Конференција „Регионални и безбедносни динамики во Западен Балкан“- Безбедносната ситуација во Регионот е стабилна

Генерално безбедносната ситуација во Регионот е стабилна, со некои помали загрижувачки елементи и тенденции, кои не влијаат врз безбедноста во Македонија, но значајно е да се преземаат мерки и на меѓународно ниво, заклучија учесниците на регионалната конференција „Регионални и безбедносни динамики во Западен Балкан“ што се одржа денеска Скопје, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Аналитика Тинк Тенк.

Заменик министерот за одбрана Емил Димитриев во обраќањето на конференцијата потенцира дека сите земји од регионот имаат иста цел - интегрирање во ЕУ и во НАТО. На тој план, подвлече, имаме заеднички активности на кои можат да се фокусираат националните капацитети за да можеме да изградиме квалитетна регионална и мултилатерална соработка.

- Посебен белег на Западен Балкан му дава тоа што се уште доволно не е интегриран во колективните системи - ЕУ и НАТО. Во перспектива останува да се работи на тоа поле, а тоа ќе придонесе и за зголемување на безбедносната ситуација, рече Димитриев. Ваквите конференциии, смета тој, во голема мерка помагаат да ја потврдиме и да ја искажеме подготвеноста за нашите евроатлантски аспирации и да ги реафирмираме ставовите дека Република Македонија ги има постигнато сите потребни стандарди за членство.

- Република Македонија активно придонесува во сите регионални и мултилатерални иницијативи и со наша дипломатска активност мислам дека ќе бидеме сведоци во скоро време - Македонија ќе биде онаму каде што го заслужува своето место, изјави заменик министерот за одбрана Димитриев.

За Ања Чимек, претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Македонија останува безбедносен фактор во Регионот. Годишниот извештај на ЕК, подвлече, покажува дека Македонија и покрај „тешките односи“ со Грција, како и регоналните прашања и меѓународните обврски, сепак, игра конструктивна улога во Регионот, особено во безбеносните прашања.

Според Дениз Близ, од Академијата за одбрана во Обединетото Кралство и поранешен командант на НАТО штабот во Скопје, Македонија е подготвена за членство во НАТО, вложи многу труд и ги исполни највисоките стандарди. Сепак, тврди дека нема никакви шанси до самитот на Алијансата во Чикаго да се промени концептот на консензуалност, врз основа на кој, рече, функционира повеќе од 60 години.

- Македонија треба и мора да биде членка на НАТО, но само треба да го реши билатералното прашање за името со Грција, изјави Близ.

Западниот Балкан е успешна приказна, која се уште не е завршена, констатира Лазар Еленовски, претседател на Евро-атланскиот совет на Македонија, истакнувајкќи оти останува да се работи на одредени билатерални и регионални прашања.  Главен безбедносен проблем во регионот, смета тој, е организираниот криминал и корупцијата.

- Најверојатно Чикаго НАТО самитот нема да има проширување, ако во последен момент нешто не се случи. На Македонија не и треба самит за да стане членка. Нашата земја ги исполни сите критериуми, останато е прашањето за името и затоа ако некој треба да се труди да го реши, тоа е Македонија, затоа што треба да влезе во Алијансата, изјави Еленовски потсетувајќи дека на секоја наредна седница на НАТО амбасадорите може да се упати покана за членство за Македонија.

За Западен Балкан не постојат опасности од големо нарушување на мирот, оцени Владимир Ѓорчев, претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но постои економско-социјална вознемиреност. Покрај заканите кои со децении постојат на Балканот, подвлече тој, постојат и нови моменти, но со работа во мултинационални структури, тие можат да се минимизираат.

- Македонија внимателно ги следи сите случувања во соседството и во тој дел покажавме дека имаме капацитет како држава да ја сочуваме безбедноста и тоа во моменти кога дури имавме и отворени војни во соседството. Сега станува збор за тензии од помал обем, кои Македонија будно ги следи, изјави Ѓорчев. На новинарско прашање дали има опасност од радикален ислам, тој изрази надеж дека сето она што се нарекува традиција, соживот и меѓуверска толеранција се вредности кои Македонија ги негува и ќе ги зачува.

Во однос на претстојниот самит на НАТО во Чикаго, Ѓорчев истакна дека Македонија ќе ги искористи сите можности кои и стојат на располагање, иако, како што рече, сме блокирани од Грција, која непринципиелно го користи правото на вето.

Според Андреја Богдановски од Аналитика Тинк Тенк, на Балканот некои работи по ужасните слики од почетокот на 90-те години се променети. Тој смета дека Западен Балкан во 2000 година стана определба и цел на надворешните политики на НАТО и на ЕУ. 

- И фактите и бројките покажуваат и затоа сум убеден дека Македонија де факто дејствува како земја членка на НАТО. Доволно е да се види само придонесот на Македонија во Авганистан, рече Богдановски.

Учесниците на регионалната конференција направија и анализа на трендовите во безбедносната и одбранбена политика на ЕУ и НАТО и можните импликации, а дадоа  и оценка на учеството на Македонија во мировни мисии и предизвиците кои претстојат на тој план.