Во Вашингтон одржана културна манифестација „Благодарност од македонскиот до американскиот народ 2011“

Во свечениот амфитеатар на Центарот Роналд Реган во Вашингтон во понеделникот беше одржана третата по ред културна манифестација „Благодарност од македонскиот до американскиот народ 2011“, со која оваа година беше одбележана и 20-годишнината од независноста на Република Македонија во главниот град на САД.

На концертот настапија уметниците Борис Трајанов, во придружба на Дарко Мариновски на пијано, Венко Серафимов на гитара, Бобан Мирковски на пијано и Александар Икономов на гитара, со програма која опфаќаше стари македонски народни песни, џез композиции од американски автори и извадоци од познати класични дела. Настапот на македонските уметници предизвика овации кај публиката. Особено воодушевување кај присутните гости предизвикаа македонските народни песни, дел отпеани на македонски, дел во превод на англиски јазик.

Поздравни обраќања на манифестацијата имаа амбасадорот на Република Македонија во САД Зоран Јолевски и заменикот помошник државен секретар за европски и евроазиски работи амбасадорот Филип Рикер.

Амбасадорот Јолевски се заблагодари за поддршката и соработката на САД уште од првите денови по осамостојувањето на Македонија и потенцира дека нема подобар знак за партнерство и доверба меѓу две земји од тоа кога нивните војници се борат рамо до рамо за истите вредности и идеали во трети земји.   

Амбасадорот Рикер го пренесе интересот на САД за демократска и просперитетна Македонија и ја нагласи цврстата американска поддршка на патот кон европското и евроатланско интегрирање на Република Македонија. Во говор полн со емоции и убави впечатоци од досегашните два престоја во Македонија, Рикер го поздрави напредокот кој државата го постигна во овие 20 години и ставајќи посебен акцент на придонесот на Република Македонија во ИСАФ посака што поскоро заокружување на процесот на интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО.

Со оваа културна манифестација беа одбележани и 20-годишнината од независноста на Македонија и 19-годишнината на Денот на АРМ. Посебен белег на вечерта даде присуството на офицери од Националната гарда на Вермонт и АРМ. Амбасадорот Јолевски во име на министерот за одбрана Фатмир Бесими на генералот Рој му предаде благодарница упатена до Националната гарда на Вермонт. Генералот Рој заблагодарувајќи се за честа укажана на Гардата, во име на генералот Дуби го истакна значењето и улогата на македонските војници на Авганистан и со пофални зборови  говореше за нивната стручна подготвеност и храброст. 

Оваа традиционална манифестација прерасна во препознатлив белег на македонската Амбасада во Вашингтон во претпразничниот период на крајот од годината. Над 250 гости од администрацијата, Конгресот, дипломатскиот кор, од невладиниот и бизнис сектор, како и од македонската дијаспора и оваа година имаа можност да уживаат во дел од богатата македонска култура.  Меѓу гостите беа и министерот за странски инвестиции Бил Павлески, конгресменот Роберт Адерхолт и извршниот директор во Светска банка Руд Треферс. Настанот беше организиран во соработка со Министерството за култура на Република Македонија и бизнисменот со македонско потекло Енди Пејков.