Премиерот Груевски препорачува дислокација на Топилницата

Како резултат на реакциите во јавноста, и анализа на силните и слаби страни на процесот, како и на можните ризици, согледување на изнесените ставови и перцепциите на јавноста, и консултации со познавачи на приликите, претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, ја разгледа состојбата околу можностите за евентуално рестартирање на Топилницата во Велес.

Почитувајќи ги стратешките определби за заштита и унапредување на здравата животна средина, како и определбите за креирање на бизнис клима за развој на економијата и привлекување на инвестиции, земајќи ги во предвид и почитувајќи ги ставовите на граѓаните на општината и градот Велес, премиерот Груевски, им препорачува на инвеститорите да размислат за просторна дислокација на Топилницата, на место кое што на ниту еден начин нема да предизвикува оправдани стравови кај велешани, односно место каде што ќе се смета дека нема да ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните на Велес.

Владата е подготвена да и помогне на компанијата во процесот на дислокација доколку компанијата ја прифати препораката. Владата поддржува отворање на нови фабрики кои отвораат нови работни места, но сепак пред се, и над се мора да биде здравјето на луѓето, на сите нас, на нашите деца и на идните генерации на кои треба да им оставиме здрава животна средина. Во тој правец, дури и ако компанијата ја дислоцира Топилницата на место надвор од градот Велес, таа мора да ги примени највисоките еколошки стандарди.

Трагедијата на многу велешани која се случуваше во минатото не смее да му се повтори во иднина ниту на Велес, ниту на било кој друг град во Република Македонија.