата која им го дала тој статус. Некаде од голема помош е и дијаспората. На пример, Мајк Зафировски многу ни има помагано, со отворање врати и силна препорака кај крупни компании чии врвни менаџери или сопственици се негови лични пријатели. Некаде тоа го прават други пријатели на Македонија или стопански комори. На прмер во Индија освен промоторот и амбасадата, многу ни помагаше Субрата Рој, кој ги покани највлијателните луѓе од земјата на презентацијата. Во Мексико целокупната организација ја превзеде најбогатиот човек на светот, Карлос Слим, и неговиот син Карлос Слим Јуниор, кој го води телекомуникацискиот бизнис која е нивна главна дејност.  Во Турција огромна е политичката подршка на премиерот Ердоган и ангажманот на Стопнската комора на Турција. Лани кога имавме презентации во Кина, клучна беше поддршката на властите и стопанската комора. Секаде е различно. Некогаш имаме по 200 или 300 или во некои случаи дури 400 присутни компании, но има места каде доаѓаат и помалку, по 30  или 40. Во некои земји е поголем интересот, во некои помал. Но, наше е да се бориме. Се случувало некаде да има и по 25 до 30 компании присутни, а да излезат  една, две или три многу заинтересирани компании. Нема правила. Никогаш незнаеш како ќе биде, мора да се вложуваат напори. Но, покрај масовните прзентации, некаде одиме и на таргетирани селектирани комании, и тоа директно кај нив. Еве на пример пред година или година и пол кога бевме во Детроит, посетивме три фабрики, и толку. Но, една од нив, веќе ни најави влез во Македонија, и позначаен број врботувања. Важен е бројот на присутни компании, но и квалитетот на компаниите како и нивното селектирање од страна на тој кој ги поканил, кој ја правел логистиката. Инаку, некои земји за вакви настани користат специјални агенции кои се прилично скапи за нас, и засега не сме користеле нивни услуги. На пример една соседна земја склучи договор со една од афилијациите на „Фајненшел Тајмс“ која се занимава со вакви организации, но за 4 организирани настани годишно само за услугите на агенцијата ќе плати 2 милиони евра.

Посетата на Кина беше успешна, со Русија ќе потпишеме договор за Јужен Тек

Како ја оценувате последната посета на Кина?

- Посетата во Кина ја оценувам мошне успешна и корисна. Имав прием и средба со првиот човек на државата, новиот претседател на Кина, како и со новиот премиер, на која средба присуствуваше и министерот за трговија, како и заменик министерот за надворешни работи на Кина. Тие се избрани на овие позиции пред само три месци, и беше важно да се воспостваи комуникација и да се продолжи добрата соработка со оваа земја која е наш принципиелен поддржувач и втора најголема економија во светот, и економија во експанзија. Интересно е што и на двете средби, со Претседателот и Премиерот, како и на интервјуто за ЦЦТВ, откако ги слушнаа условите за правење бизнис во Македонија, ми беше забележано дека потребна е посилна промоција на она што го нудиме во Кина, пред кинеските компании. Инаку, она што се трудиме да го обезбедиме е наше учество во пакетот од 10 милијарди долари кои Кина ги одреди за подршка на проекти во земјите на Централна и Источна Европа, како и привлекување компании од Кина кои планираат градба на капацитети во Европа. Имавме и други средби, учество на конференција за соработка на Кина со источна и централна Европа, обиди за воспоставување релации за обука на наши лекари за традиционалата кинеска медицина и повеќе други активности. Се на се се вратив со одлични впечатоци од оваа пријателска земја, и со надеж дека соработката ќе се продлабочи.

Некако остана да виси прашањето за непотпишувањето на гасоводниот проектот Јужен Поток со Русија. Има ли нешто што се случи или навистина технички беа причините како што беше официјалното објаснување? 

- Конечно вчера руската влада го прифати проектот и објави потпишување. Со Русија имаме се’ подобри релации, што е меѓудругото и резултат на наш ангажман во тој правец, после долг период на неоправдано запоставување на односите со оваа земја. Не мислам дека има некои суштински причини или скриени намери за Јужен Поток. Русија е голема држава и некои работи одат побавно отколку што ние очекуваме. Но, нема задна намера. Најважно е што се заврши се’ што требаше и што самата Влада на Русија го објави тоа и закажа потпишување наскоро. Тоа е историски чин за нас, и  за нашите меѓусебни односи. За Македонија овој нов гасовод ќе обезбеди долгорчна енергетска сигурност, и сега и планираната внатрешната градба на мрежа на гасна инфраструктура добва поголема смисла.

Остануваме во НАТО мисијата во Авганистан, членството во НАТО и во ЕУ е наш врвен приоритет

Дали на Кина и Русија не им пречи нашата намера да се зачлениме во НАТО и ЕУ?

- Никогаш не спомнале такво нешто. Мислам дека на нив им е позната состојбата и ориентацијата на нашиот регион, но и нашата желба да соработуваме со сите, и да градиме одлични и пријателски односи и со нив, како што и самата ЕУ и НАТО градат такви односи со нив. Глобализацијата ги поврзува земјите и регионално, но се повеќе и пошироко од тоа, како на пример земјите од БРИКС или НАТО на пример.

А дали водечките земји од НАТО и ЕУ се противат на се поголемото отворање на македонската надворешна политика во последните години кон повеќе земји и континенти?

- Никогаш немало такви забелешки или сугестии, ниту директни ниту индиректни. Па ние ја следиме надворешната политика на ЕУ во тој правец. ЕУ има повеќе држави со кои има стратешко партнерство, меѓу кои се Индија, Кина, Русија, Бразил, САД, Мексико, Јапонија, Канада и други. Сите ние се бориме за подобра иднина и поквалитетен живот на нашите граѓани. Нема соработка без лична комуникација, дијалог, меѓудржавни договори и промоција. Како што претседателот на САД  или на ЕУ оди во Индија, Кина, Русија, Бразил, како што се среќаваат со лидерите на Казахстан, Азербејџан, Јапонија, Сингапур, Катар, Мексико итн. во обид да направи нешто добро за нивните граѓани, така тоа го правам и јас и нашата Влада. Се разбира ние сме помали, а тие поголеми држави и имаме различни пристапи, потреби, очекувања, но во основа е истото ова што го кажав.

Повеќе земји планираат да го продолжат учеството во НАТО мисијата во Авганистан по 2014-та во форма на тренинзи, обуки и слично, се разбира во намален број војници и полицајци? Каков е планот на Македонија околу ова?

- Најпрвин дозволете да истакнам дека нашите војници во Авганистан вршат голема работа за Македонија и одлично не преставуваат. Оценети се со највисоки отценки, и тоа е за почит и за честитки. Покрај тоа, ротацискиот шестмесечен престој таму, и за самите нив, е едно ново и неповторливо искуство како професионални војници во амбиент на вистинска мировна, но и воена мисија. Во однос на вашето прашање одговорот е дека Македонија веројатно и по 2014-та извесен период ќе остане во мисија во Авганистан со намален број војници, со цел тренинзи и обуки на авганистанските безбедносни сили. 

Во однос на ЕУ, слично како и за НАТО повеќе пати изјавивте дека се соочуваме со неправди кон нас. Остануваме ли со истиот елан во напорите за зачленувањето?

- Членството во ЕУ и НАТО, и покрај сите неправди кои ни се случуваат, остануваат наш врвен приоритет. Тоа е интерес на Македонија, но и на регионот. Во крајна линија тоа е интерес и на ЕУ и на НАТО. Попречувањата кои ги имаме се наш предизвик со кој мора да се справуваме. Таква ни е кармата. Историски гледано никогаш ништо лесно не сме добиле и постигнале и никогаш ништо не ни било подарено. Се’ е со огромни напори и жртви, со попречувања и попречувачи, а за неправди, пак, да не зборуваме. Но, сме успевале, и ќе успеваме. Еден ден некој ќе се срами од ова што ни го прават.

Има многу аналитичари кои се прашуваат зошто сакаме да влеземе во ЕУ чија иднина е доведена во прашање?

- Затоа што тоа е интерес на земјата во овој момент. Јас незнам дали после 20, 30 или 50 години ќе ни биде интерес тоа членство. Впрочем, какко што може да се влезе, може и да се излезе во некое друго време ако тоа го налагаат околностите и интересите. Но, сега имаме интерес да влеземе во ЕУ. Не само заради структурните фондови кои се огромни пари, туку и заради многу други користи кои една мала земја од ваков турбулентен регион ги добива со членството. Многу историски настани од пред 50, 100 или повеќе години кои навидум се неразбирливи, можат лесно да се разберат само ако се проникне во тоа време и се разберат тогашните предизвици, проблеми, стравови, надежи, состојби. Затоа и најдобри историчари не се оние кои од денешен аспект носат суд дали некој пред сто години постапил исправно или не. Најдобри историчари се оние кои ќе навлезат во суштинските детали на тоа време, добро ќе го објаснат, и тогаш ќе стане јасна секоја одлука и причината за неа. Од една таква перспектива сосема е различна оценката за некој потег. Така е и со ова. Незнам како од аспект после 100 години ќе изгледа оваа наша борба за членство во ЕУ и НАТО. Можеби некој ќе ја фали, а можеби ќе ја критикува и исмејува. Но, јас знам дека во ова време, од мноштво причини, како економски, така политички и безбедносни, членството би и’ помогнало на Македонија. И ако тој што ќе носи оценка тогаш проникне во длабочината на нашето време во кое жевееме, и добро ги разбере проблемите, предизвиците и ризиците, ќе констатира дека оваа наша стартешка определба и напори биле исправни.

Ова ме потсетува на различните оценки за нашите историски личности околу нивните чекори пред стотина години...

- Да, вашата компарација е на место. Имаме историчари кои на пример левицата во ВМРО ја величеше а десницата ја осудуваше. Други пак ги сметаат за грешки или неразбирливи некои чекори од тоа време, на пример барањето автономија наместо незвисна држава. Но, има и историчари кои наместо да се постават како судии кои носат судови со ум од денешно време, без прникнување и разбирање на тоа време, многу поаналитично им приоѓаат на работите и резултатот на судот е поинаков. Јас ги почитувам многу повеќе вторите. Па така, ќе кажам дека во најголем дел и левицата и десницата се бореле за иста цел, но едните и другите избирале различни патишта, пријателства и поддршки, различни стратегии, методи, што за жал ги донело до меѓусебни пресметки. Тие понекогаш и ги менувале тактиките, сојузништвата, па и одредени нивни лични ставови, што може да се рабере само ако длабоко се проучи времето во кое живееле, севкупната атмосфера, распоред на сили, ризици, и други клучни моменти од тоа време. Но, тоа бара и повеќе работа, и повеќе труд и напори во проучување, читање, истражување. Така е и со ова прашање. Од денешен аспект и од денешна гледна точка членството е наш интерес.

Јас сум политичар кој отворено, јасно и недвосмислено ги испраќа пораките  

Што е целта на писмото кое пред некој ден го испративте до Самарас? 

- Се што имав да кажам кажав во писмото. Немам додатен коментар. Одбрав да бидам политичар кој прилично отворено, јасно и недвосмислено ги испраќа пораките, без скриени намери, политички игри или спинови, без трикови и блефови. Тоа што го мислам, јасно го кажувам. Не треба толкувања и толкувачи. Не дека неможам и поинаку, се разбира дека можам, но ова е мојот избор. Му се допаѓало тоа некому или не. 

Има ли одговор од Самарас?

- Засега нема. Треба да почекаме.

 

Новинар: Дејан Николовски

Извор: „НетПрес“

 

Категорија: