Јанкулоска: Граѓаните од дијаспората имаат право да учествуваат во изборот на власта во Македонија

Министерке Јанкулоска, неодамна, актуелниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски побара одговор на прашањето кој е нарачателот и извршителот на случајот Пустец. Ќе му одговорите ли во оваа прилика?

Прашањата кои тој се обидува да ги наметне во јавноста се прашања за кои одговорите се дадени и тука практично без разлика дали некои работи му се допаѓаат или не, или на кој било граѓанин дали му се допаѓаат или не, секој државјанин на Република Македонија, со неговото државјанство, има одредени права, но и обврски кон државата. Така што, независно од неговиот личен однос кон Македонците од дијаспората, тие се сепак наши државјани и имаат одредени права. Целата држава сведочи за случајот, еве на пример како најеклатантен во Кичево и во Струга каде што илјадници луѓе од дијаспората дојдоа само на неколку часа во Република Македонија, го остварија своето гласачко право кое им е гарантирано со Уставот и таму се избра градоначалник на начин на којшто се избра и несомнено тоа е волјата на граѓаните и тие градоначалници кои се избрани во следниве четири години ќе раководат со општината каде што слободно можам да кажам, волјата на луѓето кои се малцинска заедница, во смисла на постојано живеење во тие општини, се наметна како волја на некое виртуелно мнозинство и на тој начин беа избрани локалните власти и во Кичево и во Струга, меѓутоа без оглед како тоа изгледа и дали на некого му се допаѓа или не, бидејќи нели имаше многу коментари по однос на овие случаи во јавноста, сепак нашите закони тоа го дозволуваат, така што тука нема простор за какво било повикување на одговорност или какво било спорење на процедурата. Впрочем и ДИК како најлегитимен и најнадлежен орган го потврди и го потпиша избирачкиот список за сите општини во Република Македонија, а сите партии, вклучително и партијата на градоначалникот на Центар, потврдија дека избирачкиот список е беспрекорно чист и дека врз основа на тој избирачки список изборите може да почнат и може да завршат, впрочем како што и завршија. Инаку факт е дека господинот Жерновски од кога дојде на функцијата градоначалник, наместо да се зафати со некои суштински прашања кои се од негова надлежност, тој постојано се обидува да ја дефокусира јавноста. Впрочем еве веќе цела недела па и повеќе, тој ја занимава јавноста со наводен обид за негов поткуп, меѓутоа до денешен ден ниту пријавил такво нешто, ниту пак обезбедил каква било информација до надлежните институции врз основа на која ние би можеле да постапиме и да го расчистиме случајот.

Што доколку тој одлучи да не ги каже имињата коишто вие ги барате? Што тогаш ќе направите и што ќе направите ако ви ги каже имињата?

Во секој случај ние секогаш кога имаме какво било сознание кое може да резултира со обезбедување докази постапуваме без исклучок. Значи, сме имале повеќе случаи каде што обвинителот постапувал по јавно допрен глас, меѓутоа одговорноста на секој поединец е да даде свој придонес во борбата против криминалот и корупцијата. Прикривањето на кривично дело е само по себе пропишано како кривично дело во Кривичниот законик. Посебна е одговорноста на јавните личности. Не е доволно и не е во ред да тврдите дека вие 100-процентно гарантирате дека некаде има обид за криминал без притоа да соработувате со институциите. Ако не ги каже јавно личностите кои му нуделе поткуп, за кои тој тврди дека му нуделе поткуп, тогаш легитимно јавноста ќе почне да се сомнева дека тој е соучесник во една таква операција или, пак, дека свесно одел со манипулација, да не речам лага, со цел да привлече внимание врз себе или, пак, да го одвлече вниманието од некои суштински прашања со кои тој треба да се занимава.

Тој вели дека нема да ги каже имињата токму поради тоа што од претходните искуства се сомнева дека институциите на системот би реагирале, па посочува некои примери кога не реагирало МВР?

Па не знам, јас не се сеќавам на такви искуства, а и статистиката не бележи такви искуства, така што можеби се тоа некои негови искуства од времето кога неговата партија била на власт, па имало практика да се калкулира со тоа кои случаи ќе се откриваат, кои случаи нема да се откриваат.

Уште еднаш ќе ве навратам на Пустец. Не само опозицијата или обвинувањата и одговорите коишто ги бара Жерновски, забелешки за гласачи од Пустец коишто непосредно пред изборите добиле лични карти имаше и во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР. Дали министерке Јанкулоска за вас ова е затворен случај? Го истраживте ли докрај и дали еве ги проверивте адресите коишто ги посочува опозицијата?

Секој државјанин на Република Македонија има права. Без разлика дали Македонците од дијаспората се луѓе кон кои одредена политичка структура има симпатии или аверзија, тие луѓе имаат права и тие права им се гарантирани со Уставот, така што тука нема простор за никаков коментар, исто како што на некого можеби не му се допаѓа што на само неколку часа дојдоа илјадници луѓе од дијаспората, пред сè етнички Албанци, за да го дадат својот глас во Кичево и во Струга, меѓутоа нашите закони, нашата регулатива тоа го дозволува. Непосредно, па дури и на самиот ден на изборите тие луѓе дојдоа со чартер-летови, со автобуси, го дадоа својот глас и сега Кичево и Струга имаат градоначалници како што имаат. Тоа е нешто што нашите закони го дозволуваат.

Дали вие видовте 60 луѓе коишто живеат во ист стан, како што тврди опозицијата?

Вие не може да им ги ограничите права само затоа што вас или на некој политичар, поединец или група на луѓе не му се допаѓаат. Тие права се гарантирани и луѓето имаат можност да ги уживаат тие права, односно да партиципираат во изборот на власта во Република Македонија и на централно и на локално ниво. Доколку се отвори дискусија по однос на тоа дали луѓето од дијаспората треба да имаат вакви права, местото на таа дискусија е во Собранието на Република Македонија. Отворени сме за дискусија.

Министерке Јанкулоска, јас ве прашувам дали ги проверивте тие адреси што ги споменува опозицијата и дали видовте дали навистина има 60 луѓе што живеат во ист стан?

Јас повторно ќе ве вратам на суштината на прашањето. Нема ништо недозволено во однос на правото на граѓаните од дијаспората да учествуваат во изборот на власта во Република Македонија. Имаат право и да учествуваат на парламентарни избори, имаат право и да учествуваат на локални избори. Дали 7000 луѓе дошле и гласале во Кичево, дали илјадници луѓе дошле и гласале во Струга или во Штип или во Центар или во Струмица или во која било друга општина, тоа е веќе прашање на избор на поединецот дали ќе го оствари своето избирачко право, но тие луѓе ги имаат истите права како што ги имаме и јас и вие и кој било градоначалник или член на совет на општина, која било јавна личност и кој било обичен граѓанин – државјанин на Република Македонија. Правата се гарантирани и тие мора да бидат еднакви за сите.

На денот на полицијата, ја обвинивте опозицијата дека ја потцениле полициската униформа и дека креирала насилни сценарија. Ќе цитирам дел од вашиот говор – „Нема да дозволиме децата, сопругите и мајките на нашите колеги кои ги жртвуваа животите во 2001-та, да бидат сведоци како некој варварски се обидува да ги збрише паметниците на нивната жртва“, иако јас не се сеќавам дека некој кажал оти дека дислоцира или ќе руши споменик на бранители. Можете ли да ме објасните што конкретно значи ваквата изјава? Дека полицијата ќе реагира при обид на дислокација на кој било споменик?

Полицијата ќе реагира секогаш кога ќе има потреба да реагира, значи полицијата не го ограничува своето реагирање на конкретни објекти или на конкретни субјекти, поединци или групи. Полицијата реагира во услови пропишани со закон, а услови пропишани со закон за кои полицијата е надлежна да реагира се нарушување на јавен ред и мир, оштетување на туѓ имот или кој било друг случај кога ќе биде побарана наша асистенција.

Неодамна министерот за правда најави дека ќе бидат екстрадирани двајцата обвинети во случајот Монструм коишто беа пребегани во Косово. Дали со екстрадирањето на овие двајца обвинети се затвара полициската истрага за овој случај?

Полициската истрага во овој момент е практично истрага која е одамна затворена, затоа што ние уште на 1 мај минатата година сè што имавме во прилог на кривичната пријава го доставивме до органите кои понатаму треба да го процесуираат.

Значи во меѓувреме ништо не се пронајде?

Дополнително не сме добиле нови наредби, меѓутоа до самото завршување на случајот со правосилна пресуда, судот и обвинителот може да издадат нова наредба до нас. Ако издаде, впрочем како и досега, експресно ќе постапиме.

Имате некакви информации зошто сè уште тоа не се случило, што ја кочи екстрадицијата?

Во оваа фаза случајот е во надлежност на Министерството за правда, меѓутоа јас како министер за внатрешни работи во повеќе наврати лично разговарам со министерот за внатрешни работи на Косово од кого добив уверување дека ќе направат сè што може да направат за да се забрза случајот. Но, сепак ќе речам дека во оваа фаза надлежноста е кај двете министерства за правда. Од она што го следам преку медиумите и од изјавите на министерот за правда се добива впечаток дека се што Република Македонија требаше да подготви, да испрати, да достави до косовските власти е веќе одамна подготвено и доставено и сега се чека реакција на косовските власти.

Неодамна исто така во Косово беше уапсен познатиот нарко-бос Насер Кељменди. Постојат шпекулации дека истиот тој човек оперирал во Македонија и дека одржувал контакти со одредени криминални групи. Имате ли вие такви сознанија?

Знаете, ние како Министерство за внатрешни работи не коментираме шпекулации, ние постапуваме по информации и тогаш кога ќе обезбедиме докази, ако обезбедиме докази кривична пријава. И во таа смисла и покрај тоа што се работи за лице кое е познато не само во регионот, туку и пошироко, да не речам лице кое се сомничи за многу серозни криминални активности, јас не би одела со некои подетални објаснувања или елаборирања за евентуална негова вмешаност во кривична дела за кои во моментов јавноста шпекулира или сè уште не почнала да шпекулира. Доколку обезбедиме докази, ние поднесуваме кривична пријава.

Во последниов период актуелни беа неколку големи акции – Агент, потоа се случи Фаланга 2, Диригент. Да ве навратам малку на операцијата Агент, зошто ви требаа 4 години да се спроведе една акција за којашто делата што се случиле се случувале и завршиле во 2009-та година?

Некои од активностите траат малку подолго отколку што јавноста смета дека треба да траат, меѓутоа според нас суштинското прашање е: Дали кривичната пријава која ја поднесуваме до обвинителството е доволно добро издржана, односно дали има доволно докази за да таа биде поткрепена и понатаму во соодветна постапка судот да може да одлучи на начин на кој ние условно речено претпоставуваме дека треба да одлучи. И во таа смисла по однос на конкретниот случај јас ќе кажам дека подолг период наназад ние имавме одредени сомневања и сознанија, меѓутоа сè до момент дури не ги потврдиме, односно документираме доказите, ние не би се осудиле да поднесеме недоволно аргументирана кривична пријава.

Дали можеби бевте претпазливи затоа што во акцијата е вклучен поранеше висок државен функционер?

Ние не правиме разлика по однос на тоа кој е вклучен и дали е вклучен поранешен или актуелен функционер од власта или од опозицијата, од институциите. Но ние сме секогаш претпазливи кога поднесуваме кривична пријава, но од аспект на професионалната работа, а тоа е дали е доволно аргументирана и поткрепена со докази соодветната кривична пријава. И оваа и секоја друга пријава пред да биде официјално поднесена повеќе пати се прегледува, разгледува, анализира, за да не се доведеме во ситуација некогаш да направиме грешка, бидејќи сепак се работи за луѓе, се работи за докази и ние мора да сме сигурни дека она што му го презентираме на обвинителот е тоа кореспондира со некоја реална ситуација која се случила во даден период.

 

Извор: „Радио Слободна Европа„

Новинар : Марија Тумановска