На државните универзитети ќе биде воведена Оракл академија

На петте државни универзитети во Република Македонија ќе биде воведена Оракл aкадемија, информира денеска министерот за образование и наука Панче Кралев на отворањето на „Денот на Оракл“.

- Оракл академијата претставува програма која на образовните институции ширум светот им обезбедува софтвер, наставна програма, поддршка и ресурси кои во иднина факултетите ќе можат да ги користат и интегрираат во своите секојдневни наставни активности. Како резултат на тоа, студентите стекнуваат практично искуство применувајќи најнови технологии и развиваат вештини, кои им се потребни на компаниите, појасни Кралев.

Тој истакна дека Оракл академијата дава поддршка на 1,5 милиони студенти во глобални рамки и на околу 600 илјади студенти во Европа, Блискиот Исток и Африка.

Суштината да се биде успешен на училиште, на факултет, на работа и во семејството, според министерот, драматично се смени во изминатите неколку децении.

- Конкурентноста на земјите се повеќе се базира и станува зависна од високо образованата работна сила. Во денешниот свет базиран на знаење се бараат нови вештини, што значи високо ниво на знаење и применети вештини, односно комплексно ниво на комуницирање и развивање на вештините на размислување, рече Кралев.

Покрај Оракл академијата, Оракл во соработка со Министерството за образование и наука ја спроведува и Тинк квест програмата, која според Мери Куцера-Илиевска претставник од Оракл, претставува платформа со која на учениците во основните училишта им се овозможува да соработуваат со заеднички проекти во училиштето заедно со наставниците или со сите деца во светот кои се вклучени во иницијативата.

Со оваа програма, информира Куцера-Илиевска, во Македонија се опфатени 160 училишта и над 2.500 ученици од основното образование.