Ставрески: Заемот од 130 милиони евра ја покажува довербата од реномираните банки кон Македонија

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 13. седница ја почна расправата за Предлог-законот за задолжување на државата со заем кај Дојче банк и Сити банк.

Со предложеното законско решение, Македонија ќе добие заем од 130 милиони евра по поволни услови, со рок на отплата од пет години, еднократно по истекот на петтата година по повлекување на средства и фиксна каматна стапка која во денешни услови изнесува 4,2 проценти. Гаранција за заемот е обезбедена од Светска банка.

Средствата ќе бидат потрошени за буџетски потреби и за капитални инвестиции и за ликвидноста на економијата.

- Македонија ги трпи последиците од она што се случува во Европа. Приливот на средства во буџетот по сите основи се соочува со извесни ризици имајќи предвид дека е проектиран на економски раст кој не предвидуваше вакви околности во европската економија. Тоа подразбира од сите носители на економската политика внимателно водење на економската политика и придржување до фискалните параметри што се усвоени од страна на Собранието, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој образложи дека се работи за извонредно поволен кредит по исклучително поволна каматна стапка кој е добиен од две реномирани банки. Нагласи дека станува збор за инструмент што им се дава на земји во кои Светска банка има доверба и кои имаат ниско ниво на задолженост и добри макроекономски политики. Појасни дека се одлучиле 35-те милиони долари од Светска банка да ги искористат како гаранција за да обезбедат 130 милиони евра под исклучително поволни услови, наместо да користат директна буџетска поддршка од 35 милиони долари.  

Според Ставрески, каматната стапка  е најповолна и убедливо најдобра што Македонија ја има добиено во изминатите 10 години.  

- Тоа е направено врз основа на гаранцијата на Светска банка и квалитетот на економските политики на Република Македонија кои беа потврдени во извештајот на Дуинг бизнис, но и од страна на рејтинг агенциите, рече Ставрески.