Груевски: Република Македонија положи сериозен тест на зрелост

Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски

Почитувани граѓани на Македонија,

Почитувани претставници на медиумите,

Со задоволство дозволете ми да информирам дека денеска на 1 март 2013 година,   победија правдата и принципите.

Наспроти сите случувања во изминатиот период, сите предизвици со кои заеднички се соочувавме, денес покажавме зрелост и наспроти сите песимисти, кои мислеа дека не можеме, односно дека грешиме кога нудевме различни опции и предлози, кога бевме спокојни и трпеливи, кога со принципи се спротивставувавме на хаосот што беше создаван, кога предложивме и продолжување на рокот за доставување на листите, или кога ја потврдив комисијата за расветлување на настаните од 24ти декември, за време на потпишувањето на нашиот коалициски договор пред неколку недели итн. Кога човек работи по принципи и со аргументи и кога верува во тоа што го прави, тогаш резултатите се неминовни, тогаш, решение секогаш се појавува.

Дозволете со задоволство да ве информирам дека денеска кај претседателот на државата се постигна договор за враќање на опозицијата во парламентот и за настап на предвидените локални избори, без притоа да има условувања за организирање на предвремени парламентарни избори, или одложување на локалните избори.

Со ова државата избегна еден опасен преседан, кој можеше скапо да не чини не само нас како генерација, туку и следни генерации по нас, заради различни основи.

Со цел да нема забуна и погрешна, случајна или намерна погрешна интерпретација на она што денес е договорено, би сакал да ги обзнанам принципите од договорот кои ги штитат позициите за кои се залагавме,

•             За враќање на нормалниот политички живот:

               - Сите партии да се вратат во Собранието и да учествуваат на закажаните локални избори.

•             За изборниот календар:

              -  Да се обезбеди соодветно време за регистрирање на кандидатските листи за локалните избори.

             - Да се оствари средба непосредно по локалните избори за да се разговара за внатрешно-политичката ситуација, вклучувајќи ги и наодите на Анкетната комисија за настаните од 24. декември, и да продолжат разговорите, со добра волја, за сите опции, и без прејудицирање за дефинирање на времето за одржување на следните парламентарни избори, врз основа на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, така што резултатите да може да се земат предвид во следниот Извештај за напредокот од страна на Европската Комисија.

Целосниот текст од она што беше утврдено на денешната средба во моментов ќе ви биде доставен од нашата владина прес служба.

Доколку се појават шпекулации или инсинуации во јавноста надвор од точките утврдени денес, кои ви ги доставуваме, а за кои сите заедно се сложивме, треба да е јасно дека тие се дел од нечија дневно - политичката реторика и не се точни.

На крај, сакам да потенцирам Република Македонија положи сериозен тест на зрелост, нејзините институции исто така, и сакам да се заблагодарам на граѓаните за досегашната поддршка за ова, во што се залагавме. Пред нас се локални избори, кои ќе бидат организирани во фер и демократска атмосфера, согласно меѓународните стандарди, и ние за овие избори сме максимално подготвени со свои програми и кандидати, и врз основа на тоа, очекувам силна победа на претстојните избори.

Почнуваме со кампања, почнуваме со вистинските теми, кои се директно поврзани со решенија на дневните проблеми на граѓаните, за конкретни мерки, реформи, проекти кои треба да го подобрат животот на граѓаните, а не за баук теми од кои никој нема фајде и со кои некој сакаше подолго време да ја замајува јавноста. Продолжуваме со силно темпо, и ако досега бевме воздржани, дури и да не одржуваме митинзи, и не сакавме да бидеме злоупотребени за дневна политика било што и ако направиме, колку тоа и да е добро, сега ви најавувам, сега ќе видите што значат митинзи, што значи народ, што значи енергија и верба во нашата идеја, сега ќе видите што значи поддршка од народот и од каде ја црпиме нашата сила.

Ви благодарам на вниманието.

Бог да ја благослови Македонија!

 



 

Категорија: