Министерот Јанакиески се сретна со американскиот амбасадор Волерс

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска се сретна со амбасадорот на САД во Република Македонија Пол Волерс.

На средбата, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, Јанакиески го запозна амбасадорот Волерс со приоритетните проекти за 2012 година меѓу кои и проектот за гасификација, како и проектите за рехабилитација на железничката инфраструктура и изградба на патниот дел од Коридорот 10 на ниво на автопат.

Амбасадорот Волерс изрази задоволство од работењето на Министерството за транспорт и врски, искажувајќи воедно поддршка и подготвеност за продолжување на соработката.

Во изминатиот период Министерството за транспорт и врски во соработка со УСАИД успешно го имплементираше пилот проектот за електронска распределба на ЦЕМТ-дозволите, а соработката активно продолжи и во изготвувањето на електронската апликација за јавни наддавања кои општините во Република Македонија ги употребуваат во процесот за менаџирање со неизграденото градежно земјиште, сопственост на Република Македонија.