Министерот Тодоров го затвори Невролошкото одделение во штипската Клиничка болница

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го затвори Невролошкото одделение во Клиничката болница во Штип.

Тодоров по направената обиколка на Невролошкото одделение и по разговорот со лекарите и медицинскиот персонал истакна дека оваа одлука ја донел поради катастрофално лошите услови за нега на пациентите кои ги има на ова одделение.

- Миризбата веројатно не можат да ја доловат камерите, но ние кои што сме тука можеме да почуствуваме како е, имајќи ги во предвид сите овие околности денеска донесев одлука да го затвориме ова одделение. Ова одделение не треба да постои тука, рече Тодоров.

Тој истакна дека Невролошкото одделение е одалечено од останатите одделенија на штипската Клиничка болница околу два километри што дополнително ја комплицира работата на лекарите, но и состојбата на пациентите ако се има во предвид дека станува збор за болни лица со мозочни удари кои треба да се транспортираат од едно на друго место.

Тој посочи дека дека една од алтернативите за дислоцирање на Невролошкото одделение е во рамки на инфективното одделение каде  се одделил еден дел кој подолго време не се користи.

- Имаме во Клиничката болница простории кои се во многу пристојна состојба, а стојат празни, а во исто време имаме пациенти коишто лежат во тотално нехумани услови и лекари кои работат во истите тие услови, борејќи за животот на тие пациенти, вели Тодоров.

Тој најави дека конкретни решенија и препораки за проблемите во Клиничката болница ќе даде в петок откако ќе направи детална анализа на состојбите.

Тодоров потврди дека при синоќешната ненајавена посета на одделенијата во Клиничката болница затекнал две медицински сестри како пушат цигари во недозволени простории. 

- Тоа е забрането во сите јавни простории, а особено е забрането во здравствени простории и тие се веќе казнети, рече Тодоров.

Двете медицински сестри се парично казнети, а шест се прераспределени на други одделенија.

Министерот за здравство Никола Тодоров најави дека во наредните денови ќе оствари средба и со лекарите од Клиничката болница и ќе ги посети останатите одделенија.