Работилница за улогата на невладиниот сектор за преговори за пристапување во ЕУ во областа на животната средина

Невладиниот сектор претставува партнер со кој заедно ќе се заложиме да постигнеме одржлив развој и да ја оставриме целта за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на отворањето на работилницата „Преговори за пристапување во ЕУ во областа на животната средина и улогата на невладиниот сектор“. 

Тој нагласи дека семинарот е организиран со поддршка на Шведската влада со цел да се постигне подобро разбирање на невладините организации и Министерството за меѓусебните обврски и права во процесот на европските интеграции.

- Соработката со невладиниот сектор е битен фактор за остварување на нашите цели. На МЖСПП му е неопходна поддршката од невладиниот сектор, затоа сметам дека само со заедничка соработка Министерството може да постигне портфолиото за животна средина да навлезе длабоко во општеството на нашата држава, рече Адеми.

Шведскиот амбасадор во Република Македонија Ларс Валун истакна дека работата и подобрувањето на животната средина е многу тесно поврзано со граѓанскиот дух на земјата и оти невладините организации и се потребни на државата и обратно.

- Нивото на учество на невладините организации е мерка за вклученоста на граѓаните, но важна е и улогата на Владата, односно Министерството, рече Валун посочувајќи дека на секоја држава и е потребен невладин сектор и на секоја невладина организација и е потребна државата.

Тој нагласи дека е важно е Македонија да ги третира невладините организации како најголем партнер, а не како непријатели. - Зеленото општество не го создава само државата и законите, туку и секој граѓанин, додаде Валун.