Македонските и црногорските граѓани наскоро со лични карти ќе ги минуваат границите на двете земји

Македонските и црногорските граѓани наскоро ќе имаат можност државните граници на двете земји да ги минуваат само со лични карти, е еден од заклучоците од билатералната средба на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со нејзиниот црногорски колега Иван Брајовиќ одржана на маргините од конференцијата на министри за внатрешни работи на земјите од т.н. „Салцбургшки Форум“ што се одржува во Софија, Бугарија.

Оваа иницијатива, предложена од министерката Јанкулоска, соопшти денеска МВР, наскоро ќе биде операционализирана преку потпишувањето на билатерален договор за взаемно минување на границите само со лични карти.

Јанкулсока во бројните активности што ги имаше за време на одржувањето на министерската конференција, меѓу другото предложи во рамки на полициската соработка со Црна Гора и Бугарија, за време на туристичката сезона македонски полицијаци да бидат присутни во туристичките центри во овие земји, а напоредно и полицајци од Црна Гора и Бугарија да бидат присутни во нашите туристички центри. При тоа, овие полициски службеници би имале одредени ингеренции во областите на јавниот ред и мир и сообраќајот.

Првично е договорено македонските полициски службеници да извршуваат задачи во Банско во зимскиот период и на приморјето во текот на летото, додека странските полициски службеници би биле присутни во нашите туристички центри Охрид, Маврово, Попова Шапка, но и на други места доколку се јави потреба. Ваквата иницијатива, стои во соопштението од МВР, веќе е доставена и до полициите на Турција и Србија, а ќе биде доставена и до Министерството за внатрешни работи на соседна Грција.

Покрај ова, министерката Јанкулоска иницираше во рамки на скорешното потпишување на договорот за полициска соработка со српското МВР, да биде опфатена и можноста полицајци од Македонија да учествуваат во обезбедувањето на Европското првенство во ракомет, што треба да се одржи во Србија, односно да бидат застапени во Ниш, каде што ќе се натпреварува македонската ракометна репрезентација. И оваа иницијатива на Јанкулоска наиде на прифаќање од страна на спрскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.